На 19.08.2019 г., кога го празнуваме Преобразувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос на гората Тавор, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов и Никола Христоски, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на „Преображението Господово“ во село Зрзе, Прилеп.
На Светата Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, а по завршувањето на Литургијата беше осветен новиот лозов плод.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Ваше Високопреосвештенство, Ваше Преосвештенство, Благоговејни отци, драги браќа и сестри,
Денеска светата православна Црква прославува еден од Господовите празници. Поточно, го прославуваме славното Преображение на нашиот Спасител Господ Исус Христос на гората Тавор. Светата Црква познава повеќе форми на песни кои воспеваат одреден празник. Но, најсуштествена и најкратка по содржина е тропарот на празникот, кој со својата содржина ги изразува суштината и значењето на празникот. Така, и ние денеска го пееме и слушаме тропарот на Преображението во кој се вели: „Си се преобразил на гората, Христе Боже”.
Тоа Преображение значи пронаоѓање на образот кој отсекогаш го имал Синот Божји во прегратките на Отецот. Образот на Словото и Премудроста Божја во поинаков свет, вечен и божествен, а не во овој световен и огревовен. Не треба да се смета дека Преображението е обично овосветско јавување, како што некогаш погрешно мислеле одредени луѓе. Тоа означува враќање на Синот Божји во славата во која бил, е и ќе биде во вековите, како Премудрост Божја Која го создаде светот и векот. Затоа, и во таа состојба на небесното живеење се покажал пред апостолите кои биле обземени од овој свет човечки, од секојдневниот живот и при овој настан го почувствувале тоа што го искажал светиот апостол Петар: „Добро ни е да бидеме овде” (Мт. 17, 4).
Така, секој празник на Преображението Господово го искажува истото „Добро ни е да бидеме овде”, зашто на Преображенската литургија, како и на секоја света литургија, ние во молитвите велиме: „Ти од небитие во битие си нѐ привел, и нас, паднатите пак си нѐ подигнал и не си престанал да правиш сѐ додека не си нѐ вознел на небото и си ни го дарувал твоето идно царство”. Така, ние на секоја литургија, заедно со вас верници се искачуваме на небото, на Таворската гора и заедно со апостолите се наоѓаме на Тавор. Тие, пак, се наоѓале во Царството небесно, што посебно се доживува на денешниот празник. Денеска ние го прославуваме Преображението Господово заедно со сите православни по целиот свет. Тоа е голема радост, бидејќи имаме можност да се соединиме со многумилионски народи и заедно со апостолот Петар, можеме да ги кажеме зборовите: „ Добро ни е да бидеме овде “.
Се поставува прашањето: „Зошто овде ние е добро?” Добро ни е, затоа што Господ со силата на Својата благодат, која потполно не иззема од овој свет, ни дава можност ние да дојдеме кај Него, очистени со благодатта на Светиот Дух, само ако кај нас постои и најмало покајание. Како што и Самиот Спасител Кој се вочовечи и воплоти, кога на Крштението Светиот Дух се јави врз Него, и самиот Отец зборуваше: „Овој е Мојот возљубен Син” (Мт. 17, 5), така и на другите празници како што е денешниот, ние гледајќи го чудото Божјо, се ослободуваме од овоземните маки и незгоди и од сите болести и страданија, како духовни, така и телесни. Така, да се преобразува целиот наш живот по образот Божји, по образот на Синот Божји, по образот на Царството Божјо. Во тоа е и смислата на христијанството. Ако ние опстоиме и не се плашиме од никого и ништо, од никакви сили, ниту видливи, ниту невидливи, бидејќи силата на Преображенската слава Божја се пројавува во немоќта, преку Преображението.
Така и ние, кои денес сме собрани во овој манастир да измолиме милост Божја, за да ги преобрази нашите срца и души. Па така, да Го засакаме Господа Христа и неговата спасоносна наука, за спасение на нашите души, сега и во сета вечност.
На самиот крај, нека ми биде дозволено да истакнам и еден историски факт од животот на оваа света обител. Поточно, денеска одбележуваме и 650 години од првиот насликан фрескоживопис, којшто е направен во 1369 година. Се разбира дека овој манастир има и други слоеви на фрескоживопис, коишто се од други временски периоди. Посакуваме оваа света обител да прослави уште многу поголеми јубилеи, кои ќе бидат за прослава на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, и за афирмација на нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Честит празник и за многу години.
Митрополит Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј