На 28.07.2019 г., во Шестата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите маченици Кирик и Јулита, Светиот Владимир и Светиот маченик Давид Алепски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, Стеван Груевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Синко не бој се! Ти се простуваат гревовите твои! Стани земи ја постелата твоја и оди си!“ (сп. Мат. 9, 6).
Со овие зборови, браќа и сестри, Спасителот наш Господ Исус Христос, Му се обраќа на човекот што бил фатен, односно бил парализиран и не можел да оди. Неговите пријатели кои го сакале многу, сакале да му помогнат да се излекува, па затоа решиле да го однесат при Христа во Кого имале силна вера и верувале дека ќе го излекува нивниот пријател. Во тоа време, Христос нашиот Бог и Спасител, бил во една куќа, каде проповедал и лекувал од многу болести, па пријателите на овој човек, неможејќи да се пробијат низ луѓето, решиле да се качат на кровот, кого го отвориле, и низ него го спуштиле болниот пред Христа нашиот Бог и Спасител, во одајата во која проповедал.
Кога Господ ја видел силната вера на овие луѓе и верата на болниот, Му рекол на болниот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!“ (сп. Мат. 9, 2). Веднаш, штом Спасителот Господ Исус Христос ги изговорил овие зборови, болниот се излекувал од парализата и станал, а Господ Му рекол да си јаземе постелата своја и да си оди.
Дел од луѓето што биле тука присутни, односно фарисеите и садукеите, во своите срца и мисли говореле: „Кој е овој да простува гревови“, (сп. Мат. 9, 3) бидејќи, само Господ може да простува гревови.
Откако Господ прозрел во нивните души и срца, им рекол: „Зошто мислите лошо во вашите души и срца? Што е полесно да му речам на болниот: Ти се простуваат гревовите твои, или да му кажам: Стани и оди!?“ (сп. Мат. 9, 4-5).
Ете, браќа и сестри, со овој настан, односно со ова чудо што се случило во Капернаум, Спасителот Господ Исус Христос, сакал да им укаже на луѓето, дека причината за болеста на овој човек, биле неговите гревови. Токму затоа Господ не го излекувал веднаш овој човек, туку прво му ги опростил гревовите, а дури потоа го излекувал, откако ја видел неговата вера, а и верата на оние што го донеле.
Веднаш се поставува прашањето, дали ние денес страдаме заради нешто друго, или најповеќе страдаме заради нашата гревовна состојба, односно заради нашите гревови што сме ги направиле, а исто така, и заради гревовите на нашите предци? Должноста на секој од нас, кој сака да се ослободи од злото, страдањата, потешкотиите, болестите и жалостите, е првенствено да се ослободи од гревот, односно од гревовите.
Што е всушност гревот? Гревот е престапување на Божјата заповед, односно неисполнување на Божјите Заповеди. Оној кој што живее во согласност со учењето на нашата Света Црква, во согласност со Светото Писмо и Светото Предание, тој, браќа и сестри, е на правиот и вистинскиот пат. Гревовите и гревовната состојба, се како едно разбранувано море, кое своите бранови сè повеќе и повеќе ги зголемува, за да нè однесе во вителот и да пострадаме засекогаш.
Ние за да се ослободиме од гревовите, треба да исполниме два услови:
Првиот услов е да им ги простиме гревовите и прегрешенијата на луѓето што нам ни ги направиле, бидејќи така и се молиме во молитвата „Отче наш“ кога велиме: „прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“. Оној што не може да прости грев или прегрешение, кое нему му го направиле, тој не може да се нарече христијанин, бидејќи должноста на православните христијани, не е само да се молат и да ги сакаат своите блиски, односно роднините и пријателите, туку тие треба да ги сакаат сите, па дури и непријателите, бидејќи сите ние сме, браќа и сестри, во Господа, (т.е. деца Божји).
Па така, ние треба да покажуваме љубов и кон своите непријатели, а за тоа пример ни дал и нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој на Крстот, на Кого го распнале Евреите, се молел за нив велејќи: „Опрости им Господи, зашто незнаат што прават“ (сп. Лука, 23, 34). Овие зборови ги изговорил Спасителот наш Господ Исус Христос кога ја испуштал Својата Света Душа.
Ете, Спасителот ни покажал пример, како треба да ги сакаме, односно како да се молиме и како да им простуваме на нашите непријатели.
Браќа и сестри, за да го направиме сето ова, ние прво треба, да ги преобразиме нашите души. Некој ќе рече: „Па добро, кога ќе видиме дека некој страда, ние го сожалуваме“. Не, тоа не е правилно! Луѓето не треба да се сожалуваат! Некого да сожалуваш, и со некого да сочувствуваш, е различна работа. Да сожалуваш некого значи, да не ти е пријатно него да го гледаш, односно да го гледаш како страда и да сакаш да се ослободиш од него, да не ти е пред очи.
Со некого да сочувствуваш значи, болката негова, страдањата негови, маките негови и потешкотиите негови, да ги примиш како свои. Болката негова, да ја направиш своја болка. Тоа е вистинското сочувство, односно, сострадање.
Зошто се вели сочувство? Сочувство се вели, бидејќи треба да имаме исти чувства со оние што страдаат, а не да ги сожалуваме, како на пример ако видиме некој гладен, ние од сожалување, како на животно ќе му фрлиме леб за да преживее. Тоа не е љубов, туку себељубие. Заради себељубието, сакаме да се подалеку од нас оние кои страдаат, за ние да не чувствуваме на некој начин грижа на совест, за тоа што гледаме како некои страдаат.
Исто така, браќа и сестри, ние треба да знаеме дека, вториот начин за да се ослободиме од гревовите е, ние да направиме спротивни на гревовите добри дела. Ако сме лажеле, да почнеме да ја говориме вистината, и повеќе никогаш да не лажеме, туку да се самоосудуваме и јавно да исповедаме дека сме лажеле.
Денес по електронските и социјалните медиуми, весниците, радијата и телевизиите, луѓето кои се повикани да ја говорат вистината, отворено излегуваат, и го лажат нашиот народ, за истиот да не може да разликува, што е добро, а што е зло. Најлошата состојба на еден народ, е кога тој не ќе може да разликува што е добро, а што е зло, што е лага, а што е вистина. Лагата е од ѓаволот, браќа и сестри. Таткото на лагата е ѓаволот. Секој што лаже, е полош од ѓаволот, бидејќи ѓаволот, кога ќе го фатите во лага, признава дека излажал, а еве луѓето не признаваат.
Затоа, браќа и сестри, треба да правиме разлика, што е добро, а што е зло. Во денешно време, ние треба да ги превреднуваме вредностите, бидејќи и децата веќе почнаа да размислуваат, дека тоа што е корисно е добро. Не е добро тоа што е корисно, туку тоа што е чесно, праведно и достојно.
Спасителот Господ Исус Христос не морал да страда на Крстот, ако сакал да биде поштеден, туку рекол: „Нека биде Отче, волјата Твоја“ (сп. Мат. 26, 42). Спасителот се определил да биде волјата на Отецот, односно да пострада доброволно заради нас.
Ние денес, се продаваме за ништо, а добро знаеме како и за што се продаваат луѓето. Тука како пример ќе го земеме Исав, братот на Јаков, кој бил стрвен за јадење, и кој се продал за една порција со леќа, односно си го продал првенството, а со тоа си ја продал и душата.
Денеска ако ние така постапуваме, односно ако се продаваме заради парче леб, заради одење во Европа и заради телесни уживања, односно заради оддавање на разни пороци, како што се: дрогата, алкохолот, криминалот и.т.н., тогаш нашиот живот ќе го завршиме таму каде што е сатаната, односно во пеколот.
Нашите деца, а исто така и ние, мораме да се научиме да правиме разлика, што е добро, а што е лошо. Да се прави добро, значи да се ослободиме од гревовите и од гревовната состојба, а исто така, и на другите да им покажеме, што е добро, а што е лошо, што е грев, а што добродетел.
Затоа, браќа и сестри, за да тргнеме по правиот и вистински пат, треба да извлечеме наравоучение или поука од денешното Свето Евангелие, односно да извлечеме поука од чудото што го направил Спасителот Господ Исус Христос, и да направиме разлика помеѓу двете категории на луѓе, односно помеѓу оние што верувале во Христа, како во Бог и Спасител, и го донеле болниот при Христа, за Христос да го излекува, и помеѓу оние, што биле против Христа, односно го обвинувале дека хули и дека нема право да простува гревови.
Од поуката на денешното Свето Евангелие, ние треба да видиме, во која група на луѓе спаѓаме, дали во групата на оние што имале вера Христа, или во групата на садукеите и фарисеите, кои во сè барале зло и го обвинувале Христа.
Луѓето кога прават лошо, тие не мислат ниту на своето спасение, ниту на спасението на другите.
Дали некој навистина тргнал по правиот пат, ќе видите по следново:
Човек ако се радува на некоја радост, па дури тоа да е радост и на негов непријател, тој е на правиот пат. Но човек, кој не се радува на радоста на својот брат, на неговото богатство, односно дека е побогат од него, туку му завидува, тогаш знајте дека тој е во прегратките на ѓаволот, односно него ѓаволот го обзел.
Во контекст на ова ќе кажам една поговорка, која денес ја кажуваат нашите луѓе, во која се вели: „Ангелот Божји, на некој Македонец му рекол: Господ сака да ти даде тебе сè што ќе посакаш, но само под еден услов, тоа што ќе ти даде тебе, на братти да му го даде двојно. Едно добро за тебе, а две добра за братти. Ангелот му рекол: Размисли и кажи ми дали се согласуваш со ова. Македонецот размислил, а кога повторно му се јавил ангелот Божји, му рекол: Размислував долго и решив дека сакам Господ да ми го извади едното око! Ангелот го запрашал зошто? Македонецот одговорил: За да му ги извади на братми двете очи, за тој да биде целосно слеп, а јас да гледам со едното око“.
Ете, до каде оди нашиот човек во зависта и во злобата кон луѓето.
Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, за Господ по нивните молитви, да нè помилува и да нè спаси нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар