На 06.05.2019 г., кога го празнуваме споменот на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на „Свети Великомаченик Георгиј“ во Ресен.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!“ (Мат. 10, 28).
Браќа и сестри, денес го прославуваме Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, кој е светител кој што живеел во втората половина од третиот век и почетокот од четвртиот век.
Роден е во Кападокија, во Мала Азија, денешна Турција, во областа каде што најмногу била исповедана верата Христова. Од Кападокија излегле многу светители, а таму бил епископ и Свети Василиј Велики.
Оние што отишле во Кападокија и ги виделе Црквите кои се изградени во карпите, во себе носат силно сведоштво за народот кој живеел таму и за нивната вера во Бога. Тоа најмногу се должи на овие Свети мажи, како што е и Свети Георгиј Победоносец, чиј татко уште додека бил млад пострадал, а неговата мајка него го однела во Палестина и таму го поминал своето детство.
Кога наполнал дваесет години, Свети Георгиј влегол во војската на тогашниот познат цар Диоклицијан и поради својата храброст станал трибун, односно добил висок воен чин.
Кога царот Деоклицијан при една прослава наредил да се принесат жртви пред незнабожечките богови, тогаш Свети Георгиј излегол пред него и исповедал дека е христијанин и дека верува во Спасителот Господ Исус Христос. Тоа многу го разгневило царот, кој од преголема бес, наредил Свети Георгиј да биде подложен на страшни маки. Царот на почетокот го фрлил во затвор, а потоа наредил нозете да му ги стават во клада и на градите да му положат тежок камен. Од овие мачења Свети Георгиј не се исплашил, туку продолжил да му се моли на Бога, за Бог да му даде сили за да ги издржи сите овие страдања, маки и потешкотии. Гледајќи ја храбрата и силна вера на овој Христов маченик, мачетелите продолжиле да го изложуваат на уште поголеми мачења. Откако и тие храбро ги издржал, најпосле бил врзан на едно тркало под кое имало штици со големи клинци и така мачителите го вртеле додека целото тело не му се направило како една голема рана. Но и тоа не помогнало за да го одвратат Свети Георгиј од Христа нашиот Бог и Спасител. Потоа царот наредил во ров да биде закопан и најпосле откако врз него биле испробани сите страшни начини на мачење, со меч бил погубен, односно му била отсечена главата.
Гледајќи ги неговите маки, сите оние што тоа го гледале, не можеле да бидат рамнодушни, и веднаш ја исповедале својата вера во Христа. Меѓу нив биле главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, а се спомнуваат и Валериј, Донат и Терин.
Сите овие загинале, исповедувајќи ја верата во Христа нашиот Бог и Спасител.
А царицата Александра, гледајќи ги страдањата и маките што ги претрпел Свети Георгиј, поверувала во Христа и веднаш по наредба на царот била убиена. Пред да биде пресечена нејзината глава, таа ја испуштила својата благородна душа и ја предала во рацете на Бога.
Ете овие Свети маченици, поттикнати од љубовта кон Бога, со своето страдање ни покажале пример, како се чува и брани нашата Света Православна вера во најтешките моменти. Ние денес имаме целосна слобода да ја исповедаме верата, но за ситни и недостојни нешта, се откажуваме и ја напуштаме верата или даваме предност на земните уживања и задоволства, односно на сè она што е преодно и материјално.
Веднаш се поставува прашањето, зошто овој дваесет годишен млад човек не се сожалил над своето тело и младост, туку храбро одлучил да пострада маченички за Христа? Свети Георгиј тоа го направил бидејќи верувал дека ние тука на земјата сме гости. Порано или подоцна сите ќе заминеме од овој свет. После смртта телото се враќа во земјата, а душата која е од Бога дадена, му припаѓа на Бога и Господ во четириесеттиот ден, на времениот суд, определува каде таа ќе се насели. Дали ќе биде во рајот во заедница со Бога, со Мајката Божја, со Светите Ангели и со сите Свети, или ќе биде предадена на вечно страдање во адот, каде што владее сатаната со неговите демони.
Зарем ние не си велиме во себе кога ќе направиме некој голем грев, душата ми е во пеколот. Тогаш ние се чувствуваме непријатно, бидејќи немаме мир и спокој. Ако тука на земјата се чувствуваме така, за некој помал или поголем грев, тогаш како ќе биде тоа таму, браќа и сестри, кога за сите наши гревови и прегрешенија, ќе треба да дадеме одговор.
Затоа, браќа и сестри, како што и на почетокот кажавме, ние не треба да се плашиме од оној што може телото да го убие, како што царот го убил телото на Свети Георгиј и царицата Александра и на сите оние што ги спомнавме, туку треба да се плашиме од оној што душата наша може вечно да ја погуби.
Затоа за да не ја изгубиме нашата душа, да постапуваме според зборовите на Свети апостол Павле кој вели: „Секој ден го распнувам телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24). Што значи тоа? Тао значи дека секој ден Светиот апостол Павле не си дозволувал да му угоди на телото. Апостолот постојано живеел во страдана и искушенија, а со сето тоа тој покажал дека му дава предност на духовното, односно и дава предност на душата над телото. Токму затоа, ако и ние постапуваме според неговиот пример, можеме да бидеме современи маченици, надевајќи се дека сите страдања што ќе ги поднесеме, ќе не доближат до Христа нашиот Бог и Спасител. Ако така постапуваме, тогаш сме на правиот пат, по кој одел и Светиот Великомаченик Георгиј, на кого денес слава му оддаваме. Амин!