Деветта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 18.08.2019 г., во Деветтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Евсигниј, Светиот свештеномаченик Фавиј (Фавијан), папа Римски, Светиот маченик Понтиј и Света Нона, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение протоереј-ставрофор Трајко Босеовски, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Во оваа Деветта недела по Педесетница или по Духовден, од денешното Свето Литургиско Евангелие слушнавме како Спасителот наш Господ Исус Христос, направил чудо, односно ги спасил Светите Апостоли, кои ноќта околу четвртата стража, биле во езерото.

Откако Господ Исус Христос нахранил пет илјади луѓе, освен жените и децата, им рекол на Своите Светите Апостоли да преминат од другата страна на езерото, бидејќи Спасителот имал желба да се помоли насамо во планината, откако ќе го распушти народот.

Додека Спасителот се молел во планината, Неговите ученици биле некаде на средината на езерото, кога наеднаш дувнал спротивен силен ветер, кој им се заканувал да ги потопи во езерото. Апостолите многу се исплашиле, но потоа виделе како некое привидение оди по водата, и  веднаш го слушнале гласот на Господа, Кој им рекол: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!” (Мат. 14, 27).

Тогаш Светиот апостол Петар му рекол на Господа: „Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе по водата!” (Мат. 14, 28). Господ му рекол: „Дојди!“, а Светиот апостол Петар, тргнал да оди по водата како по суво, кон Христа нашиот Бог и Спасител. Но во еден момент, кога врз него наишол еден силен бран, тој се уплашил од бранот, односно се посомневал дека и понатаму ќе може да оди по водата и почнал да тони. Тогаш Господ му рекол: „Маловернику, зошто се посомнева?” (Мат. 14, 31). Тогаш Свети апостол Петар му вели на Господа „Помогни ми Господи!“ (сп. Мат. 14, 30), а Господ ја пружа раката, го вади од водата и заедно влегуваат во чунот, а бурата во езерото веднаш престанала. Тогаш Светите Апостоли сите до еден му се поклониле и му рекле: „Навистина, Ти си Христос, Син на Живиот Бог!” (сп. Мат. 14, 33).

Еве, браќа и сестри, оној што прв го исповеда Христа нашиот Бог и Спасител, како Син Божји, во овој момент се посомнева дека ќе може до крај да оди по водата, како по суво. Ова, неверие или сомнеж(от) на Светиот апостол Петар, е за поука за нас, бидејќи Светиот апостол Петар не бил неверник, туку тој во овој момент покажал послаба вера. Токму затоа, Спасителот Господ Исус Христос не му вели „невернику“, туку „маловернику“,бидејќи покажал помала вера, а веднаш потоа, откако Светиот апостол Петар му се обраќа на Господа со сето свое срце и со сета своја душа, Господ го спасува и го извлекува од морето, за да не потони.

Што значи, браќа и сестри, морето, и што тоа претставува? Морето, е нашиот животен пат, а кајчето или чунот со кој пловеле Светите Апостоли, е всушност нашето тело и нашата душа, кои пловат по морето на нашиот живот, бидејќи како што постојат морињата и езерата по кои пловат луѓето, така постои и животното море, или животниот пат на луѓето, по кои ние пловиме, за да стигнеме до местото кое Господ го подготвил за нас, односно до Царството Небесно.

Ние, без силна вера во Бога, не можеме да очекуваме дека ќе се спасиме. Верата на луѓето, во постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, е основата на нашиот живот на земјата.

Господ Исус Христос рекол, дека „без вера, никој не може да се спаси“. Секој што има вера, но не било каква вера, туку вера во постоењето на Христа нашиот Бог и Спасител, во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, како што учиме и читаме во Светото Писмо, Светото Предание, и во учењето на Светите Отци, може да не спаси. Нашата вера, е изложена во Символот на Верата, кој го читаме на Божествените Литургии и на другите Свети Божествени богослужби.

Символот на Верата е еден прекрасен текст, со прекрасна содржина, за учењето на нашата Света Православна вера и Црква. Ниедна верска заедница, дури ни оние што се нарекуваат себеси големи христијани и кои на број се можеби милиони или над милиарда, немаат така чист Символ на Верата, онаков како што го има нашата Света Православна вера и Црква.

Символот на Верата, браќа и сестри, е создаден на првите Собори, кои биле свикани како последица на погрешните учења, што се јавиле во Црквата Христова. Символот на верата не е плод на човечко мудрување и човечка измислица, туку е плод на Светиот Дух и на Божјата благодат, која била излеана врз Светите Отци, кои учествувале на Вселенските Собори.

Светите Отци, во однос на боговдахновеноста на Символот на Верата говорат: „Ако и ангел од небесата, ви благовести нешто поинаку, од она што е кажано тука, нека биде анатема“.

Ние не можеме како Црква, да мислиме дека можеме да се спасиме, ако веруваме било како, туку само ако правилно веруваме, онака како што нам ние е предадена верата од Самиот Спасител Господ Исус Христос, а не од ангел или од некој човек. Никој немал смелост и сила, да го говори тоа, што го говорел Спасителот Господ Исус Христос, бидејќи не можел да биде тоа што бил нашиот Спасител, односно Син Божји и  Совршен Човек, кој дошол во светот, заради нас и нашето спасение.

Затоа, браќа и сестри, верата наша е основата на нашата Црква и на нашиот православен христијански живот. Без вера, ние не можеме да се спасиме.

Ние честопати говориме, а понекогаш и за да им угодиме на оние што се околу нас, а не се православни христијани, дека сите вери упатуваат кон Бога. Точно е тоа дека во сите вери има и добри работи, но исто така треба да заеме, дека содржината на учењето на тие вери, е човечка измислица, а не учење што е предадено од Бога, и затоа тие не можат да им го дадат спасението на луѓето. Кажано е, дека ако ние, „една јота или црта од Законот измениме, тогаш најмали ќе се наречеме во Царството Небесно“ (сп. Мат. 5, 18).

Браќа и сестри, ние во животот имаме големи искушенија и големи страдања. Суштината на проблемите во животот на луѓето е секогаш сомнежот. Кога во семејството некој ќе се посомнева во нешто, тогаш веднаш се појавуваат проблеми. На пример, ако родителите се посомневаат во децата, дека тие не се на правиот пат или не ги почитуваат онака како што треба, тогаш веднаш започнуваат проблеми и страдања. Но исто така, има и семејства во кои децата се добри, а родителите, им се оддале на лоши пороци и лош живот, но тие знаејќи дека нивните родители се соработници Божји во нивното создавање, кон нив имаат почит како кон свети луѓе. Тоа всушност е правилниот пат, кога секое дете ги почитува своите родители, без разлика колку се тие неправедни или лоши кон нив. Но исто така, и родителите не треба да заборават дека не треба да ги дразнат своите деца и да се однесуваат кон нив како да не се тие Божји деца и Божји созданија. Секој кон секого, треба да се однесува како кон рамен на себеси, а не обратно.

Ете, браќа и сестри, токму во тоа е и суштината, да се нема сомнеж во верата. Ако се појави сомнеж во семејството, односно во таткото, мајката, или во децата, тогаш семејството полека почнува да се раслојува и да пропаѓа. Исто така, ако во една организација има сомнеж помеѓу работодавачите и работниците, тогаш таа организација нема долго да оди, туку ќе пропадне. Ако во една држава нема вистински начин на живот, во согласност со учењето на нашата Света православна вера и Црква, тогаш порано или подоцна, таа земја или држава, ќе почне да се распаѓа.

Некој ќе рече дека во светот има многу силни држави кои напредуваат, а не се православни. Ние не зборуваме за нивното политичко и општествено живеење, туку зборуваме за духовниот живот, за духовното живеење и за животот во Царството Небесно. Можеби некои тука ќе опстојат во овој свет, на оваа земја, но таму во Царството Небесно нема да опстојат, без вистинската вера во Христа нашиот Бог и Спасител.

Затоа сите ние, треба да сме свесни и да знаеме дека нашата надеж и нашата вера не треба да биде во луѓето, зашто во Светото Писмо е кажано: „Немојте да се надевате на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение, туку надевајте се во Бога (сп. Псал. 145, 3). Нашата надеж треба да биде во Бога, односно во нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Некои луѓе, кога имаат големи искушенија и стрдања, велат дека Господ ги напуштил. Не, браќа и сестри, Господ нас никогаш не нè напушта. Секој што има силна вера, колку и да дојдат на него искушенија и страдања, тој ќе ги совлада, ако го повикува Бога на помош, како што и Свети апостол Петар, го повикал Бога на помош, кога почнал да тони во езерото.

Оние луѓе, кои имале силна вера во Бога, се избавиле и спасиле, од невозножни состојби и ситуации, а оние што немале вера во Бога, паднале и при најмали потреси и искушенија, бидејќи паднал нивниот дух и не се бореле. Господ вели: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15, 5).

Затоа, браќа и сестри, секогаш да го повикуваме Бога, да ни биде помошник во нашиот живот, за да се избавиме од секакви искушенија. Да се послужиме со зборовите на Светиот апостол Петар, кој кога се нашол во опасност да потоне во езерската длабочина, извикал: „Помогни ми Господи“ (сп. Мат. 14, 30).

И ние, во секое време на страдања, искушенија, маки и борби со нечестивиот, никого друг да не повикуваме, освен Бога, бидејќи еден монах, откако поднел големи искушенија, најпосле му се обратил на Бога и му рекол: „Господи каде беше кога страдав?“, а Господ му рекол: „Тука бев, но ти не ме повика!“ Така и ние, треба да знаеме дека Господ е секогаш со нас, само треба да го повикаме како Светиот апостол Петар: „Помогни ми Господи, оти пропаѓам“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар