1.
Возљубени мои браќа и сестри, отворете го вашето срце, за таму Светиот Дух да го вреже Христовиот образ. Тогаш, лека-полека ќе станете способни да ги имате во вас радоста и плачот, смртта и воскресението.
2.
Светот не познава ништо поголемо од повикот да се биде христијанин. Но, колку што е повисока целта, толку е потешко нејзиното остварување.
3.
Погледнете ја велелепната глетка што Бог ни ја објави при создавањето на светот, во обликувањето на човекот според Свој образ и подобие. Она што го бараме не се ограничува на нашиот мал секојдневен живот. Бараме да бидеме со Бог, и да го здобиеме во нас животот во целата негова широчина – космичка и божествена.
4.
Во нашето духовно созерцание потребно е да го соединиме космичкото битие и божественото Битие, создаденото и несоздаденото.
5.
Во почетокот беше Словото (Јован 1, 1). Без Него ништо не постои. Секој ден во нашето тело го вкусуваме болниот и беден живот. А сепак, создадени сме според образот на Христос, Апсолутниот. Проблемот, тајната на нашиот живот е во преминот од релативното во Апсолутниот. Ако битието е создадено од Бог, не треба да умре. Бог го создаде животот, не ја создаде смртта. Нашата цел е животот со Христос Бог, бесмртноста, вечноста. Согласно Откровението, можно е Божјата вечност да ни се предаде.
6.
Треба да се стремиме кон Самиот Бог, кон Неговата Личност, што значи, кон она што е над сè, за да му дадеме на нашето тело, инаку склоно кон бездејствие, залет кон вечноста.
7.
Како да се потрудиме за нашето спасение? Како да го обесмртиме нашето тело, да се ослободиме од државата на гревот и од власта на смртта? Тоа треба да биде нашата грижа во секој миг, постојано посилна, понагласена. Животот е толку краток, а целта е толку висока и толку оддалечена.
8.
За Православната Црква, спасението на човекот е неговото обожение.
9.
Треба да научиме да го живееме вечниот живот на Самиот Бог. Што значи обожение на човекот? Да живееме како што живееше Господ, да ги здобиеме Христовите мисли и чувства, пред сè од последните моменти на Неговиот овоземен живот.
10.
После падот, човекот стана поле на борба меѓу Бог и непријателот.
11.
Семето што го посеа Сатаната во срцето и умот Адамов – помислата да стане бог без Бог – е проникнато толку длабоко во нашето битие, што непрестајно се наоѓаме под власта на гревот.
12.
Уште од нашето раѓање стануваме Адамови наследници. Можеме да ја живееме состојбата на падот, која е едно страшно отклонување од љубовта на Отецот, како единствена стварност на човековото битие. Во светот живееме во атмосфера на обожување на падот. Живееме во раскош и често се срамиме да ја исповедаме нашата вера, да кажеме дека сме христијани.
13.
Немајте преголема доверба во високото образование со кое се здобивте во светот. Цивилизацијата во која живееме е култура на падот.
14.
После двете светски војни – војните се par excellеnce грев – современиот човек ја загуби благодатта на Светиот Дух; без Светиот Дух, пак, не може да ја појми Христовата божественост. Да поверуваме дека овој човек, кој е вистински човек, е Создател на светот – тоа ги надминува нашите можности. Да поверуваме дека Самиот Бог се воплоти, дека нè повика да бидеме вечно со Него – еве, тоа е она што им недостасува на многу луѓе од нашево време, особено на учените.
15.
Што значи спасение? Дали навистина смртта на телото е претпоставка за влезот во Царството Христово? Како можеме да ја развиеме нашата способност да живееме согласно Христовите заповеди, согласно Светиот Дух? Само едно е важно: да го зачуваме интензитетот на молитвата и покајанието. Тогаш смртта не ќе биде пад, туку премин во Царството, за кое ќе сме подготвени со причестувањето со Телото и Крвта Христови, со молитва и повикување на Неговото Име: Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј нè нас и Твојот свет.
Старец Софрониј Сахаров
Продолжува