На 19.05.2019 г., во Четвртата недела по Воскресението Христово, посветена на раслабениот, кога го празнуваме споменот на Светиот праведен и многустрадален Јов, Светиот маченик Варвар и споменот на Светиот Варвар разбојник, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил, во Довлеџик.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Земи ја постелата своја и оди! Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!” (Јован 5, 12, 14).
Денеска, браќа и сестри, е Недела на рсалабениот, во која си спомнуваме за настанот, кога Спасителот наш Господ Исус Христос, дошол во бањата, која на еврејски се нарекувала Витезда, а која се преведува на македонски како „Дом на Милосрдието“. Во оваа бања имало пет тремови, и во нив лежеле мнозина болни луѓе. Меѓу нив, бил и еден човек, кој триесет и осум години лежел болен во таа бања, очекувајќи, да се раздвижи водата, за прв да влезе во бањата, бидејќи еднаш годишно, ангел Господов слегувал во бањата, и ја раздвижувал водата, а оној кој прв ќе влезел во бањата, се лекувал од болеста од која боледувал.
Па така, овој човек кој немал никакви роднини и пријатели, кога настапувало времето да влезе во бањата и да се излекува, пред него друг слегувал, и тој ја пропуштал можноста да се излекува. Но овој човек сепак не ја изгубил надежта, дека еден ден ќе влезе прв во бањата и ќе се излекува.
Кога Спасителот Христос влегол во бањата и ги видел болните, наеднаш се упатил кон овој триесет и осум годишен болен човек, кој покажал големо трпение.
Кој од нас, браќа и сестри, има такво трпение, триесет и осум години да е болен, и да очекува милост од Бога да се излекува? Дури и најблиските роднини и пријатели не можат да го трпат болниот во својата средина, и сакаат што побргу од него да се ослободат, носејќи го во болница или во старски дом.
Ете, затоа Господ се упатил кон овој триесет и осум години болен човек и го прашал: „Сакаш ли да оздравиш?” (Јован 5, 6). А тој одговорил: „Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене“ (Јован 5, 7). Господ тогаш му ги простил гревовите и му рекол: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!” (Јован 5, 14).
Тука веднаш се поставува прашањето: зошто луѓето страдаат и боледуваат од разни болести?
Во повеќето случаеви луѓето страдаат и боледуваат, подади нивната гревовна состојба, поради направените гревови. Сите ние боледуваме, поради нашата гревовна состојба, и затоа наша должност е најсериозно да размислиме како живееме.
Кога се во прашање болестите, сите мислат дека најбитно е луѓето да се телесно здрави. Не, браќа и сестри, телесните болести ни помагаат да се излекуваме од нашите духовни и душевни болести, односно од гревовите. Никој не може да рече дека се излекувал од болестите, сè додека не пострадал многу за своите гревови. Во Светото Писмо се вели дека оној „кого Господ го сака, него и го кара“ (Изрек. 3, 12), односно нему му дозволува да има разни потешкотии, страдања и болести, за тој преку искушенијата, ако покаже трпение, да се спаси и излекува.
Во Светото Писмо, а и кај Светите Отци е кажано дека ако ние страдаме заради нашите гревови, ако скрбиме, и ако тагуваме, тогаш ние се здобиваме со трпение, преку кое Господ ни дава искуство, како практично да се ослободиме од гревовите. Кога ќе го стекнеме искуството, браќа и сестри, тогаш врз нас доаѓа Светиот Дух, благодатта Божја, и ние тогаш можеме да се излекуваме од секакви болести.
Повторно ќе се навратиме на бањата Витезда, каде што се лекувале болните. Таа бања уште била нарекувани и овча бања, бидејќи во неа ги миеле овците кои требало да бидат принесени на жртва. Ете, сите тие старозаветни жртви завршуваат со жртвата на нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој распнувајќи се на Крст, нè ослободи од гревот и смртта, и не приведе во заедница со Бога.
Штом ја нема веќе бањата Витезда, веднаш се поставува прашањето каде да бараме друга бања? Единствената бања во која ние се лекуваме е Светата Православна Црква. Црквата ја има улогата на бањата Витезда да ги лекува луѓето од секакви болести, телесни, духовни и душевни. Во Црквата Христова се присутни Светите Тајни.
На прво место ќе ја спомнеме Светата Тајна Крштение која е праслика или праобраз на бањата Витезда. Како што во бањата Витезда луѓето се лекувале од разни болести, со нивното влегување во неа, така и оние кои крштеваат, се очистуваат од сè што е грешно, односно од сите гревови, и се препородуваат од Светиот Дух. Човекот при трикратното потопување во водата, излегува од купелот очистен и осветен. Секој човек што се крстил, се очистува од гревовите, ако е дете, се очистува од прародителскиот грев; ако е пак возрасен, се очистува и од личните гревови.
Втора задолжителна Света Тајна, после Светото Крштение е Светата Тајна Миропомазание, во која ни се дава печатот на дарот на Светиот Дух, односно Божјата благодат, и сите добродетели кои се стекнуваат преку оваа Света Тајна, како што се: верата, лубовта, надежта, трпението и.т.н.
Откако ќе почнеме да грешиме после нашето крштение, секој христијанин, е должен да ги исповеда своите гревови, со искрено покајание и цврсто ветување на Бога. Токму затоа Бог ја востановил Светата Тајна Покајание или Исповед. Секој што ќе се покае за своите гревови, пред својот духовник, и прими од него совет како понатаму да живее, односно како да се ослободи од направените гревови, преку Божјата благодат добива прошка, и очистен од своите гревови таквиот човек може да се излекува од било која болест.
Забораваме исто така, и на една многу значајна Света Тајна за болните. Малкумина од вас кога ќе видат болен човек, не ги повикуваат свештениците да го иповедаат болниот, и врз него да ја извршат Светата Тајна Елеосвештение, и да го причестат.
Луѓето имаат погрешно мислење дека ако повикаат свештеник да се помоли над болниот, болниот ќе умре. Браќа и сестри, ние не сме оние кои одлучуваме, кој кога ќе умре. Господ одлучува кој кога ќе почине.
Во Црквата имаме многу примери на тешко болни луѓе, кој преку Светата Тајна Елеосвештение се излекувале, а за кои се мислело дека нема долго да живеат. Истите тие луѓе, потоа живееле и по дваесет или триесет години.
Во оваа црква имаме и личен пример со една жена, која многу одамна, односно пред околу триесет и пет години, која беше отпишаа од живите, но по нашите и нејзините молитви, таа оздраве, и денес е жива, и се црквува во оваа Црква, и се грижи за своите најблиски, и за својата внука.
Сличен пример имаме и со еден свештеник, за кого лекарите не даваа никаква надеж дека ќе живее, и тврдеа дека не се во прашање, години, денови, туку часови или минути, и во таа безнадежност, беа подготвени сите погребални подготовки, но по нашите молитви, овој свештеник живееше уште осум години.
Никој од нас пред време да не ги погребува луѓето, и да не пресудува дека ќе умрат, туку да се грижи за болните, како што вели Светито Апостол Јаков: Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (Јак. 5, 14-15). Така, браќа и сестри, треба да се лекуваме. Ете, кога ги знаеме овие работи, да се потрудиме да бидеме одговорни за себе, бидејќи го имаме примерот на раслабениот кој лежел болен триесет и осум години, и не изгубил надеж во Бога дека ќе оздрави, и затоа Господ го подигнал од постелата.
Лекарот над сите лекари, е нашиот Спасител Господ Исус Христос. Секако ние не треба да ги запоставиме лекарите кои добро се грижат за нашето здравје, но не треба да биде сета наша надеж во нив, нашата надеж треба да биле во Лекарот над лекарите, Христос нашиот Бог и Спасител.
Да се помолиме, браќа и сестри, преку застапништвото на Пресвета Богородица, на Светите Ангели, и на сите Свети, Господ да ни помогне и да не излекува од сите духовни, душевни и телесни болести. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар