На 22.09.2019 г., во Четиринаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите Јоаким и Ана, Светиот маченик Севиријан, Светиот Теофан Исповедник и Постник и Светиот Никита угодник Божји, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Роберт Илиевски, Ристо Кочанов и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Преображение“, во Прилеп.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, го слушнавме, Светото Литургиски Евангелие, во оваа Четиринаесетта недела по Педесетница, во кое се говори за Царството Небесно, и за тоа, како домаќинот поканува гости за својот син.
Параболите, кои ги кажал Господ Исус Христос и кои се запишани во Светото Евангелие, имаат свое преносно или алегориско значење, па така, ќе се обидеме да го објасниме преносното значење на оваа парабола.
Домаќинот за кој говори денешното Свето Евангелие, е Отецот Небесен, а Синот, е Спасителот наш Господ Исус Христос.
Меѓу другото, се говори дека домаќинот ги испратил своите пратеници, за да ги повикаат поканетите да дојдат на свадбата, но како што слушнавме, поканетите не сакале да дојдат. Слугите за кои се говори во Светото Евангелие, се всушност пророците и судиите во Стариот Завет.
Поканетите не само што не се оѕвале на нивната покана, туку се вели дека, откако ги исмеале и нагрдиле слугите, најпосле ги убиле. Тогаш царот се разгневил, испратил војска и ги погубил убијците.
Ова се однесува на еврејскиот народ, на нивните старешини, а тоа се садукеите и фарисеите, на кои им била предадена старозаветната Црква, но тие ете, не се оѕвале да бидат учесници во Царството Божјо, и затоа се вели дека им го разурнал градот и ги убил. Всушност, токму Ерусалим како град бил разурнат, по Христовото Вознесение на небесата и по слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, а тоа е во седумдесеттата година, за време на владеењето на Веспазијан и Тит, кога Ерусалим бил до темели разурнат, и за кого било речено, дека од него нема да остане „ни камен на камен, а да не биде урнат“ (види. Мат. 24, 2).
Во близината на Ерусалим било изградено едно гратче Елија Капитолина, кое своето име го добило, според името на некој војсководец на Римската империја.
Потоа во Светото Евангелие се вели, дека домаќинот испраќа други слуги, за да повикаат други гости на свадбата, односно да ги повикаат оние што ќе ги најдат по раскрсниците, а тоа се незнабожечките народи, во кои спаѓаме и ние Македонците, а не еврејскиот народ, кој ја запазил верата во Бога, и кому му била дадена Старозаветната Црква.
Во параболата се вели дека сè било подготвено, јунците биле заклани, односно жртвата била подготвена. Која е жртвата? Исполнувањето на старозаветните жртви, е Жртвата над сите жртви – Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој беше распнат на Крст и Кој преку распнувањето и пролевањето на Својата Света Крв, нè избави од гревот и смртта.
Кога биле поканети новите гости, а тоа се незнабожечките народи, меѓу поканетите на свадбата се нашол и еден гостин, кој не бил облечен во свадбена облека, и нему домаќинот му рекол: „Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена облека?“ (сп. Мат. 22, 12). А тој ја наведнал главата и се срамел, зашто видел дека не е облечен пристојно, онака како што биле облечени другите на таа свадбена свеченост. Затоа, домаќинот наредил да му ги врзат рацете и нозете, и да го фрлат во крајна темнина, каде што ќе има плачење и крцкање со заби.
Се поставува прашањето, која е, и каква е таа свадбена облека? Свадбената облека, се однесува на добрите дела, што треба да ги има секој член на Црквата Христова, односно тоа се оние добри дела, што ние ги придобиваме, преку Светите Тајни. Со Крштевањето, ние стануваме членови на Црквата Христова, и ветуваме, дека се одрекуваме од сатаната, од сите негови дела, од сета негова гордост и од сето негово служење. Но ние по Крштението, по нашата слаба човечка природа, повторно паѓаме во гревови, и затоа е потребно да се очистиме од тие гревови, а тоа очистување по Крштението и Миропомазанието, ние го примаме во Светата Тајна Покајание или Исповед.
Што е покајанието? Покајанието е признавање на гревовите кои сме ги направиле и донесување на цврста одлука, дека ние понатаму нема да грешиме, односно дека нема да ги правиме смртните гревови, т.е. нема да ги правиме оние тешки гревови, кои ни попречуваат да пристапиме кон Светата Тајна Причест, драги ученици.
Па токму таа облека, која овој човек ја немал, била пречка да биде присутен на свадбата. Овој човек не можел да пристапи на свадбената трпеза, исто како што и ние не можеме да пристапиме кон Светата Причест, ако претходно не сме се подготвиле за неа. Подготовката се состои во очистување на душата и телото. Во една од молитвите пред Света Причест се вели: „Човеку, ако сакаш да пристапиш кон Причесната, внимавај, бидејќи таа е огин која ги изгорува недостојните“. Ако сакаме да ги примиме Телото и Крвта Христови, ние сме должни, најнапред да ги разликуваме: Телото Христово од обичниот леб, и Крвта Христова, од обичното вино.
Ако ние преку целата година се подготвуваме со пост, молитва и подвизи, а исто така, и со пост пред секоја Света Литургија, а тоа значи од дванаесет часот на полноќ, па се до причестувањето да не јадеме и пиеме, тогаш можеме да пристапиме кон Телото и Крвта Христови. Оној што сака да се причести, исто така треба да знае, дека треба да им прости на оние кои му згрешиле, и да побара прошка од оние на кои тој им згрешил, бидејќи, кој не е подготвен да им прости на оние кои му згрешиле, тој не може да се нарече христијанин.
Господ Исус Христос кажал дека треба да ги сакаме и нашите непријатели, а тоа го потврдил и Самиот од Крстот, кога бил во најтешките страдања и кога им простил на оние што го распнувале со зборовите: „Отче, прости им, оти незнаат што прават!“ (Лука 23, 34). Ете, таква треба да биде подготовката на секој оној што сака да пристапи кон Телото и Крвта на Спасителот наш Господ Исус Христос.
Па така, како што веќе спомнавме, ние ги примаме Светите Дарови подготвени, а подготовката се состои и во примањето на благодатта Божја, која како што беше кажано ја примаме преку Светите Тајни, односно преку Крштението, Миропомазанието, Покајанието или исповедта, Венчанието, Големиот Маслосвет (за болни), Свештенството и Тајната над тајните, Евхаристијата или Причесната, од која произлегуваат сите останати Свети Тајни. Поголема Светиња од Причесната нема, драги ученици!
Па затоа, оваа парабола завршува со зборовите: „Многумина се повикани, а малцина избрани“ (сп. Мат. 22, 14). Во Црквата Христова, голем број на христијани се повикани да го следат Христа, но ако погледнеме, колкав е бројот на православните христијани, кои се крстени и миропомазани, и кои во неделните и празничните денови, одат во Светите Богослужби, ќе видиме дека од многуте повикани христијани, малкумина доаѓаат во храмот на богослужба, односно малкумина се избрани. Избрани се оние кои доаѓаат на богослужбите, но и за нив нема гаранција дека ќе се спасат, бидејќи Господ нема да нè помилува ако ние велиме „Господи, Господи, спаси нè“, туку ако ги исполнуваме Неговите Заповеди.
Старозаветните Заповеди се десет, а новозаветните се само две, од кои, првата гласи: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“, а втората: „Возљуби го својот ближен како себе си!“ (сп. Мат. 22, 37-39). Значи најголемата заповед е љубовта кон Бога, од Кого извира и нашето постоење, драги ученици. Човек, кој не е во заедница со Бога, тој е мртов човек. Нашите прародители Адам и Ева, кога згрешиле, веднаш умреле, прво духовно, а тоа значи се одвоиле од Бога, а потоа и телесно. Одвојувањето од Бога, е духовната смрт, а потоа, како последица на духовната смрт, доаѓа телесната смрт.
Нашите прародители Адам и Ева, згрешиле токму во оној момент, кога заборавиле на заповедта од Бога „да не јадат од дрвото на познавањето на доброто и злото, бидејќи ќе умрат“. Кога нашите прародители заборавиле дека ќе умрат, тогаш умреле. Кога ќе заборавиме на оваа заповед, дека ќе умреме, тогаш ќе направиме грев. Честопати така нè мами нечестивиот, односно кога лакомиме по убавините од овој свет и кога разговараме со своите мисли и помислите, кои ни ги внушува сатаната во нашите умови и души, кои потоа се вселуваат во нашите срца и тела.
Браќа и сестри, денес овој ден е посветен и на Светите богоотци Јоаким и Ана, родителите на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Овие Божји луѓе, кои биле бездетни во свјата старост, Го молеле Бога да го оттргне срамот од нив, бидејќи кај еврејскиот народ се сметало дека оние кои се бездетни, се многу грешни луѓе. Честопати понижен заради тоа, Светиот Јоаким отишол во ерусалимскиот храм да принесе дар во храмот, а некојси човек по име Рубин, го навредил со зборовите: „Ти не треба да принесуваш дар зашто си бездетен“. Светиот Јоаким заради навредата заминал во пределите каде што биле неговите стада, а кога за тоа слушнала мајката на Пресвета Богородица, Света Ана, длабоко се навредила и почнала да се моли на Бога и да говори: „Боже, зошто сум бездетна, ете и птиците во своите гнезда имаат мали пиленца, а јас немам пород“. И таа нејзина директна и усрдна молитва упатена кон Бога, Господ ја примал како темјан што се издигнува кон небото и ангел Божј и се јавил и ѝ рекол: „Ано, услишана е твојата молитва, ти ќе добиеш ќерка и ќе и ставите име Марија“. Истиот ангел му се јавил и на Светиот Јоаким и го утешил и му рекол да оди во Ерусалимскиот храм , кај главните врати, каде ќе ја најде својата жена Ана. Тие потоа таму принеле дар на Господа во храмот Божји. Ете Господ ги услишал молитвите на Светите Јоаким и Ана и им ја дал Пресвета Богородица, Мајката на сиот христијански род и на сите луѓе. Токму заради тоа и човечкиот род е спасен. Зашто ако Пресвета Богородица не се родеше од Светите Јоаким и Ан,а немаше да дојде ни спасението на човечкиот род.
Затоа, браќа и сестри, знаеќи ја улогата на Светите Јоаким и Ана, како богоотци и родители на Мајката Божја, Пресвета Богородица, за нас тоа сознание е многу значајно, зашто молитвите на овие богоугодни луѓе биле примени од Бога. И ние денес кога ги славиме споменот на Светите Јоаким и Ана, треба да си приспомнеме дека секоја усрдна молитва која е упатена до Бога ќе биде исполнета доколку таа е за спасение на човечкиот род, за спасение на оние кои бараат помош од Бога. Ете во таа смисла и самиот Господ Исус Христос укажува дека родството, т.е. роднинството наше со Бога не е на основа, како што некои мислат дека ние потекнуваме од некој значаен род, туку токму поради тоа што сме христијани, поради тоа што сме се крстиле и миропомазале, и поради тоа што ги извршуваме Неговите Свети заповеди. Затоа браќа и сестри и Христос нашиот Спасител укажува дека ние треба да водиме строго сметка да ги исполнуваме Неговите Заповеди, да живееме во сопгласност со Светото Евангелие, Светото Писмо и Светото Предание. Ако ние тоа го исполнуваме, т.е. ги исполнуваме Божјите Заповеди, тогаш ние сме Христови последователи и чеда Божји.
Еве, Светите Јоаким и Ана ни даваат еден прекарасен пример како да живееме, браќа и сестри. Имотот што тие го поседувале, бидејќи биле од значаен род, т.е. Светиот Јоаким бил од Давидовото колено, а Света Ана, била од свештеничкиот род Аронов, што значи биле од значајни колена кај еврејскиот народ. Ете, тие бидејќии имале доволно средства за нивното живеење, им останувал еден добар дел од средствата од имотот што го имале, и истиот го делеле на три дела. Едниот дел служел за нивно прехранување, вториот дел го давале на сиромасите, а третиот дел го давале на црквата, односно на храмот. Ако и ние, браќа и сестри, го земеме предвид овој прекрасен пример како треба да живееме и како треба да се однесуваме и како треба да го распоредуваме нашиот имот, тогаш секако и ние ќе го добиеме Царството Небесно како што и тие го добија. По молитвите на Светите богоотци Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар