На 04.12.2019 год, кога го празнувавме Воведението на Мајката Божја, Пресвета Богородица во храмот, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Илчо Смилески, свештениците Миланчо Стојановски, Ристо Кочанов и протоѓаконот Драган Георгиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Со твоето раѓање Богоневесто, си влегла во храмот Божји да се воспитуваш!“
Браќа и сестри, денеска го празнувме Воведувањето на Мајката Божја, Пресвета Богородица, во храмот Божји, како малечко тригодишно дете. Според ветувањата на нејзините родители, Светите Јоаким и Ана, кои, Пресвета Богородица ја испросиле од Бога со горешти молитви и му ветиле дека ќе му ја предадат Нему, бидејќи од Него ја испросиле и добиле. Па така, кога се наполниле три години, тие ја однеле во Божјиот храм, иако сакале да ја одведат, кога таа имала две години.
Во нејзината трета година, заедно со нејзините повозрасни другарки, тие тргнале од градот Назарет на три дена пат кон Ерусалим, до Соломоновиот храм, кој бил најубавиот и најпрекрасниот храм. Кога стигнале пред храмот, тогаш мајката на Пресвета Богородица, Света Ана рекла: „Еве Господи, чедото што ми го даде, ти го давам Тебе“. Пред храмот имало петнаесет скалила, и тие скалила, Пресвета Богородица, со трчање ги изодила, и во своите раце ја примил Светиот првосвештеник Захариј, кој е таткото на Свети Јован Крстител. Свети Захариј откако ја примил рекол: „Отроковице, ти која си незлобива, ти која си пречиста, ти која си од сите најубава, влези во храмот Господов, влези во Светињата на Светињите!“
Браќа и сестри, некогаш, кога кивотот, односно Ковчегот на Заветот, во кој биле сместени стомната со маната и таблиците со Десетте Божји Заповеди, добиени на Синај и жезолот, биле ставени во најсветиот дел од храмот во Светињата на Светињите. Тие кога биле внесувани во храмот, пред ковчегот се радувал и скокал од радост Светиот цар и пророк Давид, а сега ние имаме можност да видиме, како што се вели во една црковна песна, како Светиот Дух ја воведува(ше), Мајката Божја, Пресвета Богородица, во храмот Божји, во најсветиот дел од храмот, во Светињата на Светињите, како тригодишно дете, каде што никој немал право да влегува, освен првосвештеникот, кој влегувал еднаш во годината за да го покади Ковчегот на Заветот. Таму, Пресвета Богродица, престојувала до својата четиринаесет годишна возраст, односно до времето кога таа требало да го напушти храмот според еврејскиот закон, бидејќи во тоа време девојките морале да се мажат, а тие што не се мажеле, биле убивани со камења.
Ете, ова голема радост на овој голем празник, кој се нарекува „Воведение“ што значи воведување во храмот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, како тригодишно дете, е празникот што ние го празнуваме, две илјади години.
Голема е радоста од овој празник, и таа радост не упатува на размислата, што правиме ние денес со децата, како ние ги воспитуваме децата, дали ние на денешниот празник, кој е празникот на децата, ги носиме децата во храмот Божји или ние, како што овде имаме можност да видиме само пет, шест или десет деца. Каде се другите деца на овој празник на децата, браќа и сестри? Родителите се должни да ги воспитуваат децата. Мајката Божја, Пресвета Богородица, до третата година ја воспитувале нејзините родители Светите Јоаким и Ана и ја предале на Господа на чување и воспитување во храмот Божји. Таму во храмот имало дванаесет соби, каде што имало и други девојчина, кои биле воспитувани во верата.
Па така, ако ние денеска погледнеме што се случува со младите, тогаш ќе видиме, дека тие не се на правиот и вистински пат. Ако децата правилно се воспитуваат од својата најрана возраст, тогаш родителите никогаш нема да зажалат за своите деца, ниту пак децата ќе ги напуштат своите родители, како што се вели во Светото Писмо. Оној што не го остава својот татко, тој е како богохулник, а оној што ја навредува својата мајка, тој е проклет. Па така, за да не дојде до ова, односно да бидат оставани и навредувани родителите од своите деца, потребно е, браќа и сестри, уште од најрана возраст тие да се воспитуваат. Местото за нивното воспитување, е пред сè тука во храмот Божји, во Црквата Божја.
Си споменуваме на зборовите на Спасителот наш Господ Исус Христос, кога децата пристапувале кон Него, а Тој ги благословувал, но заради мноштвото деца и заради жагорот на децата, Апостолите им бранеле на децата да пристапат кон Христа, за да ги благослови и да ги положи рацете на нивните глави. А Спасителот Господ Исус Христос рекол: „ Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, зашто нивно е Царството Небесно (сп. Мат. 19, 14).
Си споменуваме и за оној случај, кога нашиот Спасителот Христос, зел едно малечко дете и го поставил на возвишено место пред Апостолите и пред другите присутни и рекол: „Ако не бидете како ова дете, нема да го наследите Царството Небесно“ (сп. Мат, 18, 3). Зошто Господ ги кажал овие зборови? Затоа што децата се незлобиви и чисти, тие се како празни таблички или како сунѓери, кои впиваат сè што ќе видат и слушнат, односно сè што ќе доживеат од нивните родители и од блиските. Токму затоа Господ, заради незлобивоста на децата, заради нивната чистота, заради невиноста нивна, рекол, дека „кој не ќе биде како ова дете, нема да го наследи Царството Небесно“ (сп. Мат, 18, 3).
Браќа и сестри, како што децата имаат обврски кон родителите, зашто една од Десетте Божји Заповеди вели: „Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да живееш долго на земјата“ (сп. 2. Мој. 20, 12), и родителите имаат обврски кон децата, бидејќи старозаветниот пророк вели, дека родителите не треба да ги дразнат своите деца, туку треба да им покажуваат вистинска љубов.
Како родителите ќе покажуваат вистинска љубов кон децата, односно како првилно ќе ги воспитаат децата? Многу едноставно, браќа и сестри. Кога родителите заедно со дечињата ќе влеат во храмот, треба да им кажат што е храмот, односно дека храмот Божји е дом за молитва, дека тука се собираме сите од сите возрасти, и здрави и болни, и големи и мали, и деца и старци. Сите ние, без оглед дали сме машки или женски, доаѓаме во храмот, како што вели Господ преку устата на Светиот апостол Павле, дека „нема повеќе ни машки ни женски пол, нема повеќе ни Израилец, Грк или Евреин, бидејќи сите сме едно во Господа“ (сп. Гал. 3, 28). Така треба да ги воспитувате вашите деца, да им го покажете и објасните иконостасот во храмот Божји, на кој се поставени иконите на Спасителот наш Господ Исуса Христа, на Мајката Божја, на Свети Јован Крстител, на празникот на кој е посветен храмот и другите светители. Сите овие нешта треба да им ги објасните на вашите деца, а и вие ако не сте добро упатени да се поучите.
Нашата Света Црква издава прекрасни книги, како што е книгата „Бог е жив“, или Катихизисот за семејствата и други помали книги, кои ги имаме издадено, за преку нив сите да се поучиме во нашата Света Православна Вера. Па така, откако ќе заврши Божествената Литургија, да го напуштиме храмот и да одиме во нашите домови.
Што се всушност нашите домови? Светиот апостол Павле вели, дека семејството е домашната, малата црква. Големиот дом, храмот Божји, го заменува малиот дом, семејниот дом, а таму, вистинскиот дом е семејството, таткото и мајката, браќата, сестрите, дечињата, внучињата, односно сите домашни.
Како што овде во храмот има иконостас, така и во домовите треба да има домашен иконостас. Во секој дом треба да има кандило и Свето Писмо, од кое најмалку барем две или три глави ќе се читаат секоја вечер и секое утро. Родителите, ако сеуште немаат деца, самите нека читаат, а потоа кога Бог ќе им подари деца, нека се молат заедно со дечињата, еден час пред станување и пред легнување. Ако ние така живееме во домашната црква, и ако сите заедно со домашните мали цркви, односно со семејствата, дојдеме во Божјиот дом, тогаш вистински ќе ја живееме нашата Света Православна Вера. На дечињата треба да им се појасни, дека ние доаѓаме во храмот, за заеднички да се молиме, не само кога имаме маки, страдања или потешкотии, не само кога сме натажени, заради тоа што сме загубиле некој, татко или мајка, дедо или баба, брат или сестра, син, ќерка или пријател, ние доаѓаме во храмот и за да му заблагодариме на Бога, бидејќи Он ни дал нам сè што ни е потребно. Господ нам ни дал живот, а исто така и здравје, кое ако го немаме, повторно треба да му благодариме на Бога, бидејќи преку нашата болест, ние уште поблиску се поврзуваме со Бога.
Една жена во Русија, се молела пред иконостасот и говорела на цел глас: „Господи, зошто нè напушти!“ А свештеникот, неможејќи тоа долго време да го слуша, и пристапил и ѝ рекол: „Кажи женичке, зошто Господ ве напуштил?“ А таа рекла: „Три години во нашиот дом нема болен човек, немаме незгоди, немаме маки, немаме потешкотии, а тоа значи, дека заборавивме да се молиме на Бога, бидејќи обично се молиме само тогаш кога имаме маки, страдања, жалости, потешкотии и.т.н.“
Во Црквата, браќа и сестри, има молитва која се нарекува Евхаристиски принос, односно благодарност на Бога за сè што ни дал. На Светата Литургија ние велиме: „Твоја од твоите“, а тоа значи, од твоите Дарови што си ни ги дал, ние Тебе Ти ги принесуваме на Божествената Литургија, а тоа е благословениот Леб и благословеното Вино, Кои на Божествената Литургија, на Светиот Престол, на Евхаристискиот Канон, се претвораат во Тело и Крв Христови.
Па така, браќа и сестри, ако ние исповедани и измирени со сите оние на кои сме им згрешиле, пристапиме кон Светата Причест, тогаш секако Господ ќе ни ги прсти гревовите и сме на правиот пат да го спечалиме Царството Небесно.
Браќа и сестри, денеска ние се наоѓаме во многу тешка состојба. Сите ние, не само Македонците, туку и останатите во нашата Татковина, но и пошироко, во опкружувањето околу нас, сме во една страшна криза. Првата и најстрашна криза, е моралната криза, а моралната криза значи неверувањето на Бога, немањето желба да се поправиме и да се покаеме за своите гревови. Смислата на покајанието не се состои во тоа да им се извиниме на луѓето или формално да им простиме. Покајанието е кога за сите направени, грешки, прегрешенија и гревови, ние цврсто ќе се покаеме, односно ќе одлучиме, дека тие гревови повеќе да не ги правиме. И тоа не е доволно, браќа и сестри, туку, исто така, треба да направиме, спротивни на гревовите добри дела, односно ако сме лажеле, секогаш да ја кажуваме вистината, ако сме краделе, украденото да го вратиме и двојно повеќе да дадеме на оној кој од тоа има има потреба, како Закхеј, кој рекол: „ Еве, половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам“ (сп. Лука 19, 8). Тоа е патот и начинот на вистинското покајание, браќа и сестри.
Поимот покајание, доаѓа од грчкиот збор метаноја или метаноија, кој значи промена на умот, преумување, односно да се промениме од лоши кон добри, од нечесни кон чесни, од недостојни кон достојни. Тоа е вистинското променување на умот, тоа е вистинското покајание.
Па така, ние денеска, кога го празнуваме овој голем и спасоносен празник, Воведение на Пресвета Богородица во храмот Божји, да не заборавиме, дека должноста на сите родители е да ги воведуваат во храмот своите деца. Во четириесеттиот ден по раѓањето на децата, се прави големата молитва, која уште се вика „воцрковување“, а воцрковувањето значи, дека во црквата, во храмот Божји се внесува и детето кое треба да биде крстено пред четириесеттиот ден, а исто така, во тој ден влегува и мајката заедно со новокрстеното дете, и од тој ден тие стануваат воцрковени. Тие треба секогаш во неделните и празничните денови, да доаѓаат во храмот Божји и да се поучуваат во верата.
Па така, ако ние овој празник на Мајката Божја, Пресвета Богородица, го разбереме вистински, тогаш нема формално и пасивно да бидеме присутни во храмот на богослужбите и на Божествената Литургија, туку со целосна концентрација, ќе ги следиме богослужбите.
Верните, всушност имаат поголем дел кој се пее на Божествената Литургија, отколку ние свештенослужителите. Она што го пее хорот, тоа сите верни треба да го пеат. Во служебникот, во текстот на Божествената Литургија, не стои дека одговара хорот или певците, туку стои, дека на Литургијата одговара народот Божји.
Тогаш, браќа и сестри, кога сите ние во своите раце ќе ги имаме книгите, и кога сè она што ќе каже свештеното лице во олтарот или пред олтарот, вие, на тоа треба да одговорите како одговор на ектениите, како и пеењето на црковните песни, кои ги пееме на Божествената Литургија, на вечерните и утринските служби.
Честит нека е празникот, напомош и за многу години. Господ да ги просветли умовите, срцата и душите, на сите вас. Потрудете се, децата да ги воспитате во нашата Света Православна Вера и Црква, и тогаш нема да зажалите, бидејќи старците нема да бидат носени во старските домови или избркани од домовите, а децата ќе бидат вистински деца, кои до последен здив ќе ги гледаат своите родители. Амин! Нека е честит празникот и за многу години.
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар