На 07.12.2019 г, кога го празнуваме споменот на Светиот Великомаченик Меркуриј и Светата Великомаченичка Екатерина, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Војне Бошески, свештеникот Горан Петковски протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Великомаченик Меркуриј“ во село Барешани.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кога ќе ве изведат пред цареви, судии и мачители, не мислете што ќе зборувате! Вашиот Отец ќе ви даде премудрост што и како ќе говорите!“ (сп. Марко 13, 11).
Браќа и сестри, денеска ги прославуваме Светите маченици на Црквата Христова, Свети Меркуриј и Света Екатерина.
Свети Меркуриј бил војник во времето на царот Декиј, односно бил војвода над ерменскиот полк наречен Мартензес, покажувајќи се како силен војвода. Нему му се јавил Божји ангел, кој му дал меч во раката и му рекол: „со овој меч ќе победуваш.“ Па така, Свети Меркуриј, како што оној кој со срп го жнее житото, така тој со мечот како трева ги уништувал непријателите, и заради тоа се прославил многу. Царот го поставил да биде првиот војвода во царството, но многумина од старешините и офицерите на тогашната војска му позавиделе и го наклеветиле дека тој е христијанин. Времето кога живеел Свети Меркуриј е всушност средината на третиот век. Се смета дека тој го загубил својот живот во својата рана младост, некаде меѓу 251- та до 259-та година. И ете, тој не се исплашил од царот, туку напротив излегол смело пред царот и му кажал дека е христијанин и дека идолите се измислени богови, а вистинскиот Бог е Христос нашиот Бог и Спасител, Синот Божји, Кој заради нас и заради нашето спасение слегол од небесата на земјата. Свети Меркуриј заради тоа бил подложен на големи страдања и маки, а најпосле бил погубен со меч. Така Светиот Меркуриј го завршил својот живот.
Света Екатерина живеела нешто подоцна, односно, таа го завршила својот живор на осумнаесет годишна возраст во 310 –та година. Имено, Света Екатерина е ќерка на царот Консте. Кога умрел нејзиниот татко, таа со нејзината мајка отишла во Александтија и таму живееле. Света Екатерина била многу учена, ги знаела сите филосовски учења во тоа време, знаела математика и логика, односно ги знаела сите науки кои во тоа време биле изучувани во тогашните познати школи, како што била Антиохиската и Александриската школа. И ете, оваа прекрасна девојка, кој била прекрасна не само според својата телесна убавина, туку попрекрасна била и според својата душа. Таа пред царот Максимијан ја исповедала својата вера во Христа нашиот Бог и Спасител, и заради тоа била подложена на големи страдања и маки, но таа не се исплашила и не отстапила од верата во Христа. Потоа била фрлена и во затвор, каде таа успеала да го придобие за верата Христова најблискиот војвода на царот Порфирј, а исто така, и самата царица ја придобила за верата Христова.
Света Екатерина вовела во верата уште двеста други луѓе, а Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, откако била подложена на големи страдања и мачења, ја поткрепувал во страдањата. Света Екатерина била ставена на големо тркало, кое во долниот дел имало клинци и бруќе, и така нејзиното тело станувало една голема рана, но таа од тоа не се исплашила, бидејќи Ангел Божји ја крепел нејзе во стадањата.
Света Екатерина на чудесен начин била излекувана од раните, па кога царот видел дека таа е помудра од него, им наредил на педесетмина луѓе, кои биле најучени во тоа време, да ја убедат да се откаже од Христовата вера, од нашата Света Православна Вера, и да поверува во измислените идоли и кипови. Но Света Екатерина ги надмудрила и нив, и поради тоа, била подложена на уште поголеми страдања, и на крај со меч била погубена. Но самиот Спасител Господ Исус Христос, нејзе и дал прстен дека е таа Негова вереничка, односно дека душата своја му ја предава на Господа наш Исуса Христа, па така, тој прстен и денес се наоѓа во нејзиниот Свет манастир, посветен на Света Екатерина на гората Синај.
Овие двајца големи маченици на Црквата Христова, Свети Меркуриј и Света Екатерина, кои во својата младост ги положиле своите животи за Христа нашиот Бог и Спасител, ни покажале прекрасен пример, дека ние, браќа и сестри, не сме создадени за смрт и за умирање, туку човекот е создаден за вечен живот. Но, поради гревот на нашите прародители Адама и Ева, кои не ја исполнија првата и единствена заповед, да не јадат од забранетиот плод, како што им беше рекол Господ, дека во кој час ќе вкусат, ќе умрат, ете, тоа се случило прво со духовното умирање на нашите прародители, а потоа кога дошло времето, и со телесното. Па така, Светиот апостол Павле ќе рече: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние, како негови наследници и потомци, згрешивме и умревме“.
Нашето умирање, браќа и сестри, не е вечно умирање, туку времено умирање или заспивање. Тоа значи, дека телата по смртта се распаѓаат, но тие на било кој и каков начин да се уништувани, неможат да бидат целосно уништени, бидејќи се претвораат од една во друга состојба, слично на водата, која кога ќе ја ставите на топло ќе испарее и вие мислите дека исчезнала, но таа всушност не исчезнала, бидејќи се претворила во вид на пареа и се искачила некаде на небеото, и ќе дојде време, кога од тие облаци, во погодни услови, повторно ќе стане вода, снег или град, и пак ќе биде тоа, за што била создадена. Ако таков пример имаме во природата за водата, тогаш уште поголем е примерот за тоа дека, Бог што го создал човекот како цар на созданието на земјата, му дал можност да размислува за сѐ и да твори, па така, човекот е најразумнот суштество на земјата. Но човекот е создаден од Бога, браќа и сестри, со назначување, а назначувањето е следно, односно дека човекот е создаден соред Божјиот лик или образ и подобие да постане Бог по благодат. Божјиот лик се наоѓа во душата. Како што Бог е Троичен, Отец, и Син и Дух Свети, така и човекот има триедина душа, која е составена од ум, разум и волја. Па така, човекот е науништив.
Кога ќе дојде времето, кога повторно Христос ќе дојде на земјата да им суди на живите и на мртвите како што ветил, тогаш сите тела од земјата, а и од каде и да било, ќе се соединат, односно ќе се соединат нивните честички, и повторно ќе станат тела, а душите ќе влезат во телата и луѓето ќе станат живи, односно ќе воскреснат, како што Христос во третиот ден Воскреснал од мртвите, откако претходно бил распнат и во гроб положен. Иста такво тело ќе добиеме и ние грешните и недостојните, и тогаш ќе ни биде судено на сите според делата наши.
Знаејќи го тоа, денешните славеници Свети Меркуриј и Света Екатерина, не чекале старост, туку во својата младост, Свети Меркуриј на дваесет годишна возраст, а Света Екатерина на осумнаесет годишна возраст, своите животи ги положиле за Христа нашиот Бог и Спасител. Тие повеќе го посакувале Небесниот Ерусалим, отколку својот земен град, повеќе ја посакувале Небесната Татковина, Царството Небесно, отколку земната Татковина, бидејќи знаеле, дека колку порано ќе бидат со Христа, толку подобро ќе биде за нив. Па ете, ни оставиле нам прекрасен пример, како се чува нашата Света Православна Вера.
Еве, оттогаш до денеска се поминати повеќе од осумнаесет векови, а нашата Света Црква нив ги слави, браќа и сестри, им подигнува споменици, односно Цркви и манастири, насекаде во православниот и неправославниот свет.
Ние, знаејќи го тоа, денес треба да се угледаме на овие прекрасни светители на нашата Света Православна Црква, бидејќи човекот треба да знае дека е создаден за вечен живот, а тоа значи, како најразумно суштество да знае од каде е, каде е, и каде оди. Тоа се трите прашања кои му се поставени на човекот, од кои зависи неговото спасение, ако добро размисли и постапи според тоа, дека е од Бога создаден, дека е создаден на земјата да поживее и тука да го спечали Царството Небесно, и дека потоа ќе отиде во Царството Небесно, Вечната Татковина, каде што се Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Мајката Божја, Светите Ангели и Сите Свети, од создавањето, па до крајот на светот.
Тоа, браќа и сестри, нам ни го потврдиле и старозаветните светители, кои верувале во Месијата, во Христа нашиот Бог и Спасител, дека ќе дојде и ќе ги спаси како Богочовек, односно ќе излезе од прегратките на Отецот, и заради нас недостојните и грешните, ќе се всели во утробата на Пресвета Богородица, ќе прими од неа Тело, во сѐ еднакво на нашето тело, освен во гревот, ќе поживее со луѓето на земјата, ќе ги поучи за верата, ќе лекува од секакви болести, ќе воскреснува мртви, и на крај, самиот доброволно ќе претрпи страдања и смрт, и тоа најстрашна смрт во тоа време, смрт на Крст, за потоа со Својата Света Крв да го освети Крстот и да не избави нас од гревот и смртта, и повторно да не воведе во Царството Небесно, во заедницата со Отецот и Светиот Дух.
Ете, браќа и сестри, тоа длабоко го доживеале и го носеле во себе денешните славеници Свети Меркуриј и Света Екатерина, покажувајќи ни прекрасен пример. А денска, ние сме сведоци, дека во нашата Татковина, во нашата библиска земја Македонија, по скоро две илјади години проповедање во неа, не сме напреднале многу во верата. Денеска, ние сме подложени на големи измами, а измамите се од сатаната. Ние сме подложени на големи гревови, односно на смртните гревови. Првиот од нив е гордоста, која е мајка на сите гревови, поради што сатаната отпаднал од Бога и затоа станал татко на лагата и на измамата. Во смртни гревови спаѓа и мрзеливоста, бидејќи оној што е мрзелив, оној кој не рботи и не се грижи пред сѐ за своето спасение, за својата душа и за спасението на сите луѓе, тој не може да го наследи Царството Небесно. Свети апостол Павле вели: „Оној што не работи, не треба ни да јаде“ (види. 2. Сол. 3, 10). Друг смртен грев е среброљубието, а тоа е прво кога ние наместо Бога да го имаме постојано во нашите умови, срца и души, ние го имаме богатството, печалењето на земни и материјални богатства. Што ќе се случи со нашато богатство? Ќе се случи она што го кажал Господ во параболата за богатиот, кој рекол: „душо моја, имаш многу богатства за многу години, јади, пиј и весели се.“ А Господ му рекол: „Безумнику, ноќеска ќе ти ја земат душата, а тоа што си го спечалил, на кого ќе остане?“ (види. Лука 12, 20)
Што ќе однесеме со нас, браќа и сестри? Ништо нема да однесеме со нас кога ќе умреме. Човекот (се вели), гол се родил, и така ќе отиде во мајката земја. Ништо не донел на овој свет кога дошол, ниту ќе однесе кога ќе си замине. Единствено нешто што ќе однесе, се делата што ќе ги понесе со себе, добри или лоши. За добрите се задобива Царство Небесно, а за лошите се добива пеколот, односно вечните страдања.
Па ете, токму заради тоа, и ние денеска прославувајќи ги овие Свети маченици, да не се плашиме од сите оние нешта кои ни се случуваат. Да се ослободиме од смртните гревови што ги спомнавме, односно од гордост, мрзеливоста, среброљубето, зависта, кое е присутна меѓу нашите луѓе во голема мера, кога дури и брат на брат завидува, сестра на сестра, сина на татко, мајка на ќерка и.т.н.
Зависта е страшна работа, браќа и сестри, зашто оној што завидува, тој е неспокоен човек, тој никогаш не се радува на доброто, туку се радува само на лошото, а тоа го прави ѓаволот во неговата душа и во неговото срце. Меѓу овие гревови се и кавгите, расправиите, омразата, тука е присутен и нечесниот живот, блудот и прељубата, тука исто така е, и оној познат грев што денеска луѓето го нарекуваат со друго име, а тоа е кога луѓето ќе ја изгубат смислата за животот, или поинаку речено, безволноста за живот. Денешното нејзино име е депресија. Што е депресијата, браќа и сестри. Депресијата не е болест, таа е тежок грев. Депресијата е всушност состојба на човек, кој си измислил бог, а заборавил на вистинскиот Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Тој друг бог, е или богатството, или некој човек што го сака повеќе, татко или мајка, брат или сестра, или својата служба, или уметноста, или било што. Таквите луѓе, кога неможат да ја остварат целта за земното и материјалното, кое го замислиле како свој бог, тие тогаш паѓаат во депресија, односно тие тогаш практично сметаат дека нема зошто да живеат, па конечно, ако не се ослободат од тој грев, ќе паднат во очајание, а оние што паднале во очајание како Јуда, завршуваат на бесилка.
Затоа, браќа и сестри, за секој наш грев да побараме прошка од Бога, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја и на Сите Свети. Да се исповедаме за нашите гревови, а тоа значи да ги признаеме гревовите, но и тоа не е доволно, туку треба да донесеме одлука, дека нема да ги повторуваме, особено смртните гревови, но и тоа не е доволно, бидејќи треба да донесеме одлука, дека ќе направиме спротивни на гревовите, добри дела. Тогаш, откако ќе пролееме многу солзи за направените гревови, можеме да очекуваме дека ќе ни бидат простени, бидејќи и најголеми грешници, станале светители кога го промениле својот живот, од лошо на добро, од недостојно на достојно, од нечесно на чесно.
Светите Кирил и Методј, кога проповедале им велеле на луѓето: „И ние сме исти луѓе како што сте и вие, само ние повеќе од вас се потрудивме“, како што и Свети апостол Павле вели дека „не бил достоен да се нарече Хростов апостол, бидејќи ја гонел Црквата Божја“ (види. 1. Кор. 15, 9), но кога станал христијанин, од сите Свети Апостол повеќе се погрижил, па објаснува, дека не го направи тоа тој, туку благодатта Божја, силата Божја која била во него. Така и ние, браќа и сестри, вистински како што доликува на православни христијани, да ги прославиме овие Свети Маченици, а тоа значи да се угледаме на нивниот живот. Па ако ние, угледувајќи се на нивниот живот, така мислиме, така живееме, така се поставуваме, така работиме и така го очекуваме Царството Небесно, тогаш сигурно и дека ќе го наследиме. Амин! Нека е честит празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар