На 15.09.2019 г., во Тринаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Мамант, Свети Јован Постник, патријарх Цариградски, Свети Елеазар и Празник на чудото на Пресвета Богородица на иконата Калужска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Зоран Димовски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Лошите лозари, домаќинот ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други добри лозари, кои ќе му ги даваат плодовите навреме“ (сп. Мат. 21, 41).
Го слушнавме, браќа и сестри, денешното литургиско Свето Евангелие, во оваа Тринаесетта недела по Педесетница, во која се говори за лозјето и лозарите.
Од Светото Евангелие слушнавме, како некој човек домаќин, насадил лозје, направил ограда, ископал бунар, изѕидал кула, и го предал на лозарите, за да му го даваат плодот од лозјето навреме.
Домаќинот, најнапред ги испратил своите слуги, за да му ги приберат плодовите од лозјето, но лозарите, едниот од слугите го истепале, другиот го претепале, а третиот со камења го засипале и убиле.
Тогаш домаќинот испратил, други слуги, повеќе од првите, но лозарите и со нив го направиле истото.
Тогаш, домаќинот си рекол, ќе го испратам при нив својот син, бидејќи, можеби од него ќе се засрамат и ќе ги дадат плодовите навреме. Но тие кога го виделе синот на господарот на лозјето, си рекле меѓу себе: „Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово“ (сп. Мат. 21, 38).
Тогаш, браќа и сестри, Спасителот Христос, прашува што ќе направи господарот со овие лоши лозари, а старешините јудејски, фарисеите и садукеите, кои биле тука присутни, рекле: „Лошите лозари ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме“ (сп. Мат. 21, 41).
Спасителот Господ Исус Христос, оваа парабола ја кажал токму за книжниците, фарисеите и старешините јудејски, кои потоа се здружиле и се договориле да го убилјат нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Сите параболи кои ги изговорил Господ Исус Христос, имаат преносно значење, па така и оваа парабола има преносно значење. Под лозје во оваа парабола, се подразбира еврејскиот народ, кој во тоа време бил избран народ од Бога, и единствено тој ја имал сочувано верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух.
Исто така, под лозје го подразбираме, не само еврејскиот народ, односно старозаветната Црква, туку и новозаветната Црква.
Кога Господ вели, дека го оградил лозјето со плот, тоа значи дека, Евангелието (Законот Божји) го дал како ограда, односно како заштита на Црквата Божја.
Потоа се вели, дека ископал бунар, а бунарот или водата, ги означуваат Светите Тајни, кои ни се дадени во Црквата, односно: Крштението, Миропомазанието, Покајанието или Исповедтта, Големиот Маслосвет, Венчанието, Свештенството и Тајната над сите тајни, Евхаристијата, односно Причесната.
Ете, тоа е значењето на лозјето, за кое се говори во оваа парабола.
Новите лозари за кои говори Господ, се всушност, многубожечките народи, кои не знаеле за Христа, односно не знаеле за вистинскиот Бог, сè до Христовото доаѓање во светот.
Кога Светиот Апостол Павле, дошол во Атина за да им проповеда на атињаните, тие му рекле, дека му се молат на непознатиот Бог, а Светиот апостол Павле им рекол дека, токму за тој Бог им проповеда и им објаснува, односно за Спасителот Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој излегол од прегратките на Отецот и примил човечко тело, во сè исто како нашето, освен во гревот.
Ете, тоа е тој незнабожечки народ, на кој Господ всушност му го испратил Светито апостол Павле, за да им го проповеда Евангелието Христово. Незнабожечкиот народ, е всушност новозаветната Црква, браќа и сестри.
Од сето ова што го слушнавме, во оваа парабола на Светата Литургија, ние треба да се потрудиме и да видиме каде всушност се наоѓаме ние, односно дали и ние сме како фарисеите, садукеите и старешините јудејски, кои површно го примиле Законот Божји, а не длабоко во срцата и душите. Тие формално верувале во Бога, браќа и сестри, и токму затоа, не навлегле во суштината на учењето на Светата Црква.
Токму затоа, Господ Исус Христос вели, дека лукавите и лоши лозари, не му дале достоен плод.
Кои се плодовите на лозјето, браќа и сестри? Плодовите на лозјето се добрите дела, што треба да ги направат луѓето, без разлика дали станува збор за раководители на државата, на организации и на фирми, или обични луѓе. Сите тие, треба да ја разберат суштината на учењето на нашата Света Православна Црква.
Исто така, се вели дека, ако тие правилно не ја научат верата и не живеат според неа, тогаш, нив ќе ги стигне проклетството, што го изрекол Светиот пророк Исаија. Светито пророк Исаија вели: „Волот го познава стопанот свој, и магарето – јаслите на господарот свој, а Израилот не Ме познава, Мојот народ не разбира. Затоа ќе, опусти вашиот дом, и сè додека вие не се вразумите и нè кажате, благословен е оној кој доаѓа во името на Господа, нема да се спасите“ (сп. Иса. 1, 3).
Па еве, и ние ако размислиме сериозно, не сме далеку, од еврејскиот старозаветен народ, кој го отфрлил Христа нашиот Бог и Спасител, зашто на крајот од ова Свето Евангелие се вели следново: „Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот и дивно е во очите наши“ (сп. Мат. 21, 42), а аголниот камен, е Спасителот наш Господ Исус Христос.
Па еве, по две илјади години проповедање на Христовата наука, ние христијаните, во Македонија не сме отишле многу далеку од старозаветниот еврејски народ.
И кај нас, во голема мера, да не речам повеќе од деведесет насто, од крстените и миропомазани православни христијани во нашата Црква, а и пошироко во православието, не си ја знаат доволно верата. Не само што не ја знаат, туку и не живеат според верата.
Гледате, колку многу припадници има денес, во оние измислени вери, кои не се откриени од Бога, туку од луѓе создадени и колку се тие ревносни во верата нивна, односно, постојано одат на аџилаци и ревносно ги празнуваат нивните празници.
А ние, браќа и сестри, на кои ни е дадена вистинската Богооткриена вера, која не е од ангел или од човек соопштена, туку од Самиот Син Божји, Богочовекот Господ Исус Христос, ние истата, не сакаме да ја научиме и да живееме според неа.
Еве, да си спомнеме, како било во раната Црква Христова, па и во средниот век.
Во раната Црква, Црквите биле полни со луѓе, односно немало крстен христијанин, кој не доаѓал во Црква во неделите и на големите празници, кои се кај нас во календарчето, забележани со црвени букви. Денеска, ние ни еден насто не сме присутни во храмовите, а тоа значи дека мие го отфрламе Христа, како што и ѕидарите го отфрлиле аголниот камен, Кој е Христос.
Првите христијани живееле свет живот и се чувствувале како свети. Затоа ние денеска на Божествената Литургија, ако со внимание слушаме, кога ѓаконот ќе рече, „Да внимаваме“, а јас, мојата смиреност, од тука, од пред престолот подигнувајќи го Агнецот, Кој е Спасителот Христос, возгласувам: „Светињата е за светите“, што значи, сите оние што ќе се причестуваат, треба да се чувствуваат како свети. Оние што не биле подготвени да ги примат Телото и Крвта Христови, тие, кога ѓаконот или свештеникот ќе речел: „Вие кои сте огласени излезете“, а тоа се однесувало за оние што се подготвуваат за крштение, односно, кои не се крстени, тие по овој возглас, излегувале од храмот. Тогаш почнува Канонот на Евхаристијата, и сите останати верници, на крајот од Светата Литургија се причестувале.
Денеска, браќа и сестри, на прсти ги броиме, тие што ќе се причестат, односно тие што се подготвиле да ги примат Телото и Крвта Христови.
Ние нема да се спасиме, само ако велиме Господи, Господи, туку ќе се спасат, само оние, кои вистински живеат според верата.
Затоа, браќа и сестри, денеска ние слушајќи го ова Свето Евангелие, да си спомнеме дека, должноста наша е да бидеме свети, а кон тоа повикува и ѓаконот на Светата Литургија кога вели: „Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е во небесата“ (Мат. 5, 16).
За да бидеме свети, ние треба да имаме љубов кон Бога и луѓето, да имаме радост, христијанска вера, да сме долготрпеливи, да сме милостиви, да сме добронамерни кон луѓето, односно да ги исполнуваме сите добродетели.
Само тогаш, браќа и сестри, ние сме ја постигнале целта, ако живееме во согласност со учењето на нашата Света Црква, односно со учењето на Светото Писмо и Светото Предание.
Да се помолиме на Светиот Максим Исповедник, на кој денеска споменот му го празнуваме, кој се покажал како прекрасен учител на нашата Света Православна Црква и како прекрасен ум на православието, кој длабоко навлегол во суштината на учењето на верата. Преку неговите Свети молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар