На 18.12.2019 г., кога го празнуваме споменот на Свети Сава Осветен и споменот на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот Битола, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј ставрофорот Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски и Кирил Трајковски, протоѓаконот Драган Георгиевски, ѓаконите Ѓорѓи Делев и Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
После Божествената Литургијата, беше одржана свечена Литија низ градот Битола, со чесните мошти на Свети Агатангел Битолски.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Дивен е Господ во Своите Свети“ (Псал. 67, 35).
Дивен е Господ, браќа и сестри, и во денешниот светител, преподобниот Нектариј Битолски, патронот на градот Битола, кој е светител од нашиот род, роден и одраснат во градот Битола, како што пееме во неговиот тропар. Битола го воспитала да биде светител на нашата Света Православна Црква, а еве по Божја волја, да биде и заштитник на градот Битола.
Тоа момче, кое растело во најтешките времиња на нашата Македонска нација, а тоа е времето на надоаѓањето во голема мера на силната Отоманска Империја, која рушела сѐ пред себе, а врз оние кои ќе даделе отпор, според шериатското право, им дозволувала три дена врз нив да ги вршат сите злодела, односно да ги пљачкосуваат, убиваат, силуваат и.т.н. Но битолчани знаејќи дека Господ ги создал луѓето да бидат слободни оти и Самиот Бог во апсолутна смисла е слободен, затоа им дал и на луѓето да бидат слободни. Битолчани одбраната ја платиле прескапо со илјадници убиства, насилства и пљачкосувања.
Трагедијата на градот Битола, кој имал повеќе од сто цркви и манастири, доживеала сите да бидат урнати до темел, и токму заради стоте цркви и манастири се нарекува со името Манастир. Од тоа време во Битола немаме ниту една Црква. Но затоа, на нивно место се изградени џамии, кои имале за цел, навикнатиот наш Македонски народ, кој доаѓал во тие цркви, сега да доаѓа во џамии и да се покори на отоманската власт и на исламската вера. Но Господ, во најтешките моменти од животот на еден народ, испраќа најсилни луѓе кои стануваат образец на верните, а таков бил и Светиот Нектариј Битолски, кој толку многу го возљубил Бога, што се откажал од сите земни наслади и уживања.
Свети Нектариј, го напуштил градот Битола, не затоа што не го сакал, туку затоа што премногу го сакал, за да може целосно да им се посвети на Битола и битолчани, и за нив постојано да се моли во Света Гора, во Кареја. Таму, Свети Нектариј се издигнал богоподобно на светител, па затоа нашата Света Црква го прославува како преподобен.
Кои се преподобните, браќа и сестри? Во нашата Света Црква има повеќе епитети за светителите. Преподобните се оние кои успеале да го постигнат или здобијат преподобието, односно првата состојба што ја имале нашите прародители Адам и Ева кога биле во рајот, а тоа значи да бидат ослободени од сите телесни и душевни страсти, односно постојано во своите умови да го имаат Бога, и во своите срца, постојано да го чувствуваат Бога, и со својата волја постојано да му служат на Бога. Па така, преподобните, како преподобниот Нектариј Битолски, се уподобиле со цел, посветувајќи му се на Бога, преку постот, молитвите, подвизите, преку постојаната грижа за спасението на верните и на својата душа, со цел преку молитвите и подвизите да ги спаси, и верните, и себеси, како што вели Светиот апостол Павле, дека на сите луѓе им бил сѐ, за да ги придобие во Господа Исуса Христа (види 1, Кор. 9, 22). Апостолот, исто така, вели дека знае да живее, и во сиромаштија, и во беда, но исто така, знаел да живее и во благосостојба.
Оној кој најмногу ги гонел христијаните, оној кој сметал дека на тој начин на Бога му принесува жртва, кога имал директна средба со Христа нашиот Бог и Спасител, кога одел за Дамаск да ги убива христијаните, на патот (за Дамаск) му се јавил Христос нашиот Бог и Спасител, како силна светлина, како што впрочем читаме во Симболот на Верата, дека Христос е Светлина од светлина, Бог вистински од Бога вистински, роден, нестворен. Ете, таа Светлина, него го турнала од коњот, но тој не ја почустувал како створена светлина, туку таа Светлина ја почувствувал како личност, бидејќи таа Светлина всушност била Спасителот наш Господ Исус Христос. Затоа апостол Павле му се обраќа со зборовите: „Кој си Ти Господи!“ А Спасителот му одговара: „Јас сум Христос, кого го гониш ти!“ (сп. Дела 22, 8).
Апостол Павле, гнејќи ги христијаните, го гонел самиот наш Спасител Господ Исус Христос. А и ние, кога ги гониме нашите, браќа и сестри, правејќи нечесни и недостојни работи кон нив, клеветејќи ги, измамувајќи ги, мразејќи ги, правејќи сѐ што е лошо за нив, ние го правиме истото она што го правел Савле, пред да постане Павле.
Па така, еве имаме пример, на вистински светител, во личноста на Светиот преподобен Нектариј Битолски, кој оставил татко, мајка, браќа и сестри, и отишол на Света Гора за целосно да му се посвети на Бога.
Која била неговата должност или преокупираност на Света Гора? Неговата преокупираност била постојаната мисла и молитва кон Спасителот наш Господ Исус Христос, односно постојано да мисли на Бога и во Бога да се успокои. Длабоко и постојано да го чувствува Бога во своето срце и душа, а исто така, и дење и ноќе, постојано да му служи. На Бога му се молел, и кога работел, и кога се движел, и кога се сретнувал со Светите Отци, и кога разговарал со луѓето, и кога одмарал, и кога јадел и пиел, а исто така, и кога спиел. Никогаш мислата за Бога и молитватa кон Богa, кон Отецот, и Синот, и Светиот Дух, не ја напуштал. Токму затоа Господ го издигнал на такво високо достоинство меѓу преподобните.
Што всушност се случило со него? Се случило она што се случува со сите оние кои се повикани да бидат свети, а повикани сме сите ние православните. Спасителот наш Господ Исус Христос рекол: „Бидете свети, како што сум Јас Свет“ (сп. 1. Петр. 11, 6). Што значи, мирот не треба да го бараме некаде на друго место, туку најнапред во Христа нашиот Бог и Спасител, Кој е Свет над Светите.
Затоа и Светиот Нектариј, целосно предавајќи му се на Бога, успеал да го здобие Царството Небесно, успеал да го почувствува предвкусот на духовните уживања во Царството Небесно уште тука на земјата. И ние, браќа и сестри, доколку се ослободиме од пороците, од страстите, од злобата, од гневот, од омразата, од клеветењето, од лажењето, и од сите пороци во нашите души и срца, ќе чекориме кон Царството Небесно.
Ете, токму заради таквиот негов живот, Господ него го прославил со овој епитет да биде преподобен и постојано во себе да го чувствува присуството Христово, како што вели Светиот апостол Павле, дека не живеел тој, туку дека Христос живеел во него. Во Светите, браќа и сестри, живее Христос, бидејќи тие целосно се уподобиле на Христа. Токму затоа Светиот апостол Павле вели: „Угледајте се на мене, како што јас се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1).
Ние, браќа и сестри, да се угледаме на Светиот Нектариј Битолски, како што тој се угледал на Светиот апостол Павле и на другите Свети. Светлината Божја, односно благодата Божја, нам ни се предава од Бога преку Светите, исто како што кога огинот ќе почне да гори, или кога јагленот ќе стане жар и почне да ја пренесува топлината на другите предмети што се до него, а тие предмети на следните предмети, така и светителите, Божјата благодат или Божјите енергии ни ги пренесуваат нам. На тој начин, ние полека едни со други се здружуваме и стануваме едно во Господа наш Исуса Христа.
Ете, токму заради таквиот живот што го имал Светиот Нектариј Битолски, Господ не дозволил, неговото тело, кое е од земја создадено како и секое тело, бидејќи Господ рекол: „од земја си и во земја ќе се вратиш“ (сп. 1. Мој. 3, 19), не дозволил да се распадне, туку го заштитил да биде нераспадливо. Телата на светителите кои се нераспадливи и нивните делови (честичките) ние ги нарекуваме Свети Мошти. Свети Нектариј, бил удостоен, неговото тело кое се наоѓа во Кареја да биде нераспадливо.
Сите оние кои ја посетуваат Света Гора и одат на местото каде што Свети Нектариј го завршил својот земен живот за да се помолат, добиваат исцеленија.
Илјадници се луѓето кои се излечиле од секакви болести преку верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, преку посредништвото на Посредникот на сите посредници, Спасителот наш Господ Исус Христос, и преку Неговите Свети избрани Апостоли и сите други Свети. Она што Господ го создал, кажано е дека никогаш нема да пропадне.
Ете, не пропаѓаат телата и на светителите, како што не пропаднало ни телото на Свети Нектариј. Затоа, должноста наше è, ние денес да направиме подвиг, а подвигот треба да биде во оваа насока, имено, ако пееме во тропарот на Свети Нектариј, дека Битола го воспита него да стане светител и ние да ги воспитаме децата да станат свети. За жал, денеска сè обратно се случува во Битола.
Битолчани, ние не можеме да кажеме дека ги воспитуваме нашите млади да го следат патот на Свети Нектариј Битолски, нектарот на нашата Света Православна Вера, бидејќи ако погледнеме по улиците, ќе видиме дека младината во најголема мера, не ни е воспитана црковно и христијански, за да може да повлијае на останатите, а тоа значи дека семејството не ја извршува својата улога, како домашна мала семејна црква.
Семејството е малата црква, вели Светиот апостол Павле. Малата црква треба во најмали димензии да ги содржи сите атрибути што ги има големата Црква. Големата Црква се всушност сите верници, заедно со монаштвото и свештенството, собрани околу својот Епископ на заедничкото литургиско собрание, на кое ние почнувајќи од првиот дел на Светата Литургија (Проскомидијата), каде што се вади Агнецот, Кој е Христос нашиот Бог и Спасител, Јагнето Божјо, Кој ги зема гревовите на светот. Од Неговата десна страна се става честицата на Пресвета Богородица, а од левата страна на Агнецот се поставени честиците на Ангелите, на Свети Јован Крстител, на Апостолите, на Мачениците, на Преподобните и Сите Свети, а исто така, се вади честица и за светителот чија Света Литургија се служи. На крајот од Проскомидијата се вадат честички за сите живи и упокоени.
На Божествената Литургија, односно на Литургијата на Огласените, каде што се проповеда Словото Божјо, која завршува по читањето на Светото Евангелие, по ектенијата, „вие што сте огласени“, а тоа се оние кои не се крстени, или ако се крстени живеат во тешки гревови, тие треба да ја напуштат Светата Литургија, и понатаму до крајот на Литургијата остануваат верните.
Во раната Црква, секој од верните бил должен да се причести, бидејќи не може да биде верен, а да не го прими Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.
Па ете, браќа и сестри, ако Светињата е за Светите, ете, пред нас имаме пример како се станува Свет, по примерот на Светиот Нектариј Битолски.
Како се станува, исто така, браќа и сестри, непорочен, а за непорочноста, за отфрлање на сите пороци, на злобата, и на сите оние што ги спомнавме, на омразата, на клеветењето, на прељубата, на блудот, на нечесниот живот, на мрзеливоста, на среброљубието, на унинието, и конечно, на оние уште потешки гревови, како што е очајанието, што значи предавање на својата душа на ѓаволот. Понатаму, пак, е давањето можност тој да влијае и да влезе во нас, а не ние токму од тоа треба да се ослободиме и спасиме. Не можеме поинаку да се ослободиме, освен со искрено покајание, што значи дека треба да се откажеме од сите грешни мисли и помисли, грешни зборови, грешни постапки, грешни дела, грешни похоти и грешни страсти. Откако ќе се откажеме од споменатите гревови, треба да направиме добри дела, спротивни на нашите гревови.
Па така, исповедани и измирени со сите, сакајќи ги сите повеќе отколку себеси, и сметејќи се себеси како најгрешни од сите други луѓе, како што вели Свети апостол Павле, дека бил најгрешниот од сите луѓе, ете, на таков начин треба да пристапиме да го примиме Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, за и ние да можеме да воскликнеме, како што тоа го направил Светиот апостол Павле, велејќи: „не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20). Амин! Нека е честит празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар