На 02.01.2020 г., кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец, Свети Данило, архиепископ Српски, Свети праведен Јован Кронштатски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, одбележувајќи ја храмовата слава на манстирскиот храм „Свети Игнатиј Богоносец“, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Георгиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија при манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Јанковец.
На Божествената Лирургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Ако не бидете како ова дете, нема да влезете во Царството Небесно“
Слушнавме од денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, кога се препирале неговите ученици – Светите Апостоли, кој е прв меѓу нив, Тој подигнал едно дете, го поставил на возвишено место и им рекол: „Ако не бидете како ова дете, нема да влезете во Царството Небесно“. А тоа дете е токму денешниот славеник – Светиот Игнатиј Богоносец. Значи станува збор за светител од времето на Господа Исуса Христа.
Свети Игнатиј Богоносец, уште од својата рана младост го носел во своето срце и својата душа Бога и неслучајно, Господ тоа дете го подигнал и им укажал на Светите Апостоли, дека ако не бидат како него смирени и ако не Го носат во срцата нашиот Бог и Спасител, нема да влезат во Царството Небесно.
Па ете, по Божја промисла, овој Божји угодник растел и се воспитувал, гледајќи ги чудата на Спасителот наш, Господа Исуса Христа. Бил поставен да биде епископ – владика во Антиохија и како таков се прославил. Својата патства, своите верни чеда ги научил во верата; од него потекнуваат и оние зборови: „таму каде што е епископот – владиката, таму е и Црквата“ имено, таму каде што нема епископ, околу кого треба да бидат собрани свештенството, монаштвото и верните чеда, таму нема Црква. Бидејќи епископот е оној кој го претставува Господа. Тој седи на Неговото место и токму затоа е кажано дека Господ ги избрал дванаесетте апостоли, а потоа избрал и други седумдесет апостоли, кои ги испраќал по двајца насекаде по светот, да го проповедаат словото Негово, со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“.
Господ не ги пратил апостолите само кај еден народ, ниту само кај Евреите, Грците или кај оние од белата, жолтата или од црната раса, туку кај сите народи во целиот свет. A тоа значи дека на сите народи, треба да им се проповеда Словото Божјо на нивниот мајчин јазик. Светиот Игнатиј, овие Христови зборови дословно ги исполнил: тој бил пастир, не само со зборови, туку и со живот и со дела. Напишал посланија и тие се прекрасни, сите оние што ги читале се восхитуваат на тие негови дела. Тој доживеал и длабока старост 106 години, проповедајќи го Словото Божјо. Но кога настанало времето на гонењето на христијаните, во првите векови, тој бил обвинет од царот дека не сака да принесе жртва на боговите, за што царот му ветил дека ќе го направи да биде и сенатор, односно меѓу првите луѓе во Римското царството, но тој ги одбил тие почести и во никој случај не сакал да се откаже од нашиот Бог и Спасител. Затоа, тој бил осуден на смрт, со фрлање во циркусот – арената во Рим, каде што умирале илјадници христијани, кои ѕверовите ги растргнувале.
Со десетина лоши придружници бил спроведен од Мала Азија преку Тракија, преку нашава Македонија, која е благословена, браќа и сестри, со неговите стапки, минувајќи низ неа, преку Епир стигнал во Италија, во Рим и таму бил фрлен пред ѕверовите. Светиот Игнатиј постојано се молел на Бога, а неговите молитви биле, да не го одвратат неговите чеда од таа негова силна желба, неговото тело да стане пченица, за животните што ќе го растргнат, така да го изедат, да го сомелат, за тој да стане прекрасен Леб Христов, зашто тој велел дека бил пченицата која треба да биде сомелена, за да биде жртва, која себе си се принесол за Христа нашиот Бог и Спасител.
И така, тој од сè што барал, барал од неговата желба да не биде одвратен или спречен, да биде сомелен како пченица во циркусот во арената. Лавовите го растргнале него и го изеле, а меѓу нив останале неколку коски и неговото свето срце. Откако бил изеден, христијаните влегле и ги собрале останатите коски и откако го пресекле неговото срце, со златни букви било испишано името ИСУС ХРИСТОС. Ете, оној што го носел Христа во својата душа и во своето телесно срце, не останал незабележан.
Тој остана прекрасен пример за нас, како треба да го живееме нашиот живот. Но денешното време, не бара такви жртви, зашто денешното време не е како тогашното: стотици, илјадници жртви биле полагани, биле убивани на разни начини, им биле сечени прстите, нозете, биле прогонувани, биле превртувани со сврдли, им се ставало топено олово во нивните усти, биле влечени по улиците со коњи итн. Но тие христијани од првите векови, ни покажале правилен пример како треба да се умре за Христа, нашиот Бог и Спасител. Тие верувале дека ако го положат животот и на сето тоа возвратат со љубов, со тоа ќе одговорат на таа љубов, поради која дошол Синот Божји од Небесата, од прегратките на Отецот, на земјата за да го спаси човечкиот род. Не дошол за праведните, браќа и сестри, туку дошол за да ги спаси грешните од гревот и смртта.
Денес славиме и еден друг светител од поново време, од 19-от век, Светиот свештенослужител Јован Кроштандски од Русија, кој покажал исто голема љубов кон Христа, ги воспитувал своите верни чеда во верата, со својот личен пример. Бил семеен човек, но тоа не пречело тој да биде голем подвижник на Црквата наша Света Православна. Се родил во Сур, во Архангелската област и неговите чеда ги научил и преку своите дела, исто така и свештените лица како треба да живеат, а не само да проповедаат, туку да проповедаат најмногу со своите дела и животи.
Да се помолиме, браќа и сестри, преку молитвеното застапништво на денешните славеници, Светиот Игнатиј Богоносец и Светиот Јован Кроштандски, Господ да нè помилува и спаси. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар