На 17.11.2019 г., во Дваесет и втората недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобен Јоаникиј Велики, Светиот свештеномаченик Никандар, епископ Мирски и Светиот презвитер Ермеј, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение протоерејот Димитар Михајловски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Лидија“, во Нова Битола.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш“ ( Лука 16, 25).
Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Литургиско Евангелие, за богатиот и сиромавиот Лазара, од кое разбравме две многу значајни работи. Првата е дека после смртта, постои вечен задгробен живот, т.е. кога луѓето ќе умрат, веднаш ќе им биде судено, прво на времениот суд по смртта, а потоа и на Страшниот Суд, кога Христос повторно ќе дојде на земјата, кога сите луѓе од почетокот, па сè до крајот на светот ќе воскреснат. Тогаш, секој што постоел пред целиот свет, ќе треба да даде одговор за своите дела.
Браќа и сестри, смртта е неизбежна! Нема човек, кој што се родил на земјата, а да не умре. Дури и оние двајца пророци Енох и Илија, за кои во Светото Писмо се вели дека не умреле, и тие ќе преминат со своите тела, за да можат да воскреснат за вечен живот.
Браќа и сестри, кога Спасителот наш Господ Исус Христос, ја раскажал оваа парабола, (која сега ние ќе ја повториме за оние што не стигнаа на време кога се читаше Светото Евангелие), рекол: „Имаше еден човек, кој беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. Исто така, имаше и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова; и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови, и на тој начин му ги ублажуваа болките“ (сп. Лука 16, 19-21). И ете, Господ вели: „Умре богатиот и го погребаа“ (Лука 16, 22). Господ не го споменува името на богатиот, бидејќи тоа не е запишано во книгата на живите, односно на оние што ќе бидат на небесата во Царството Небесно. А потоа додава: „Умре сиромавиот Лазар и ангелите го однесоа во крилото Авраамово“ (Лука 16, 22).
Оној што умре и што го погребаа, за кого имаше платени жени, кои на некој начин по занает плачеа за умрените, кои што и кај нас ги имало извесно време, бидејќи си споменувам како дете дека имаше и во нашето село една жена која постојано тажеше за умрените, така и тогаш имало посебни платени жени, кои тажеле за покојните. Се вели: „Умре богатиот и го погребаа“ (Лука 16, 22). Што се случило по погребението? Богатиот човек, чие име Господ не го споменува, отиде во адот, каде страдаше и се мачеше, но имаше можност да го види Лазара, како се радува и утешува во прегратките на Авраама. Бидејќи богатиот страдал во големи маки и страдања т.е. од пламенот во адот, устата му била исушена поради огинот, затоа го замолил Авраама да го пушти Лазара, за овој да го накваси својот прст со вода и да му ги ублажи усните од огинот, а праведниот Авраам му вели: „Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш“ (Лука 16, 25). Кога богатиот не успеал од Авраама да издејствува да се смилува над него, му вели:, „Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа, зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките“, а Господ му вели: „Не, нема потреба Лазар да оди во твојот дом, бидејќи тие го имаат Мојсеј и пророците и ако во нив веруваат, ќе се спасат, а ако не веруваат, дури и Лазар да воскресне од мртвите и да им каже каква е твојата состојба тука, нема да поверуваат“ (сп. Лука 16, 29-31).
Браќа и сестри, точно е тоа дека луѓето што веруваат, немаат потреба од докази за својата вера, а тие што не веруваат, дури и да воскресне некој од мртвите и да им каже како е таму, тие нема да веруваат, а за тоа имаме примери и во самото Свето Писмо.
Си споменуваме како Спасителот наш Господ Исус Христос, пророна солзи, кога му соопштија дека умрел неговиот пријател Лазар, кога многу го сакаше, па на молба на сестрите Лазареви Марта и Марија, дојде во Витанија за да ги утеши и да отиде на гробот на Лазара, чие тело четири дена беше во гробот и се распаѓаше. Кога Спасителот Христос отиде на гробот Лазаров извика: „Лазаре стани “, и Лазар воскресна од мртвите и поживеа во светот т.е. беше епископ на Кипар, па токму затоа е патрон на Кипарската Православна Црква.
Ете, Лазар на сите оние што го познаваа, им пренесуваше дека постои задгробен живот, дека постои Царство Небесно, но исто така дека постои и адот, кој по Второто Христово доаѓање во светот ќе биде пекол, каде што ќе страдаат, не само душите на грешниците, туку и нивните тела, а праведниците ќе бидат утешени и ќе се радуваат во Царството Небесно со Отецот, и Синот, и Светиот Дих, со Мајката Божја, со Ангелите и со Сите Свети од почетокот на светот, браќа и сестри.
Кога го знаеме сето ова, ние најсериозно треба да размислиме за тоа дели навистина постои вечниот живот. Ние не треба да мислиме, туку треба само да веруваме и да не бараме никакви докази, зашто имаме прекрасни докази во Светото Писмо, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Во Светото Евангелие го имаме доказот за воскресението на Лазара, го имаме доказот за воскресението на дванаесет годишната ќерка на Јаира, и многу други случаеви на умрени луѓе, но како посебен доказ го имаме воскресението на Господ наш Исус Христос, Кој заради нас и заради нашето спасение, бил распнат на Крст и погребан. По погребението, Спасителот наш Господ Исус Христос, три дена бил во гробот, а на Велика Сабота со Својата Душа слегол во адот. Адот е местото, или поточно речено состојбата каде што биле сите старозаветни луѓе, т.е. не само грешници, туку и праведните, кои биле на некој начин под власта на сатаната. Токму затоа Господ слегол во адот, за да го проповеда Своето Свето Евангелие, па така, оние што поверувале, биле спасени т.е. изведени од адот. Кога Христос нашиот Бог и Спасител бил распнат на Крст и умрел, тогаш многу мртви праведници воскреснале од гробовите и многумина ги виделе своите блиски т.е. многу жени ги виделе своите мажи, браќата, своите браќа, сестрите, своите сестри и.т.н.
Ете, прекрасен пример за тоа дека постои воскресение од мртвите, а тоа значи дека има и задгробен живот. За тоа дека има задгробен живот, веруваат сите религии што постојат, а ние православните го потврдуваме тоа со нашата вера, когана задушниците правиме помен за покојните и служиме Свети Божествени Литургии, а исто така и преку другите божествени чинови т.е. помени и парастоси за покојните, кои се доказ дена ние веруваме во задгробниот живот, односно дека животот на покојните не завршил со нивната смрт, туку дека тоа е само нивно времено одсуство на земјата. На Страшниот Христов Суд, сите луѓе ќе воскреснат од мртвите и секој од нас ќе треба да даде одговор за својот живот на земјата. За тоа дека ние треба да веруваме во она што е напишано, го посведочил и Самиот Спасител Господ Исус Христос, кога му рекол на богатиот: „Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!“. Ние, имаме повеќе од законот Мојсеев, браќа и сестри, бидејќи го имаме Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет, ги имаме Светите Отци, кои ни го протолкувале Светото Писмо, и сите други божествени книги. Па така, доколку ние веруваме во тоа, тогаш сигурно дека ќе се спасиме.
Името Лазар значи „Господ нека помага“ или „Господ нека ни помага“. И не е сличајно што Спасителот наш Господ Исус Христос го употребил името на Лазар, бидејќи Лазар длабоко верувал дека со Божја помош ќе се спаси. Лазар иако бил сиромав, иако бил беден, иако можеби меѓу живите во тоа време немал ни роднини, ни пријатели, туку неговото опкружување биле кучињата скитници, ете, заради сето тоа што го поднесувал, тој никогаш не роптал поротив Бога, никогаш не кажал лош збор против Бога, туку верувал дека поради страдањаа што ги има, Господ ќе му даде Царство Небесно. Веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, дали луѓето кои што се сиромаси, заради тоа што се сиромаси ќе се спасат, или оние, пак, кои се богати, затоа што се богати, нема да се спасат?
Браќа и сестри, нити сиромаштијата сама по себе ги спасува луѓето, ниту богатството ги тера да одат во пеколот, односно во адот, туку начинот на кој луѓето гледаат на сиромаштијата и на богатството. Ако некој е сиромав и неговата сиромаштија ја смета како дар Божји, тој ќе се спаси, барајќи бара помош и утеха од Бога, а оние сиромаси, кои не веруваат во Бога и не прават добро, туку постојано роптаат против Бога и луѓето, тие нема да се спасат, иако се сиромаси. Од богатите луѓе, браќа и сестри, ќе се спасат само оние кои помагаат со своето богатство и го следат примерот на праведниот и многустрадален Јов, кој сè изгубил и ни еден лош збор не изговорил против Бога, иако на тоа го наговарале неговите пријатели, Вилдад, Сафор, Елифаз Елијуј и неговата жена, кои му велеле: „Кажи некој лош збор против Бога, похули на Бога, и умри спокојно“. Праведниот Јов, наместо да ги послуша, велел: Кога Господ ни даваше богатство, камили, овци, стока и секаков друг имот, зар и тогаш требаше да хулиме на Бога, или ни беше добро и Му благодаревме на Бога? „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (Јов 1, 21).
Исто така и Авраам бил богат човек, но се спасил, што значи богатството само по себе ниту ги носи луѓето ниту во рајот, ниту во пеколот, туку начинот или односот што ние го имаме кон богатството. Ако богатството го користиме за да направиме добри дела, т.е. гладни да нахраниме, жедни да напоиме, необлечени да облечеме, болни да посетиме, ожалостени и натажени да утешиме, тогаш секако Господ ќе погледне на нас, како што и Самиот рекол: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Мат. 25. 34-36). Што значи, кога правиме добро, ние треба секогаш да го споменуваме името Божјо. Она добро кое што е направено, ако не е направено во името на Христа нашиот Бог и Спасител, нема да биде примено како награда во Царството Небесно. Ако ние правиме добри дела, за со нив да покажеме дека сме богати, дека сме познати или за да чујат другите за нас, тогаш спасение ни нема. Ниту, пак, ако сме сиромаси, а не покажуваме благодарност кон оние што ни помагаат во името на Бога и.т.н., и тогаш ни нема спасение, браќа и сестри.
Па ете, откако добро ги знаеме овие нешта, наша должност е да се покаеме за своите гревови, бидејќи оние кои нема да успеат да се покајат и да испросат прошка за своите гревови, нема да го наследат Царството Небесно.
Да се помолиме, браќа и сестри, преку молитивте и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, Господ да нè помилува нас грешните и недостојните, та и ние со онаа иста вера и надеж што ја имал страдалниот Лазар, да се надеваме дека Господ ќе ги прими нашите страдања во Царството Небесно како наша награда и утеха. Амин!
Митрополит преспанско-пелагониски г. Петар