Свечена Духовна Академија во чест на Свети Нектариј Битолски

На 17.12.2019 год, после Вечерната богослужба, во Центарот за Култура во Битола, беше одржана Свечена Духовна Академија во чест на Свети Нектариј Битолски, патронот на градот Битола, на која присустуваше и Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар.

Програмата на Свечената Духовна Академија, беше збогатена со духовни песнопенија, од страна на црковните византиски хорови: „Свeти Ахил Преспански“ од Ресен, „Свети Нектариј Битолски“ од Битола, и  женскиот  црковен хор „Света Макрина“ од  Битола.

Пред присутните гости, Митрополитот г. Петар се обрати го пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Почитувана градоначалничке на Општина Битола, г-ѓа Наташа Петревска, високопречесни и пречесни отци, браќа и сестри!

Денес со вечерната богослужба, го започнавме чествувањето на патронот на Битола, Светиот отец наш Нектариј Битолски, кој е светител од нашиот Македонски род, а исто така и еден меѓу најпознатите подвижници и духовници во нашата Света Македонска Православна Црква, кој се родил во Битола.

Од тропарот т.е. од кратката песна што му е нему посветена, ги слушнавме зборовите: „Како ѕвезда зороносна си изгреал на Атос, си го осветил карејскиот скит, те воспита градот Битола, оче наш Нектарие. Просветли ги сите што со љубов те чествуваат“.

Тука ќе застанам, браќа и сестри, и ќе се осврнам на зборовите: „Tе воспита градот Битола“. Навистина во тоа време Битола воспитувала, браќа и сестри, т.е. воспитувале свештенослужителите, старците и стариците, како што порано ни имаше речено ректорот на Богословијата во Призрен (Архимандритот Методиј) дека научил да се моли од битолските баби.

Воспитувале дедовците и бабите, воспитувале татковците и мајките, браќата и сестри, т.е. сите воспитувале, но денеска се прашуваме дали Битола воспитува или не воспитува?

Секако дека воспитува, но дали правилно, црковно, набожно и достоиствено воспитува, или воспитува сосема поинаку од она што најмалку го очекуваме.

Имено, знаеме дека порано, односно пред десетина години имаше поинаква почит кај битолчани за светите работи, т.е. на литиите што ги правевме, кои беа помногубројни, никој не седеше кога го правиме опелото на Спасителот Господ Исус Христос, односно кога со плаштаницата врвевме по широк сокак. Денес сите млади седат, иако ги опоменуваме да направат почит на Спасителот наш Господа Исуса Христа, а исто така  кон Свети Нектариј, но почит нема.

Денес нема почит ни кон татковците и мајките, ни кон дедовците и бабите, ни кон наставниците, ни кон свештениците и владиците, скоро нема никаква почит кон никого, со мали исклучоци кон оние кои се вистински верници и живеат вистински духовен живот.

Ете, во тој дух ќе поговорам и за тоа, односно која е  причината што немаме почит кон никого? Причината е што паднавме многу ниско, браќа и сестри. Вредностите на нашиот Македонски православен народ, не се оние што биле некогаш. Битола беше, како што рече познатиот академик Димитар Митрев, најградскиот град во Македонија, а сега мислам дека не è. Да се запрашаме, зошто е тоа така?

Битола беше еден голем град, а сега е преполовен град. Битола имаше голема почит кон сите и сите по тоа ја препознаваа, а сега Битола не ја препознаваме како Битола, како обител, како манастир, како град на кој треба да се восхитуваме. А за тоа дека Светиот Нектариј треба да ги просветли оние што со љубов го почитуваат, еве гледате и сами колку нè има? Тука нема присутни ни 200 души! Вака не се почитува светител, кој е патрон на еден град. Вака не се љуби оној, како што слушнавме од најавата дека умира за нас православните и се моли на Бога. Од наша страна нема возврат на таа љубов кон нашиот патрон. Ќе направам споредба, а некој ќе рече така е низ цела Македонија. Не е така! Прилепчани многу подостоинствено и поодговорно го празнуваат нивниот патрон Свети Никола. Цел град е на плоштадот и полна им е Црквата.

Утре би сакал да е преполен соборниот храм Свети Димитриј, каде ќе богослужиме Божествена Литургија, но од искуство знаеме дека таму нема да бидат ни оние што се повикани, т.е. оние кои Свети Нектариј го предложија за патрон на Битола и.т.н.

Нема љубов, браќа и сестри, меѓу луѓето како што имаше порано. Нема веќе искреност во луѓето како што имаше порано. Денес на секој чекор ќе слушнеме многу убави и прекрасни зборови, кои се изполнети со манупулација. Сега не се вели дека лажевме, туку дека не го исполнивме ветувањето. Сега не се вели дека луѓето ги мразиме, туку дека  не заслужуваат почит, па  ќе најдеме еден голем број зборови за да ги затскриеме лошите работи спротивни на нашите христијански вредности.

Потребно е, браќа и сестри, да имаме љубов кон Бога и кон ближниот, но факт е дека не се сакаме, факт е дека едни кон други завидуваме, факт е дека дури и во најдобрите семејства љубовта не е на она ниво на кое што треба да биде. Која е причината? Причината е што немаме веронаука во училиштата од претшколска возраст (деветолетка), што немаме веронаука и во текот на средното образование и.т.н. Од искуство знаеме дека кога децата ќе направат порив да дојдат во Црквата и да пеат, веднаш невладините организациии ќе се соберат како орли, за да ги бранат правата на децата, а ние веднаш добиваме страшни удари.

Како ние, браќа и сестри, ќе му се оддолжиме на Свети Нектариј? Еве, толку години веќе го славиме, а црква не му изградивме. Се обидовме во повеќе наврати да изградиме Црква на плоштадот како што доликува меѓу двете џамии, кои своевремено биле православни цркви, но ни од поранешните, ни од сегашните повикани структури, за тоа не добивме одговор т.е. да му изградиме храм на Свети Нектариј. Имаме време и пари за разни други споменици, ама за оној, што за нас се моли постојано, и што постојано умира за нас, за него немаме време, немаме пари, немаме можност, немаме ништо.

Се извинувам што вака вечерва говорам, но тоа е поради загадениот воздух. Страшно е загаден, и ние во Битола умираме поради загаденоста на воздухот. Но нема поголема загаденост, браќа и сестри, од реалната загаденост што е присутна кај нас. Треба да почнеме да се прочистуваме, браќа и сестри, треба да се молиме на Свети Нектариј, како што пееме во неговиот тропар, да ги просветли оние што со љубв го чествуаат, да ни ги просветли Господ нашите умови и да ни ги очисти срцата преку молитивите и застапништвото на Свети Нектариј, зашто во срцата имаме лоши чувства, лоши желби, лоши похоти и лоши страсти.

Ете, со ова ќе завршам, односно ќе апелирам дека Битола не треба да биде  гревовно загадена, зашто пред скоро време на радио слушнав дека во овој наш региот, кој се поклопува со нашата Епархија, од сида заболеле седумнаесет души, од кои петнаесет хомосексуалци и две жени. Ете, гледате во што напредуваме? Во злото! Но, веднаш кога ќе кажеме нешто, некој ќе биде виновен, но можеби јас ќе бидам сега највиновниот што укажувам на нашата гревовна состојба, почнувајќи од мене.

Нека е честит празникот и за многу години. Господ нека нè просветли преку молитвите и застапништвото на Свети Нектариј Битолски. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар