Приказна од контејнерот

Гледам, на тротоарот, контејнер за ѓубре.

Над него, наведната млада жена во излитено палто, која памети и подобри времиња. Нешто гледа. На некој нешто му зборува.
Гледам, од контејнерот излегува мало девојче. Таа наликува на Белиниевите ангели. Таа излегува од ѓубрето како мала Венера од школката и морската пена.
Девојчето и вели на мајка си: „Нема“.
Има ли пократки и пострашни зборови во нашиот јазик од тоа вечно „нема“? Тој збор предолго трае.
Мајката вели: „Погледни уште малку!“, и детето повторно исчезнува во ѓубрето.
Скоро е мрак. Контејнерите мирисаат, а по некој од нив гори. Како да гори Битола. Наликуваат на улични канделабри или уште поавтентично на кандила запалени за спас на нашите души.
Стојам запрепастен пред таа гледтка. Мојот пријател, и самиот тој сиромав, никогаш не го фрла лебот во ѓубрето. Тој го става во најлон или хартиена ќеса и го положува покрај контејнерот. Лебот молскавично исчезнува, штом влезе во некој дом. Гладтта има четири очи.
Купуваме повеќе леб отколку што ни е потребно. А потоа го фрламе. Лебот во ѓубрето не е убава глетка. Тоа мириса на зло. И злото доаѓа. Нашите стари не учеа да го кренеме парчето леб кое паднало на земја, да дувнеме во него, да го бакнеме и да се прекрстиме. Добар но заборавен обичај, вреден за почитување. Заборавен како и стариот збор-завештаниеили аманет.
Старите Битолски трговци, кои сме ги прогласиле за неприкосновени капиталисти, зад себе оставиле аманет. Што се случува сега?
Денес, има многу побогати од нив, па повторно, никој ништо не остава. Се стегнале и молчат. Нашите, кои успеале во белиот свет, ретко кога се потсеќаат на аманетот. На кого ќе им го подарат своето богатство?На своите деца? Но, се знае, секогаш има генерација која создава и генерација која расипува. Никој нема ништо да однесе на оној свет, нашите стари битолчани велат „ковчезите немаат џебови“, а ете, скоро и никој да не помага. Никој да подари чешма, скулптура, стипендија…топол оброк за сиромавите и гладните.
Во светот без Бога, изгубени се сите вери, освен религиите на стекнувањето.
Иако грабале, краделе, експлоатирале, нечесно работеле, старите трговци сето тоа му го оставале на татковината, некако да си ја искупат душата.
Што да оставиме ние? Кој е нашиот аманет?
Можеби треба да почнеме од нешто мало, нешто неважно. Светот не се поправа со големи гестови, туку со ситни. Можеби за почеток, треба да го ставиме страиот леб во најлон ќеса и да го оставиме покрај контејнерот. Две стоени кренвишли, до половина испиен јогурт. Какво време – таков аманет. Сите овие работи може да се сместат во една ќеса.
Ја оставам покрај контејнерот и се завртувам после неколку чекори. Исчезната е!
Тоа, нашиот мал аманет, некогаш го викале себап.
Што е тоа себап?
Тоа е кога правиш добро дело, а остануваш непознат. Благодарноста од некој, би ти ја хранело твоејата суета.
Стари господа, облечени во излитени громби-палта од пред војната, ги вртат пазарите и собираат лисја од зелка, по некој истркалан компир, заборавен морков, два листа зелена салата…
Ги превртуваат контејнерите, извлекуваат доносени чевли, недопушени цигари, весници… Ги нарекуваат ѓубре-селектори! Едниот од нив го носи карираниот качкет од мојот сосед. Повеќе немаат обврска да бидат господа. Ослободени се.
А од ѓубрето, излегува девојчето со црна косичка и со сјајни очи, и  ѝвели на мајка си: „нема!“
И покрај сè, убава и насмеана, таа излегува како некој заштитен знак за надеж.
Би сакал да го прими овој мал текст, како израз на моето разочарување.

М.К.