На 04.08.2019 г., во Седмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Света Марија Магдалина, Светиот свештеномаченик Фока, Преподобниот Корнилиј Перејаславски и Светата маченичка Маркела, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј, во Ресен.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Нека ви биде според верата ваша!“ (Мат. 9, 29). И во тој момент, се вели во денешното Свето Евангелие, им се отворија очите на двајцата слепи луѓе, кои не знаеја за Господа Исуса Христа, ниту ги гледаа Неговите чуда, ниту го слушаа Неговиот глас, туку од другите луѓе што кажувале за Христа нашиот Бог и Спасител, тие слушнале и длабоко поверувале, дека Христос е Син Божји и Спасител на човечкиот род.
Па така, кога Христос минувал по патот за да влезе во една куќа, каде што проповедал и лекувал од разни болести, тогаш овие двајца слепи луѓе, со силен глас извикале: Помилуј нѐ нас, Исусе, сине Давидов!“ (Мат. 9, 27).
Господ не им ја исполнил веднаш нивната молба и желба, туку ги оставил да се види дека нивната вера е силна, и дека тие нема да престанат да го молат Господа да ги излекува од слепилото. Овие слепи луѓе, дошле во куќата каде што имало многу народ, каде што Христос проповедал и лекувал од секакви болести. Кога Спасителот Христос ги здогледал, им рекол: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” (Мат. 9, 28), односно да ве излекувам од слепилото и да прогледате. Тие со силен глас извикале: „Веруваме Господи“ (сп. Мат. 9, 28), и Господ се допрел со рацете Свои до очите на слепите, и овие веднаш прогледале. Тогаш Господ им рекол: „Гледајте никој да не узнае што се случи!” (сп. Mат. 9, 30). Но тие излегувајќи од домот, разгласиле на целиот народ, дека Господ направил чудо, односно дека ги излекувал од нивното слепило.
Браќа и сестри, луѓето што се слепи со телесните очи, ги сметаме за многу несреќни, бидејќи не можат да ја видат убавината овој свет, да го видат сонцето, месечината, ѕвездите, планините, полината, цвеќињата, реките, морињата, езерата, океаните, и сè она што е создадено во овој свет, од Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светито Дух.
Ние на некој начин нив ги жалиме, а всушност ните треба со нив да сочувствуваме, односно треба нивната болка, мака и страдања да ги примиме како свои, зашто кога ќе ја примиш болката на болниот, на жалосниот и на оној што е во страдања, маки и искушенија, тогаш вистински со него си почувствувал дека тој е твој роден брат, повеќе од оној по крв и по тело, зашто духовното сродство е поголемо и повозвишено од телесното сродство.
И ете, кога го знаеме страдањето од телесно слепило, веднаш се наметнува прашањето: Има ли некое поголемо слепило, мака, страдање и тага, од телесното слепило? Има, браќа и сестри! Поголемо слепило, е духовното слепило. А што е духовното слепило? Духовното слепило е да не се знае вистината за постоењето на Троичниот Бог, за Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Духовното слепило, браќа и сестри, е да не се верува дека овој свет со сите убавини, како што спомнавме претходно, го создал Бог. Да не се знае дека Бог најнапред го создал духовниот свет, односно ангелите, и дека еден од тие ангели се кренал против Бога и направил војна на небесата со останатите ангели, и привлекол на своја страна една третина од ангелите, кои се нарекуваат демони или ѓаволи.
И ете, тие биле победени на небесата од Архангелите Михаил и Гаврил, кои го предводеле ангелскиот чин против овие отпадници од Бога, кои биле победени и кои Господ ги фрлил од небесата во поднебесните простории на на земјата; во пустините, каде што се и нај присутни, и токму затоа подвижниците одат во пустините, бидејќи сакаат дитектно да се борат со ѓаволот и сатаната, и да го победат. И Христос, браќа и сестри, кога бил искушуван се борел против сатаната, кого го надвладеал како совршен човек, а не само како Бог.
Духовното слепило, е исто така и незнаењето, дека Бог ги создал Адама и Ева, кои ги поставил во рајот и им дал само една заповед, која тие ја прекршиле, односно да не јадат од забранетиот плод. Откако вкусиле од забранетиот плод тие станале смртни. Светиот апостол Павле вели: „Адам згреши и умре“, односно најнапред умре духовно, бидејќи се раздели и оддели од Бога, а со тоа ја напушти и заедница со Бога. Тоа всушност е духовното умирање, зашто секое друго телесно умирање не е толку битно, бидејќи е кажано, како што вели Светиот апостол Павле: „Еднаш човекот ќе умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9, 27). Тука се мисли на Страшниот Суд, а претходно е и посебниот суд, на четириесеттиот ден, по умирањето на луѓето.
Тогаш ќе се исполни вистината за Христос, Кој дошол на земјата смирено и кротко, како јагне Божјо, роден во пештера и положен во јасли. За Христа во тоа време не се знаело ништо посебно, но кога ќе дојде повторно на Страшниот Суд, ќе биде објавено Неговото доаѓање од сите четири страни во светот, со трубите на ангелите, и тогаш ќе им се суди на луѓето за нивните дела.
Па така, сето ова да не се знае, значи да се има духовно слепило. Ете тоа е, браќа и сестри, духовното слепило.
Кога имаме духовно слепило, тогаш треба да размислиме, како и што треба да правиме за да не бидеме слепи? Ете, книжниците, фарисеите и старешините јудејски, гледајќи ги сите Христови чуда, не поверувале. И Јуда, кој бил апостол Христов, кој сè гледал и сè знаел, и тој не поверувал во Христа, иако постојано бил со Него. Јуда не поверувал, бидејќи бил слеп заради неговото среброљубие, заради љубовта кон богатството и парите. И токму заради тоа, браќа и сестри, фарисеите, садукеите и старешините еврејски, иако ги гледале чудата на Христа, тие сакале да го искриват она што било вистинско, односно дека Христос лекувал како Бог од секаква болест, а тие велеле дека Он лекува со силата на Велзевула, односно дека со силата на сатаната ги истерува ѓаволите од луѓето.
Спасителот Господ Исус Христос вели: „Не можете да им служите на Бога и на Мамона“ (Мат. 6, 24). Ако сатаната ги истерува ѓаволите, тогаш ќе се распадне неговото царство. Значи не е вистина дека, Христос со силата на сатаната ги истерувал ѓаволите, туку Он ги истерувал со Неговата Божествена сила.
Понатаму, браќа и сестри, покрај сите овие нешта, се гледа дека има една голема светлина. Светлината е, Самиот наш Спасител Господ Исус Христос. За Него, ние во Символот на Верата читаме дека е: „Светлина од Светлината, вистински Бог од Бога вистински роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку кого сè станало“.
Исто така, Христос нашиот Бог и Спасител, во повеќе наврати се јавувал во Стариот Завет, а се јавувал, исто така и Троичниот Бог, Кој му се јавил на Авраама во лицето на Тројца Патници или Тројца Ангели, што ги преставувале Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и она што му го соопштил Бог, тој поверувал. Дури поверувал и дека ако го однесе на планината Морја својот син Исака, и го принесе таму на жртва, дека потоа Господ него ќе го воскресне. Затоа по наредбата на Бога, за да се потврди неговата силна вера, го носи на брдото Мориа, и таму кога го подигнал мечот за да го заколе својот син Исака, ангел Господов му ја фаќа раката, и во истиот момент Авраам во грмушките здогледува друга жртва, односно овен, кој потоа му го принесува како жртва на Бога.
Во Стариот Завет, овните, јарците и јагнињата, се колеле како жртви на Бога, што треба да укажат на вистинската и единствена Жртва, Жртвата над сите жртви, односно на нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој бил распнат на Крст, Кој е вистинска Жртва, и преку Неговата Жртва, преку Неговата пролеана Света Крв на Крстот, ние се спасуваме, браќа и сестри, и стануваме членови на Царството небесно.
Во Стариот Завет, Божјата Светлина се покажала, и кога Мојсеј бил на гората Снај, а исто така, и со чудото со капината која горела и не согорувала, а која ја претставува Мајката Божја, Пресвета Богородица. И ете од таму, од таа Божествена Светлина, пророкот Мојсеј озарен, доаѓа и ги носи Десетте Божји Заповеди, и сите што гледале во Мојсеја, не можеле да го гледаат, бидејќи се заслепувале, оти ја гледале Божествената Светлина.
И така, Светлината, која е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој во вид на Светлина го турна од коњ, Светиот апостол Павле, кој одеше да ги гони христијаните во Дамаск, и кој кога му се обраќаше на Господа не рече која си ти Светлино, туку рече: „Кој си Ти Господи што ме турна од коњот?“, а Господ Исус Христос му вели: „Јас сум Христос кого го гониш ти. Стани и оди во Дамаск по улицата Права, и таму отиди кај Ананија, за да те крсти“ (сп. Дела 9, 6-9). Апостол Павле, откако направил како што му заповедал Спасителот Христос, веднаш прогледал.
Таа Божествена Светлина, која нам ни се дава преку Светите Тајни, почнувајќи од Крштението, Миропомазанието, Маслосветот, Покајанието, Венчанието, Свештенството и Тајната над сите Тајни, Евхаристијата, е Божјата благодат.
Кога Светиот апостол Павле не можел да ги поднесе маките, страдањата и искушенијата, кои му ги приредувал сатаната, му се обратил и пожалил на Христа нашиот Бог и Спасител, а Христос му одговорил: „Доста ти е благодатта Моја“. Преку Божјата благодат, браќа и сестри, ние се бориме со сите искушенија, со сите страдања и со сите болести. Да не заборавиме, дека ние тука на земјата, можеме да го здобиеме и спечалиме Царството Небесно.
Некои луѓе прашуваат: какво ќе биде тоа Царсто Небесно? Сите се збунети и велат дека не знаат како ќе биде во Царството Небесно. На некој луѓе, дури им здосадило да присуствуваат на Божествената Литургија, бидејќи истата била многу долга, па наместо молитвено да учествуваат и да се радуваат на Литургијата, тие постојано гледаат на часовниците, за што побрзо да си заминат дома.
Еден владиката, на народот (верниците) што се бунеле против свештеникот, кој долго ја служел Светата Литургија им рекол: „Што се буните, зарем не знаете дека свештеникот ве подготвува за Царството Небесно“. Во Царството Небесно, нема да има ништо друго, освен Троичниот Бог и Христос Кој ќе свети со Својата светлина и ќе ги озарува сите со Божјата Светлија. Таму нема да има ништо друго, освен славењето на Бога, како што ние денес го славиме на Светата Божествена Литургија. Царството Небесно, браќа и сестри, ќе биде непрестајна Литургија. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар