Боже вечен, Цару Свети, Творец на небото и на земјата, Исусе Христе, собеспочетен Син на песпочетниот Отец, Кој со неискажливата благост си ме повикал од небитие, во овој живот, дарувајќи ми ја благодатта на крштението и повторното раѓање од Вишниот, си го положил печатот на Духот Твој Свет на деловите на моето тело; Си вложил во срцето мое желба да Те барам Тебе, Единствениот вистински Бог, услиши ја и сега молитвата моја.
Ни живот, ни светлина, ни радост немам, освен Тебе, Боже. Не сум достоен ни да погледнам кон Тебе, од мноштвото мои гревови, но, како што си им рекол на Твоите ученици, што и да побарате во молитва со вера, ќе добиете и ако нешто просите во Мое име, тоа и ќе ви направам, се осмелувам да Ти повикам: очисти ме од секаква скверност на телото и духот и научи ме како е достојно да Ти се молам.
Благослови го овој ден, кој си ми го дал мене, недостојниот Твој слуга, и удостој ме, со силата на Твојот благослов, во секое време и место, со чисто срце да зборувам и творам во Твоја слава, со трпение, смиреномудреност и љубов, во дух на мир, кротост, великодушност и премудрост, и да ја видам пред Тебе вината моја.
Кажи ми го Господи, патот на Твојата волја, по безмерната Твоја благост, и подари ми непорочно да одам пред Лицето Твое. Ти, мирен Цару, Кој ги испитуваш срцата и утробите, ја знаеш сета моја сиромаштија и безумство; Ти го знаеш моето слепило и незнаење, но и желбата на срцето мое ја гледаш, и болестите и маките на душата моја не се сокриени пред Тебе.
Чуј го молењето мое, и со Духот Твој Свет насочи ме на прав пат. Ако пак растленетата моја волја ме поведе на туѓи патеки, тогаш Те молам, не штеди ме, но преку беди пак врати ме на патот на светите Твои заповеди. Со силата на Твојата љубов дај ми да последувам по Твоите стапки, таму каде што одиш. Сочувај ме од секое дело и слово душетлително, и од секое движење на срцето и умот мој, кои можат да го растажат Твојот Свет Дух или братот мој да го огорчат. Научи ме, што и како треба да зборувам. Ако пак волјата Твоја е да замолчам, вразуми ме да молчам во дух на мир, никого да не оскрбам, или да го помрачам ближниот мој.
Постави ме во законот на патиштата на Твоите правдини, и дури до последниот мој здив, не допуштај да се отстранам од светлината на Твоите повелби, за да бидат Твоите заповеди единствен закон на моето битие: и времено, и вечно.
О, Творче мој благи, смилостиви се над мене, Твоето паднато создание, уштедри ме во смирението и маките мои, и не сокривај ги од мене патиштата на спасението Твое.
За многубројни и велики нешта Те молам, Боже мој, но развратноста и негодноста моја не ги заборавив. Затоа помилуј ме и не одвраќајк го од мене Твоето Лице поради мојата дерзост, туку умножи ја во мене оваа света смелост. И удостој ме, најосквернетиот од сите луѓе, да Те возљубам, како што си ни заповедал: со сето срце, со сета душа, со сите помисли и со сета сила. Со сето мое суштество да Те возљубам.
О, Господи Цару, со Духот Твој Свет научиме на благорасудност и разумност. Дај ми да ја познаам вистината Твоја, пред да слезам во гроб. Продолжи ги моите денови во овој свет, додека не Ти принесам плодови достојни за покајание. Не ме земај во половината од деновите мои, или во помраченоста на мојот ум. Кога пак ќе благоволиш да поставиш крај на мојот покаен живот, предупреди ме, да се подготви душата моја да Те сретне.
Во тој велик ден, во тој страшен час, биди со мене, Господи, и дај ми ја неизречената радост на Твоето спасение. Очисти ме од моите тајни и од секое беззаконие што се скрива во мене, и подари ми да Ти принесам добар одговор на Страшниот Твој суд.
Господи, според големата Твоја милост и безмерното човекољубие Твое, услиши ја молитвата моја. Амин.