Црквата Христова, како Божја установа, е една, света и соборна преку учењето, благодатта, Светите Тајни и сл. Но, од друг страна, по својот распоред на земјата, таа се дели на помесни, национални делови, кои ги управуваат посебни пастири (ерархија), поставени од Бога на таа должност, заради поуспешно делување во име на спасението на светот.
По заповедта на Христос Спасителот, во Црквата се повикани сите народи, без исклучок и поништување на нивните месни и национални природни особености и истите се ставени во рамноправен однос кон Него, па затоа ова делење на едната вселенска Црква на помесни е последица од разликите на народите кои влегуваат во нејзиниот состав, а имаат различен јазик, национален карактер и поредок на социјалниот живот.
За да може најдобро да се проникне во карактерните особености на народите, да се добие нивната доверба и да не им се нарушува нивниот државен суверенитет, и да не се загрозува нивната безбедност со мешање на други држави во нивните работи преку Црквата – да се изврши поумна христијанизација на целокупниот нивни бит и со нивна соработка, неизбежно е Црквата кај народите да има, според заветот на нејзиниот Основател, и национален карактер. Од тие и слични принцини Православната Црква секогаш признавала и признава, како што вели проф. М.И. Горчаков, дека е неопходно да постојат самостојни Цркви во рамките на Вселенската Црква.
Соодветно на тоа, уште во времето на апостолите и непосредно потоа, па и подоцна, во едната Римска империја, каде што се појавило христијанството, не била создадена една Црква со еден старешина за сите народи, туку биле создадени многу месни Цркви и во многу места, кои се спомнуваат во новозаветните и други црковни книги. Такви се: Ерусалимската, Антиохиската, Александриската, Ахајската, Солунската, Ефеската, Римската, Картагинската, Атинската, Критската, Коринтската, Индиската и др.
Крајот на Првата светска војна на Македонија ѝ донесе распарчување на три дела. Согласно територијалната распарченост дојде и до поделба на македонските епархии меѓу Црквите на соседните три земји: Бугарија, Грција и СХС.
Новонастанатите услови го свртеа вниманието на македонскиот народ кон легална или илегална борба за национално ослободување и обединување на Македонија, така што борбата за црковна слобода, мина на втор план, но тесно беше поврзана со националната борба.
Бугарската егзархија, продолжувајќи ја поранешната големобугарска политика кон Македонија, православните Македонци од Пиринска Македонија ги приклучи кон себе, како составен дел од својата Црква, создавајќи Неврокопска епархија, а во администацијата воведе бугарски јазик.
Атинската архиепископија се спогоди со Цариградската патријаршија околу приклучувањето на македонските епархии во Егејска Македонија под своја јурисдикција. Во администацијата и богослужбите воведе грчки јазик.
Истото се случи и со делот од Македонија во Кралството на СХС, подоцна Кралство Југославија. Шесте македонски епархии беа откупени од Цариградската патријаршија и приклучени кон Српската православна црква, која од своја страна изврши реорганизација и создаде три епархии: Скопска, Охридско-Битолска и Злетовско-Струмичка. Во администрацијата беше воведен српскиот јазик.
Ваквата положба на македонските епархии остана сѐ до започнувањето на Втората светска војна. Окупирањето на поголем дел од Македонија од бугарската окупациска власт, доведе и до приклучување на македонските епархии кон бугарската Егзархија. Епархиите во Вардарска Македонија беа административно разделени на архиерејски намесништва, а во парохиите беа доведени голем број свештеници од Бугарија, на чело со три митрополити, како администратори на трите постојани епархии. Во администрацијата беше воведен бугарскиот јазик.
И Егејска Македонија, по расцепувањето на Македонија, потпадна под бугарска власт, а македонските епархии беа приклучени кон Егзархијата.
Единствено, еден мал дел од Западна Македонија, што потпадна под италијанско-албанска окупација, во црковен поглед беше приклучен кон Албанската Црква. Беа создадени неколку архиерејски намесништва: во Струга, Дебар, Тетово, кои беа директно потчинети на албанскиот архиепископ. Во администрацијата се направи обид за воведување на албански јазик, меѓутоа, поради непознавање на јазикот и отпорот што го даде свештенството, јазикот не беше воведен.
Во Народноослободителната борба против фашизмот, рамноправно учество со останатите братски југословенски народи зеде и македонскиот народ, кој воедно водеше борба и за национална афирмација. Народната револуција го реши прашањето околу признавањето на македонската националност. Вековната желба на македонскиот народ и макотрпната борба за ослободување и создавањето македонска државност беше решена уште во текот на национално-ослободителната борба на заседанието на АВНОЈ во Јајце, во 1943 година, кога беа удрени темелите на новиот државен и опшествен поредок на новата социјалистичка Југославија.
Во врска со решавањето на националното прашање на македонскиот народ, православните Македонци го поставија прашањето и за самостојност на Православната Црква во Македонија. Согласно со давањето на верските слободи на граѓаните, главниот штаб на НОВ и ПОМ во декември 1943 година, на ослободената територија во Западна Македонија, создаде посебно Верско Поверенство за Православната Црква во Македонија и постави принципи за осамостојување на православните верници и на црковната организациија од туѓите Цркви, со што беа поставени насоки за понатамошниот пат за создавањето на Македонска Православна Црква по ослободувањето на земјата.
Здобивањето со државност и национална слобода го актуелизира и решавањето на прашањето за црковна слобода на православните верни во Македонија. Бидејќи, Православието во Македонија беше одреден фактор за внатрешно-опшествениот живот во Социјалистичка Република Македонија, се пристапи кон решавањето на прашањето за обнова на Охридската архиепископија, на која православните Македонци имаат историски и канонски права. Оваа желба на православните Македонци ја застапуваше, настојувајќи да се реализира по канонски пат, Иницијативниот Одбор за организирање Православна Црква во Македонија.
Бидејќи се создаде заедничка татковина на југословенските народи, нова социјалистичка Југославија, поставена на федеративна основа, најприродно беше што православниот дел од македонскиот народ побара помош за реализирање на својата вековна желба – создавање на Македонска Православна Црква и обнова на Охридската архиепископија од сестринската Српска Православна Црква. И навистина, желбата на православните Македонци најде разбирање кај сестринската Црква.
На Црковно-народниот собор во Охрид, одржан од 4-6 октомври 1958 година беше донесена историска одлука за обнова на Охридската архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Притоа е запазено каконско единство со сестринската Српска Православна Црква, изразено преку Патријархот на Српската и Македонската Православна Црква.
Вистинските претставници на македонскиот православен народ – македонското духовништво, на Вториот црковно-народен собор, одржан во древниот Светиклиментов град Охрид, ја обновија Охридската архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, ја возглавија со првиот вистински следбеник на последниот охридски архиепископ и ја избришаа реката солзи од очите на Дедо Арсениј, што ги лееше кога го напушташе Охрид…
Српската Православна Црква ја одобри одлуката на Црковно-народниот собор во Охрид и со нејзино учество беа хиротонисани двајца домородни епископи на чело на Преспанско-битолската епархија, во лицето на Неговото Преосвештенство г. Климент и за Злетовско-струмичката епархија, во лицето на Неговото Преосвештенство г. Наум. На чело на обновената Охридска архиепископија и Македонска Светиклиментова Православна Црква застана домороден архиереј, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Скопски и Митрополит Македонски г.г. Доситеј. Македонската Православна Црква се здоби со свој САС и сите други црковни тела, потребни за самостоен живот на Црквата.
Неговто Блаженство Архиепископот Доситеј и другите избрани епископи Климент и Наум ја поведоа обновената Македонска Православна Црква кон нови, светли денови. Со тоа се исполнија и вековните молитви на сите Македонци за духовен, односно народен (автохтон) пастир.
Во текот на петгодишниот слободен живот, Македонската Православна Црква сестрано потпомогната од заедницата, постигна видни резултати во подигањето на духовниот живот кај своите верни, но и во организациона смисла, со што си избори доволна репутација како конструктивна организација во СФРЈ и како вистинска Христова Црква во светот.
Првиот архиепископ на возообновената Македонска Православна Црква, г. г. Доситеј е роден 1906 година во Маврово на 7 декември, со световно име Димитар Стојковски. Со одличен успех ја завршува шестокласната Битолска богословија. Потоа, на седумнаесет годишна возраст бил замонашен во кичевскиот манастир „Св. Богородица – Пречиста“. По одредените подготовки, Доситеј заминал за Света Гора, кога улогата на негов духовен татко, ја презел игуменот Митрофан од манастирот Хиландар. Хиротонијата за епископ Топлички викарен на Српскиот Патријарх Викентиј се одржала на 22 јули 1951 година.
Целиот свој живот го посветил на службата на Црквaта. Тој будно го следел решавањето на македонското црковно и национално прашање, и вложувал максимални напори за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската Православна Црква. Под негово раководство бил свикан Третиот црковно-народен собор, одржан на 17 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за автокефална.
Од изборот за Поглавар на МПЦ па сѐ до последниот негов здив, Архиепископот Доситеј несебично и неуморно работи за доброто на својот македонски народ и се разбира на МПЦ. Сето тоа го гледаше и го ценеше секој Македонец, секој верник и секој христијанин, па и сите граѓани на нашата татковина. Тој беше сакан и мил меѓу сите, бидејќи искрено и од сѐ срце се грижеше за доброто, афирмацијата и процутот на МПЦ, а преку тоа и за македонската нација. Тој беше добар архипастир, одличен поглавар на Црквата, надарен проповедник и активен црковен работник. Тоа веднаш се почувствува, најпрво во добрата организација на Црквата. Еднаш, кога говореше, тој нагласи: „Тежок е, нималку лесен и едноставен, патот до црковната слобода. Дури по изминувањето на повеќе од две столетија, се заврши духовното ропство на македонскиот православен човек, полно со однародување и омаловажување. Сега отпочнува нова ера на самостоен живот“. Затоа, поучувајќи ги своите духовни чеда Поглаварот велеше: „Со здружени и продуховени сили, сите заедно, треба да ја сакаме нашата Црква и национална слобода, и да ги негуваме придобивките од народно-ослободителната војна“.
Под неговото раководство, по барање на верниците и свештенството во Македонија, заедно со членовите САС, се прогласи автокефалноста на МПЦ во 1967 година, така што нашата Црква од тогаш живее и делотвори самостојно.
Откако беше избран и устоличен за Архиепископ Охридски и Македонски, Негово Блаженство ги отвори и со златни букви ги исполни првите страници од историјата на обновената МПЦ. Таму каде што во текот на вековното ропство за македонскиот народ беше ставена точка со укинувањето на Охридската архиепископија – Неговото Блаженство ја избриша точката и стави запирка: го продолжи делото на св. Климент и св. Наум. Со тоа даде пример и им остави аманет на идните генерации – со уште поголем елан и љубов да ја изградуваат среќната иднина на својата МПЦ во слободната татковина и насекаде каде што живеат Македонци. Тој останува светол пример и за сегашните и за идните наши црковни водачи, со каква љубов и предаденост треба да ѝ служат на Светата Црква, на својата православна вера, на својот народ, зашто таков е добриот „пастир, кој за своите овци ја полага душата своја“ (Јн. 10, 11).
Со големото негово залагање и поттик, низ цела Македонија се обновија многубројни цркви и манастири, кои се од големо значење за нашата црковно-народна и културна самобитност. Тој освети многубројни новоподигнати и обновени цркви, и манастири не само во неговата епархија, туку и во цела Македонија, како и во прекуокеанските земји. А тоа го правеше со голема љубов, ревност и расположение.
За подобро управување и задоволување на духовните потреби на верниците, Неговото Блаженство предложи, а тоа се внесе и во Уставот, Македонската Православна Црква да е составена од осум епархии, шест во Македонија и две во дијаспората.
Ракоположи седум домородни (автохтони) архиереи. Ракоположи за свештеници голем број завршени богослови, проповедници на Божјото слово на мајчин македонски јазик, со што го пополни проретченото парохиско свештенство, и не мал број ѓакони, поучувајќи ги да се угледуваат на нивните предходници – народните пастири од минатото, од времето на св. Климент, па сѐ до обновувањето на Охридската архиепископија, зашто тие се и остануваат главната гаранција и за утрешните напори за постигнување на нови успеси на црковното поле во нашата слободна татковина. Исто така, монашкиот ред го пополнуваше со потстрижување монаси и монахињи, за што жеднееја нашите убави и свети манастири.
На внатрешен план, под раководство на Архиепископот Доситеј, МПЦ мошне брзо организационо се конституира и ја разви својата црковна дејност на сите полиња. За да ги задоволи потребите на своите верници отворени се Средно богословско училиште и Богословски факултет. Ги собра и обедини во македонски црковни општини македонските верници од прекуокеанските земји. Она што посебно заслужува внимание е односот на Архиепископот Доситеј кон тогашната социјалистичка револуција и неговиот беспрекорен став во градењето на срдечни односи меѓу МПЦ и тогашното социјалистичко општество. За таквата конструктивна дејност на Архиепископот Доситеј тој двапати е одликуван од претседателот на Републиката Јосип Броз Тито. Во 1967 година го доби Орденот на југословенско знаме со лента, а во 1977 година Ореднот за заслуги кон народот со златна ѕвезда.
Свесен за големата улога на печатениот збор, Поглаварот на нашата Црква настојуваше постојано да се засилува црковната издавачка дејност. Освен службениот орган „Весник“ и нашето во тоа време ново и популарно списание „Воскресение“, нашата Црква издаде повеќе книги со црковен и верско-поучен карактер.
Веста за обновувањето на Охридската архиепископија и организирањето на МПЦ ги исполни со преголема радост душите и срцата на сите православни Македонци во татковината и во дијаспората. Со ова се отворија можности за организирање на црковни општини и изградба на македонски цркви во земјите каде што живеат наши сонародници. Веќе во 1960 година е отворена првата македонска црква во градот Мелбурн – Австралија. Примерот на православните Македонци во Мелбурн го следеа православните Македонци во САД и Канада. Само по три години во Гери е осветена нашата црква „Св. Петар и Павле“, а по пет години во Торонто – црквата „Св. Климент Охридски“. Бројот на овие цркви денес е повеќе од триесет. Во нив богослужат и проповедаат наши свештеници на македонски јазик.
Обновителот на Охидската архиепископија и организаторот на автокефалната Македонска Црква е еден од ретките ликови меѓу православните ерарси во современото Православие. Неговото целокупно дело, изградувањето на неговата православна личност, неговите говори, проповеди и неговата активност во врска со обновувањето на Охридската архиепископија, органицирањето на МПЦ и прогласувањето на нејзината автокефалност – заслужува да биде сестрано проучувана во светлината на Светото Православие. Уверени сме дека тоа ќе ја збогати духовната ризница на Светата Православна Црква и ќе придонесе за согледување на нашата црковна и народна вистина, дека ќе придонесе за поскорото признавање на нашата црковна автокефалност од страна на сите сестрински помесни автокефални Цркви.
Нека дејноста на Архиепископот Доситеј остане вечно во нашите срца, а неговиот светол живот нека ни биде пример нам, но и на идните богослови и пастири на нашата Света Македонска Православна Црква.
Дамјан Петковски
Дамјан Трпкоски
Користена литература:
1. „Слово за црквата“ – протоереј Златко Ангелески;
2. „Автокефалноста на МПЦ“ – Јован Белчоски;
3. „Црковна историја на македонскиот народ“ – протоереј-ставрофор др. Славко Димевски;
4. „Македонското православно свештенство во борба за национално и црковно слово“ – Доне Илиевски;
5. „Смислата на некои отпори против автокефалноста на МПЦ“ – Доне Илиевски;
6. „Од светите браќа Кирил и Методиј до нашите дни“ – издава САС 1963;
7. „Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј“ – Доне Илиевски;
8. Службен лист на МПЦ „Весник“ 1967 год. бр. 1, 3, 5;
9. Службен лист на МПЦ „Весник“ 1981 год. бр. 3.