Во периодот на 1 – 2 век, во древната Црква бил воспоставен празник, посветен на Божјите јавувања, празнуван на 6 јануари. Потеклото, најверојатно му било поврзано со гностиците, а поконкретно со Василид ( †140 ). Смислата му била многу поопшта од денешниот празник Богојавление.
Во кој било празнувано и јавувањето на Господа во тело, т. е. Неговото Рождество ( Христовото Рождество). Тоа било причина, долго време да биде празнувано, во ист ден со Богојавление. Во периодот на 4 – 5 век, под влијание на западното Христијанство започнало одвојувањето како самостоен празник. Во западната црква празнувањето на Рождеството Христово го префрлиле на 25 декември, во 354 година.
Во древната црква не бил извесен денот на Христовото Рождество. За ден на раѓањето во епохата на гонењата бил сметан денот на маченичката смрт. Од тука произлегува и негативниот ( потценувачки ) однос, на раните христијани, кон денот на телесното раѓање, „ Зашто ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христос Го познавме по тело, но сега веќе не Го познаваме како таков “ ( 2 Кор.5:16 ) и „ Нека е проклет денот во кој се родив… “ ( Јов 3:3 ). Во евангелието според Лука ( 3:23 ) се вели дека Христос бил крстен на денот на Неговото раѓање. Во различни цркви празнувањето било на различен датум. Според св. Климент Александриски ( †215 ) Господ Исус Христос бил роден на 18 април, според африканските цркви – на 28 март, св. Иполит Римски ( †235 ) го споменува 25 март, источната традиција на 6 јануари, а западните цркви на 25 декември. Шести јануари е сврзан со преданието, дека Спассителот бил роден во денот, во кој бил создаден Адам, т. е. шестиот ден од првиот месец ( Бит.1:16 ). Во периодот на 354 година, една по една, источните цркви почнале да ја примаат праксата на Западната црква. Особено за ова придонеле најголемите вселенски учители и светители на Источната црква: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов, св. Јован Златоуст и други. Антиохиската и Кесариската тоа го направиле во 376 година, Ерусалимската – околу 431 година. Единствено Ерменската продолжила да го слави на 6 јануари. Според некои одделувањето на празникот Рождество Христово од празникот Богојавление било диктирано од потребата за спротивставување на придобивачкото, популарно аријанство.
Прифаќајки го тоа дека „ за Господа еден ден е како илјада години “ ( 2Петр. 3:8; Пс. 8:95 ), и тоа дека Бог човекот го створил во средината на шестиот ден , базирајќи се на некои свети отци како св. Јустин Филозоф ( †167 ), св. Иринеј Лионски ( †202 ), св. Епифаниј Кипарски ( †403 ) и др., некои византиски научници пресметале дека Господ Исус Христос се родил во 5500 година од создавањето на светот, десетти индикт, дванаесетти сончев круг, деветти лунарен ( месечен ) круг, во среда.
Меѓу истражувачите не постои заеднички став за името на празникот одбележуван од незнабошците на 25 декември. Според некои од нив станува збор за така наречениот ден на непобедливото сонце („dies invicti Solis“) или за зимската краткоденица ( или зимското сонцестоење). Други, тој ден го сврзуваат со особеното почитување на богот Митра, од страна на војниците. Во секој случај станува збор, за усвоената во древната црква, пракса, незнабожечките традиции да не бидат уништувани и прогонувани, а според можностите осмислувани и христијанизирани.
Во раната црква било популарно сфаќањето дека Спасителот живеел целосен број на години, вклучувајќи го тоа дека умрел на денот на Неговото раѓање. Во годината на Христовата смрт еврејската Пасха паднала на 25 март. Според тоа, раѓањето Негово станало девет месеци покасно, т. е. на 25 декември. Преместувањето на празникот на Рождеството Христово на 25 декември имало директна последица на воспоставување на празниците поврзани со Рождеството Негово. Обрезанието Господово било востановено на 1 јануари – осум дена по Рождеството, Сретение Господово на 2 февруари – четириесет дена после Рождеството и тн.
Според тоа празникот Рождество Христово ја меморира структурата и редица општи елементи со празникот Богојавление. Претпразненството започнува на 20 декември. Одданието на празникот е на 31 декември, но со него не завршува Рожденственскиот богослужбен циклус. До средината на 7 век Рождеството Христово било сврзано со пост, кој во различни цркви бил со различно времетраење, од еден ден до неколку седмици. По 8 век под влијание на манастирската пракса, времетаењето на постот станал четириесет дена. Околу празникот не се оформил посебен богослужбен циклус, сличен на пред и по пасхалниот.
Како автори на химните на празникот се јавуваат св. Роман Слаткопевец, Герман – Константинополски патријарх ( †740 ), св. Андреј Критски ( †726 ), св. Козма Мајумски ( †776 ), св. Јован Дамаскин ( †750 ) и други. Кон сведоштвата за рождеството бил додаден разговорот на св. Марија со мудреците, разговорот меѓу Неа и Јосиф, за место на Неговото Раѓање е поспчена пештера и тн.
ЛИТУРГИКА, Архимандрит АвксентиЙ, превел богослов Дамјан Трпкоски