Божиќна посланица, 2015 лето Господово

Петар, по милоста Божја, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, на сето свештенство, преподобно монаштво и верните чеда во Преспанско-Пелагониската и Австралиско-Новозеландската епархија, им испраќа мир и благослов, поздравувајќи ги со радосниот поздрав:
Христос се роди!

„Ако се сомневаш во тоа дека ќе станеш Син Божји, тогаш увери се во тоа, потсетувајќи се дека Синот Божји стана Син Човечки“ (Свети Јован Златоуст)

Христос се роди!

Слушајќи ја оваа вест, сиромасите се израдуваа, грешните се развеселија, слепите се осветлија, болните се утешија, а фатените заиграа. Слушајќи ја оваа вест, ораторите паднаа во недоумие, бидејќи тоа ги направи учените да молчат, философите да се засрамат, а царевите да затреперат. (старец Јахинт)
Возљубени чеда во Христа Богомладенецот! Рождеството Христово е тајна на тајните. Толку чудесно и необично е Неговото раѓање, така што ангелите ликувале и пееле возвестувајќи ја оваа радост кон луѓето, а пророците, уште од дамнина, трепереле пред видението дека Бог ќе се покаже на земјата и заедно со луѓето ќе поживее.
А како да не е чудесен овој настан, кога Бог слегува на земјата, во човечко тело, за да го спаси човекот? Доаѓа во светот да го подигне паднатиот Адам. И не само толку, туку доаѓа човечкиот род да го насочи кон целта која Адам требаше да ја постигне, доколку не паднеше во грев – да го постигне подобието Божјо: обожувањето.
Денес, Светата Дева, Пресуштествениот Го раѓа. Денес таа в прегратки го држи Оној Кој што целата вселена не може да Го смести, а сега Он во јасли, во пештера, како во лулка е сместен.
И кој ли нема да се зачуди од ваквото снисходење Господово? Он, горе на небесата е Син, долу е роб! Горе е Цар, долу е наемник! Горе е на престол Божји, долу е во пештера! Горе – големи работи, долу – мали пелени: Оној што ги врзува гревовите, сега во пелени се врзува! Оној што сите ги храни, сега на земјата се храни. И Оној што ги пушта изворите, сега од мајчински гради е надоен (Свети Атанасиј Велики).
Возљубени празникољубци!
Рождеството Христово е голем историски настан: се случува во одредена епоха, во времето кога во Римската Империја владееше (императорот) Август, а во Јудеја царот Ирод. Затоа, освен карактерот на овој настан, како тајна, Црквата отсекогаш го нагласувала и неговиот историски карактер, со тоа покажувајќи дека Исус Христос е и историска личност, а тоа значи дека Он, иако Бог – второто Лице на Светата Троица, зеде вистинско тело човечко, со човечка душа, со ум, разум, со волја, и со чувства, во сè подобен на нас, освен во гревот. Воплотувањето Христово не беше претпоставка и привидение; не беше ни историска фарса, ниту митолошка претстава, туку непобитна реалност и вистина.
Бог навистина стана човек: Бог вочовечен, а не човек обожен, и при сето тоа, без да престане да биде Бог. Станувајќи човек, Он не изгуби ништо од Божеството, а Светата Дева не го загуби девството.
Зарем беше потребно Синот Божји да стане Син Човечки? Зарем беше потребно да слезе од небесата и да се воплоти од Светиот Дух и од Марија Дева и да стане човек? – ДА. И токму затоа што човекот, не можеше самиот да се спаси од гревот. Целото Божествено Писмо го сведочи тоа! Почнувајќи уште од првата радосна вест во рајот, по паѓањето во грев на Адама и Ева! Сите Пророци! И сите Патријарси! Па дури и незнабошците велеа: „Или Бог ќе дојде на земјата, или светот ќе пропадне“ (Сенека).
Потребно било, Спасителот, освен Бог, Кој е Семоќен, Самобитен, Беспочетен и Творец, да биде и човек – со душа и со тело, бидејќи и едното и другото паднало во грев, така што и едното и другото требало да се избави од гревот и смртта и да се спаси.
„Христос го прими на Себе целиот човек, за целиот човек да го спаси“ (Свети Григориј Богослов).
Синот Божји потребно било да стане човек, затоа што требало да ја пролее Својата крв: „Крвта на Исуса Христа нè очистува од секаков грев“ (1 Јов. 1, 7).
Потребно било Синот Божји да стане Син Човечки, за потоа и човекот да стане Син Божји, и така „ Преку Него, устата човечка стана уста на Бога Словото, а очите човечки, станаа очи на Бога Словото“ (Отец Димитру Станилое).
Синот Божји ја зеде човечката природа врз Себе, ја подигна, ја избави од царството на ѓаволот, ја обожи и ја исполни со Божествена слава. И со неа се вознесе на небесата и седи оддесно на Отецот.
Наши мили духовни чеда!
Во настанот на Рождеството Христово, зеде учество целото создание: ангелите, небото, пештерата, јаслите, па дури и животните; пастирите, како луѓе со едноставни и чисти души, и мудреците од Исток – како мудри и учени луѓе, и како претставници на другите незнабожечки народи. Погледнете ја иконата на Рождеството Христово? На неа се изобразени сите овие учесници во радосниот настан. На овој ден, целото создание се радува и целото создание се исполнува со Божествена благодат. А во средината на иконата е Божествениот Младенец Христос, Кој е извор на нестворената благодат Божја – Божествена енергија која осветува и обожува.
Пастирите:
Пастирите се првите луѓе кои слушнале дека се роди Спасителот на светот. Тие ја слушнале ангелската песна, и ним ангелите им се обраќаат упатувајќи ги да одат во пештерата, каде ќе најдат повиен Младенец, како лежи во јасли (Лк. 2, 9-12). Ете, пастирите беа удостоени со ова видение, не дека случајно се нашче во близина на пештерата. Тие се нашле тука по Божја промисла. Имено, тие се првите луѓе, кои ја слушнале радосната вест, поради едноставноста и чистотата на нивните срца, водејќи мирен живот, далеку од светот; тие биле првите луѓе кои ја слушнале радосната вест, сакајќи Христос да ни покаже, дека Он се открива на едноставните и чисти по срце, а не на божемно учените, како што биле книжниците и фарисеите; Христос се открива на пастирите, покажувајќи дека Он ќе биде вистинскиот Пастир на родот човечки.
Мудреците:
Освен Пастирите, и Мудреците од Исток се удостоиле да Го видат, Богомладенецот Христа. Тие не биле астролози, ниту гатачи, туку биле астрономи, кои ги истражувале ѕвездите. Мудреците Го познале Христа преку „светлината на познанието“. Имено, со телесните очи, гледале Младенец, а со очите на душата, гледале Бог Воплотен. Тие се наоѓале на духовно рамниште, доволно високо за да го познаат Бога и да Му се поклонат.
Сето ова го потврдува и тоа што ѕвездата која тие ја виделе на Исток и која ги водела до Витлеем, не била обична ѕвезда, туку била ангел Божји кој им го водел патот (Свети Јован Златоуст). Таа се движела, па застанувала, и пак продолжувала. Нејзиното движење било парадоксално: од Исток кон Запад, а во даден момент – од Ерусалим кон Витлеем, т.е., од Свер кон Југ. Таа се гледала и дење! Таа била надприроден феномен за секој нормален астроном, а за секој теолог – ангел Божји – Архангелот Гаврил, кој бил во постојана служба на Тајната на Воплотувањето на Бога Словото (Јосиф Вриениј). Мудреците астрономи, биле и теолози, односно богослови (оние кои за Бога и со Бога словат) во православна смисла на зборот, бидејќи стигнале до вистинското богопознание.
Возљубени!
Гледаме денес во храмот Божји, присутни мајки, кои очекуваат утеха од Мајката Божја. Тие, со дечиња – младенчиња, и со поголеми дечиња, пристапувајќи кон Пречесното Тело и Пречесната и Сесвета Крв Христови, примаа благослов од Богомладенецот. Гледаме девојки кои бараат милост од Пресвета Дева. Гледаме возрасни, средовечни и постари жени кои се пример на сите, како молитвенички и ревносни чувари на чистотата на православната христијанска вера. Гледаме и набожни исповедници на големината на побожноста на Тајната на Рождеството Христово, на празникот и на денот во кој Бог се јави во тело. Им се обраќаме на сите, а особено на мајките, на бабите и на девојките: внимавајте, тука во Црквата е Христос, а надвор од неа е Мамонот; тука, во Црквата е единството на љубовта – а надвор од Неа е омразата на раздорот; во Црквата се Мудреците – а надвор од неа се гатачите; во неа се пастирите – надвор од неа се наемниците; во Црквата, т. е., кај оние што водат духовен живот е лулката со Богомладенецот и нивните домашни лулки во кои гугаат дечиња – а надвор од неа се лулките без младенчиња.
Тага и жал има во оние куќи во кои што нема лулки, а уште потажно и пожално е во куќите каде има лулки, а се празни поради абортуси или поради немањето желба или уште поточно, немањето љубов да се раѓа, т. е., да се подари живот. И сето тоа, поради лажниот посакуван комодитет и удобство, кои се резултат на преголемото себељубие и егоизам. Едно е јасно, и е повеќе од сигурно: ни чумата низ вековите, ни војните, ни гладот, ни сушите, ни турско, ниту сите други ропства не успеале да го сотрат овој народ. А сега, кога скоро секоја болест се лекува, и не умира никој за корка леб, и покрај економските проблеми, и кога сме свои на своето, единствено може да го направи тоа денешната чума, да сотре еден народ, т. е., нераѓањето на потомство, спреувањето на бременоста со контрацептивни средства и множеството абортуси кои се повеќе од 5-6 војски во Македонија.
Но, има уште нешто пострашно: загубувањето на спасението на душите на оние брачни другари кои го извршуваат тој грев, т. е., пристапуваат кон грозоморниот чин на абортус кој е всушност убиство од најтежок вид, со умисла, планирано, а особено што тоа е нов живот кој е од нивната утроба, живот на душа која не направила никаков грев. Апостол Павле вели: „Жената, раѓајќи деца ќе се спаси“.
Денес, да запееме со песните на ангелите: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ и со поздравот: „Христос се роди!“, да ја однесеме радоста на спасението таму, каде што сеуште не продрела. Оваа радосна вест, внесете ја во куќите на сиромашните. Поделете ја на трпезата со бедните… Тропнете на вратата на скараните. Помирете ги разделените, утешете ги натажените и вознемирените, поткрепете ги малодушните, стоплете ги рамнодушните, згрејте ги млаките, однесете им Го Христа Богомладенецот на заскитаните. Амин!

Христос се роди! Навистина се роди!

Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот Христа, митрополит Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Петар