На 10.11.2019 г., во Дваесет и првата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Параскева (Петка), Светиот маченик Теренциј, Свети Стефан Саваит, Свети Атанасиј, патријарх Цариградски, Свети Димитриј, епископ Ростовски, Преподобен Паисиј Светогорец и Преподобниот Арсениј Кападокиски, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофорот Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кој има уши да чуе, нека чуе!“ (Лука 8, 15).
Вака, Спасителот наш Господ Исус Христос се обраќа кон насобраниот народ, кој дошол да го слушне Неговото слово, а словото на Господа наш Исуса Христа, кое денеска беше прочитано во Светото Божествено Евангелие, е за сејачот и за семето. Ете, бидејќи Самиот Господ Исус Хрстос ги протолкувал зборовите од оваа парабола, ние не можеме да кажеме нешто посебно околу значењето и толкувањето на зборовите од оваа парабола…