На 23.06.2019 г, во Неделата посветена на Сите Свети, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Цветко Тасески, свештеникот Зоре Маргулевски, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Крсте Тасески, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во село Буково.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во ѓаконски чин, да го ракоположи дипломираниот теолог Александар Маргулевски.
Од името на Епархијата, на ѓаконот Александар, му го честитаме ѓаконскиот чин и се молиме достојно да му служи на Бога и да принесува многубројни плодовите.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, нашата Света Православна Црква, оваа Прва недела по Духовден, ја посветила на Сите Свети, па оттаму потребно е да дадеме мало објаснување за тоа, кои се тоа Сите Свети.
Сите Свети се светители, односно свештени лица, архиереи, исповедници, подвижници, маченици, преподобни, јуродиви и сите оние кои во нашата Света Црква се здобиле со епитетот Свети, но и оние светители чии имиња не ги знаеме, но пред Господа нивните имиња се познати и се запишани во Книгата на Животот.
Слушнавме од денешното Свето Евангелие дека Господ вели: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (сп. Мат. 10, 32-33).
Што значат овие зборови, браќа и сестри, да биде некој признаен? Овие зборови значат, дека оној што исповеда, ја знае личноста за која се работи, ги знае неговите квалитети, ја знае неговата душа и ги знае неговите заслиги. Личноста во овој случај е Самиот Спасител Господ Исус Христос, Кој треба да го исповедаме и признаеме пред луѓето, без да се срамиме, за и Он нас да не исповеда и признае пред Небесниот Отец.
Во денешното Свето Евангелие, исто така е кажано дека, ако некој „милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37), вели Спасителот Господ Исус Христос. Зошто? Затоа што ние најнапред од сè и пред сè треба да го возљубиме Бога.
Еден богат законик искушувајќи го Господа Исуса Христа му поставил прашање: Учителе, која заповед е најголема во Законот? (сп. Мат. 22, 35). Господ му рекол: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси!“ (сп. Мат. 22, 37-39). Што значи, најнапред и пред сè ние треба да покажеме љубов кон Бога, а дури потоа и кон ближниот. Зошто најнапред кон Бога? Затоа што Он е нашиот Создател и ние како личности не можеме да замислиме да постоиме и да живееме без Бога, зашто нашето живеење е со Бога и во Бога.
Надвор од Бога, надвор од Црквата нема живот, браќа и сестри. Може да има само времен и недостоен живот, како што Господ вели во Светото Писмо, за претстојателот на една Црква, која всушност е апокалиптична, односно повеќе не постои. Ангелот Божји за претстојателот на оваа Црква вели: „Иако си жив, знам дека си мртов зашто ги знам твоите дела“ (сп. Откр. 3, 1). А тоа значи дека претстојателот на таа црква, епископот на таа Црква, немал христијански живот, немал добри дела и не живеел согласно со Светите Канони, Светото Писмо и Светото Предание. Оттаму, браќа и сестри, можеби и ние ќе преживееме тука на земјата, толку колку што Господ ќе ни даде, но ако ние не успееме да го здобиеме Царството Небесно, односно вечниот живот, тогаш ние ништо не сме направиле.
Во Светото Писмо се говори дека пред очите на Господа „ илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта“ (сп. Псал. 89, 4), односно ништо во однос на вечноста. Некои луѓе прашувале колку трае таа вечност? Одговорот бил следен: милиарди, милиони, билиони и уште какви не бројки кои постојат воопшто во светот. Вечност почнува тогаш, кога ќе завршат сите временски категории за сметање на времето. Затоа должноста на секој од нас е да се подготвуваме за вечниот живот и да го исповедаме Христа нашиот Бог и Спасител.
Во врска со исповедувањето, Спасителот Христос им поставил прашање на апостолите, за кого го мислат луѓето Него, Синот Човечки? Апстолите одговориле: „Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците“ (сп. Мат. 16, 14). Потоа Господ повторно ги прашува, „а вие, за кого Ме мислите?” (сп. Мат, 16, 15). Апостол Петар со висок глас одговорил и рекол: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (сп. Мат. 16, 16). Тогаш Господ му одговара: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 16, 17).
Ние не треба да мислиме дека можеме нешто паметно да кажеме сами од себе. Никој од нас ништо добро и паметно сам од себе не може да каже, освен лошо. Затоа Господ рекол: „без Мене не можете да направите ништо“ (сп. Јован 15, 5). Па оттаму, сè што правиме, добро и спасоносно за нашите души и тела, а исто така и за душите и телата на нашите ближни, а ближен е секој човек, тоа го правиме не според нашата моќ и заслуга, туку според Божјата благодат, бидејќи во Светото Писмо се вели дека сите Свети луѓе говореа преку Светиот Дух.
Па ете и Светиот апостол Павле, исто како и Светиот апостол Петар, исповеда и укажува на тоа дека Јудејците го распнаа Христа нашиот Бог и Спасител, Кој за нив (Јудејците) е соблазна, а за Елините безумство, но за оние што го почитуваат, Христос е „Божја сила и Божја премудрост“ (сп. 1. Кор. 1, 24).
Дури и гробот на нашиот Спасител Господ Исус Христос е изворот на животот, бидејќи од гробот, Христос Воскресна и ни потврди дека и ние ќе воскреснеме во Судниот Ден, на крајот од светот, кога Христос повторно ќе дојде да им суди на живите и на мртвите.
Во денешниот Апостол слушнавме, како и низ што поминале Светите. Сите Свети, браќа и сестри, поминале низ големи искушенија. Се вели: „со камења беа каменувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам – оние, за кои светот беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни“ (сп. Евер. 11, 37-38). Сите Свети во големи искушенија и страдања го поминале својот живот.
Во православната Црква различни се епитетите на Светите.
Светите Апостоли, скоро сите со мал исклучок, го завршиле својот живот, како што го завршил животот и нашиот Спасител Господ Исус Христос, со распнување на Крст. Други пострадале со отсекување на главите, а некои биле со копја прободувани, како Светиот апостол Тома, кој го проповедал Евангелието на југот од Индија, во земјата Керала. Повеќето од апостолите маченички го завршиле својот живот. Зошто? Затоа што ги презреле своите земни градови и татковини, за да го наследат Небесниот Ерусалим, Небесната Татковина, односно Царството Небесно.
Ете тоа е смислата на животот на Сите Свети, па оттаму помеѓу светите имаме и Свети дечиња, како што се и оние четиринаесет илјади деца, кои нашата Црква ги слави, а кои биле убиени заради Христа нашиот Бог и Спасител. Има и други мали деца кои го исповедале Христа, како што е на пример Кирик, синот на Јулите, кој имал само три години кога го мачеле и не сакал да се откаже од Христа, па затоа бил убиен. Тука можеме да ги спомнеме и ќерките на Света Софија, Вера, Нада и Љубов и безброј други млади деца, момчиња и девојчина. Помеѓу Светите, браќа и сестри, имало и богати и сиромаси.
Најбогат меѓу светите бил Светиот праведен Јов, кој сè изгубил, но од Бога не се откажал, дури и тогаш кога по Божјо допуштање се разболел од најтешката болест во тоа време – лепрата. Така овој старозаветен праведник се прославил во Царството Небесно.
Ќе го спомнеме тука и старозаветниот патријарх Авраам, кој се овенчал со тоа што станал образец на гостопримството и токму затоа се слика на иконите и на фреските заедно со неговата жена Сара, како го пречекува Троичниот Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух, како Тројца Ангели.
Браќа и сестри, да им се помолиме на Сите Свети, односно на дечињата, момчињата, возрасните и старците, кои своите тела ги удостоија да бидат храмови на Светиот Дух преку вселувањето на Неговата благодат. По нивните молитви, Господи Исусе Христе, помилувај нè и спаси нè нас грешните! Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар