На 24.05.2019 г., кога го празнуваме споменот на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоереите Веле Спиркоски, Петко Кесакоски, Рубин Бојчески, Темелко Блажески, Живко Деспотоски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ (Параклис) во Прилеп.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Така треба да свети пред луѓето вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Мат. 5, 16).
Браќа и сестри, денес нашата Света Православна Црква ги прославува рамноапостолните македонски и сесловенски учители и просветители Светите Кирил и Методиј, кои се од нашиот македонски род, родени во Солун, од татко Лав и мајка Марија.
Овие богоугодни сопружници, Лав и Марија, имале седум машки деца, како што и праведниот Јов имал седум машки деца и уште од најмала возраст биле воспитани во нашата Света Православна вера. Живеејќи евангелски живот, тие покажувале голема ревност кон верата и било видно дека тие ќе му угодат на Бога и дека ќе го просветлат многубројниот Македонски и словенските народи кои немале свое писмо и азбука.
Ние Македонците, иако уште од времето на Свети апостол Павле сме го примиле Светото Писмо, Светото Евангелие и Светото Предание, сепак меѓу нашиот народ се проповедало на грчки јазик, кој за Македонците бил неразбирлив. Поради тоа, откако почнала да се проповеда Божјата наука, учењето на Христа нашиот Бог и Спасител, на мајчин јазик, тогаш Македонскиот народ, почнал да доживува една преобразба, односно повторно да се евангелизира, иако бил покрстен многу одамна, пред сите други народи.
Овие Божји угодници, почнувајќи од Свети Кирил кој бил најмало дете, за кој се вели дека кога бил мал, имал видение во кое градскиот началник или стратег на градот, му рекол да избере една од многубројните девојки кои стоеле пред него, а Свети Кирил ја избрал девојка која не била од тело и крв, односно ја избрал Премудроста Божја, Која е пред престолот на Севишниот. Уште од неговото детство била видна неговата љубов и ревност кон Бога и затоа уште од најмала возраст почнал да ја изучува Божјата наука.
Свети Кирил исто така, уште во своите млади години покажал љубов и кон световните науки, односно кон изучувањето на јазиците, кон философијата, геометријата, географијата, дијалектиката, омелитиката, музиката и сите други познати науки во тоа време.
Но Свети Кирил не застанал тука, туку постојано коленичејќи му се молел на Бога, за Господ да му даде Божествена мудрост.
Овој наш светител за свој молитвеник и духовник пред Бога го имал Свети Григориј Богослов, па така молејќи му се нему, ја добил од Бога благодатта, со која успеал заедно со неговиот брат Методиј да ја созадат словенската азбука и да ги преведат сите до тогаш познати книги, односно Светото Писмо, а потоа со помош на своите ученици: Климент, Наум, Сава Горазд и Ангелариј, да ги преведат и другите божествени, односно богослужбрните книги.
Откако најучените луѓе во тоа време, како што бил Царигратски патријарх Фотиј, го препознале делото и трудот на Светите браќа Кирил и Методиј, ги испратиле на мисија, најнапред при едно муслиманско, агарјанско племе, нарекувано Сарацени, бил испратен Свети Кирил.
Пред да биде испратен на мисија, Свети Методиј управувал со едно кнежество, кое се наоѓало најверојато кај Родопите (во Струмичко или кај Брегалница) во Македонија и откако се откажал од неговата воена служба да управува со кнежеството, отишол во Мала Азија, кај Олимп, во еден манастир именувам Полухрон, и таму подвизувајќи се, од замен човек станал небесен ангел и бил избран да стане игумен на тој манастир.
Потоа кога Свети Кирил бил испратен на мисија кај Сарацените, им докажал на овие муслимански народи дека постои Еден Бог во Три Лица, односно Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух. Меѓу другите објаснувања, било и објаснувањето за силата на Крстот Божју, потоа за Светите икони и за сè она што било потребно.
Сарацените не можејќи да ја разберат проповедта на Свети Кирил, почнале да прашуваат како може Бог истовремено да е Еден и Троица.
Свети Кирил тајната за Света Троица им ја појасни споредувајќи ја со сонцето велејќи: Погледнете го сонцето што Бог го поставил горе на небесата, тоа нам ни е образец за Света Троица. Сонцето како небесно тело е тркалезно, немајќи ни почеток ни крај, па и нашиот Отец Небесен нема ни почеток ни крај. Од сонцето исто така се раѓа светлина, па така и Синот Божји од Отецот предвечно се раѓа, а во времето се родил од Пресвета Богородица, заради нас и нашето спасение. Гледате дека од сонцето излегува топлина, која му дава живот на светот, па така и Светиот Дух излегува од Отецот и сè оживотворува. Ете ако Господ на небото ни поставил образец, односно едно сонце кое има три нешта, кои не можат да се одделат од него, така и Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, не се три божества, туку Еден Бог во Три Лица.
После успешната мисија на Свети Кирил и Методиј меѓу Сарацените на исток, Светите браќа биле испратени кај Хазарите во Херсон, на брегот на Црното море и таму во православната вера обратиле повеќе од двесте еврејски семејства. Меѓу нив христијанстовто масовно се проширило и зело голем замав, а таму исто така биле најдени и моштите на Свети Климент папа Римски.
Свети Климент бил еден од првите епископи на Црквата во Рим, а неговото име како монах го добил, нашиот заштитник и патрон Свети Климент Охридски.
Светите браќа Кирил и Методиј во 864 година, на барање на кнезот Ростислав биле испратени во Моравија за таму да го проповедаат Словото Божјо меѓу Словените што таму живееле, а тоа се: Пољаците, Чесите, Словаците, Руси, Белоруси и.т.н.
Кога Светите браќа, меѓу овие нехристијанизирани народи ја отпочнале својата мисија, таму христијанството почнало многу брзо да се шири.
Иако имале голем успех, Светите браќа Кирил и Методиј наишле на голем отпор од греманските владици и свештеници, кои ги обвинувале за ерес, а исто така биле наклеветени и кај папата, бидејќи тие територии биле под јуриздикција на Римскиот папа.
Во тоа време Црквата била една, бидејќи сеуште се немало раширено погрешното учење за Господа Исуса Христа, односно Филиоквето т.е. дека Светиот Дух излегува и од Синот Божји.
Кога Светите Браќа отишле во Рим, папата Адријан II излегол надвор од градските ѕидови за да ги пречека Светите браќа Кирил и Методиј, бидејќи знаел дека тие се од Бога избрани луѓе да го проповедаат словото Божјо. Откако ги примил (нив и Светите Мошти на Свети Климент), со сите почести, папата Адријан II го ракоположил во свештенички чин Свети Методиј. Во Рим, браќа и сестри, Свети Кирил тешко се разболел и починал на 14 февруари 869 година.
Во неговото житие се вели дека веднаш по неговата смрт на неговиот гроб се случиле многубројни чудеса, односно дека многу луѓе се излекувале од многубројни блести.
Свети Кирил пред да почине му кажал на својот брат Mетодиј: „Знам брате мој дека ние до денеска бевме еден ѕевгар кој ораше на нивата Божја, ете јас паѓам во браздата, но ти немој заради тишината во манастирот Полихрон на Олимп, да го оставиш народот кој почнавме да го просветлуваме, туку продолжи го нашето дело“.
Па така Свети Методиј, потоа бил хиротонисан во епископски чин и го продолжил мисионерско дело меѓу западните Словени.
Како први словенски епископ Свети Методиј бил испратен и кај кнезот Коцел во Панонија, каде Свети Методиј со своите ученици бил пречекан со сите почести. Но непријателството од германските свештеници не престанувало, па така Свети Методиј истоштен од напори и измачувања и лежење во затвор починал во Велеград, во 885 година. Неговите ученици биле измачувани и како стока продавани на пазарите, а некои од нив како робови завршиле во Венеција и во други градови во Италија. Останатите ученици Светите Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј го минале Дунав и биле пречекани во Белград, а потоа биле испратени кај царот Борис во Преслав. Потоа Светите Климент и Наум доаѓаат во нашиот македонски простор, кај Охрдското езеро, во Кутмичевица и тука го продолжуваат нивното дело.
На овие Божји угодници, на Светите Кирил и Методиј, делото им е епохално и ненадминато. Денеска можеме да констатираме дека благодарение на нивната проповед и мисија насекаде каде што биле, особено меѓу словените, може слободно да се рече дека повеќе од 60 или 70 проценти од православните во словенските земји, се дело на Светите браќа Кирил и Методиј. Тие не случајно се именувани дека се рамноапостолни.
Како што Дванаесетте Свети Апостоли целата вселена ја просветлиле, така и овие рамноапостолни мажи, Светите Кирил и Методиј, ги просветлиле сите словенски народи.
Денес кога ние го прославуваме споменот на Светите браќа Кирил и Методиј, не можеме ништо друго да кажеме, освен да го следиме нивниот пример и аманет, а тоа е да ја пазиме и чуваме Светата православна вера и учењето на Светите Отци. Ако ние тоа го извршиме, тогаш сме вистински нивни последователи, а ќе станеме и наследници на Царствотот Небесно.
Ете ни прекрасен пример, на прекрасни учители и просветители. Тие го презреле семејстовто, татко и мајка, браќа и сестри и земната татковина Македонија, за да ја здобијат и наследат Небесната Тарковина, Небесниот Ерусалим, Царството Небесно. Така и ние не треба да се откажуваме од татковината, туку наша должност треба да биде да се бориме и постојано да мислиме на Небесната Татковина, Царството Небесно, бидејќи Господ Исус Христос рекол: „Најнапред барајте го Царството Небесно и Неговата правда и сѐ друго ќе ви се додаде“ ( Лука 12, 31). Амин!