Се приближуваше кон вечерта пролетниот ден. Толпа од народ, која доаѓаше од разни делови на светот за Пасхалните денови во Ерусалим, се собраа на Голгота, сакајќи да го видат Оној, Кој се осмели да рече, како што тврдеа лажните сведоци, дека за три дена може да го разруши и повторно да го изгради Ерусалимскиот храм. Сите сакаа да видат, како на Крст ќе умира Оној, Кој пред неколку дена го воскресна Лазар, кој четири дена беше во гробот. Сите сакаа да ја видат смртта на Оној, за Кој слушаа необични работи: како Он со пет леба нахрани пет илјади луѓе, како со еден збор, го излекува раслабениот човек, кој страдаше повеќе од триесет години; но освен тоа: Он им беше рекол на Своите учениците дека Бог и Он се Едно, дека Тој е Син Божји, за кое Евреите Него сакале да Го каменуваат.
Толпата спореше и се исмејуваше, а Тој, кого дојдоа да го видат, трпеше маки. Никој од оние кои го опкружуваа,не се осмели да ги ублажи Неговите страшни страдања.
Пресвета Дева Марија ги виде претсмртните страдања на Синот, а тоа го виде апостол Јован. Предсмртната тишина наеднаш беше нарушена: од устата на Оној Кој умираше се слушнаа зборовите:„Оче, во Твои раце Го предавам Својот Дух“, после кое Исус ја наклони главата и умре.
Умре Спасителот Исус Христос, од преголема љубов кон нас. Неговите очи, кои ја излачуваа Божествената светлината, згаснаа; устата, која умееше само да благословува, замолкна; рацете, кои само со еден допир ги исцелуваа луѓето, омртвеа; престана да бие срцето, во кое секогаш гореше огнот на љубовта кон луѓето.
Земјата се затресе, сонцето се помрачи, камењата почнаа да паѓаат, а исто така и многу гробови на Свети се отворија. Штом народот разбра што се случува, многумина со смелост, почнаа да се удираат во градите, како следбеници на новите вести: завесата, која ја одделуваше Светињата на Светите од сите останати делови на храмот, се расцепи од горе до долу, а од отворените гробови почнаа да излегуваат мртвите.
Отворените гробови сведочеле за тоа, дека преку смртта на Исуса Христа, треба да се изврши воскресението од мртвите. Завесата нè учи, дека преку смртта на Спасителот на луѓето им се отвори небото, преградата која го одделуваше човекот од Бога е уништена и праведниците ќе можат да го созерцаваат лицето Божјо.
Стравот, кој човечкиот јазик е слаб да го опише, стравот, од кој најголем може да биде само оној, кога трубата на Архангелот ќе го објави крајот на светот, ги опфатил сите што стоеја на Голгота и ја видоа смртта на Спасителот.
Господ употреби сè, за да ги спаси луѓето од ропството на ѓаволот. Не како моќен Цар, туку како понижен Син Човечки, Он дојде во светот за да ги исцели срцата на луѓето, но луѓето не сакаа да го разберат. Он живеел меѓу луѓето, без никаква вина или порок, правел чуда кои човек не може да ги прави, го учел народот за вечни вистини, трпел тешкотии и маки, но и тоа не можело да ги омекне срцата на луѓето и да ги вразуми. И тогаш ја побарале Неговата смрт.
Умре Синот Божји, но ние, слушајќи ги Неговите последни зборови, Неговиот последен здив, не треба да мислиме дека слабоста или законот на природата го довеле Него до смрт. Спасителот умрел, затоа што Сам тоа го сакал. Неговиот подвиг и смрт -се Божја волја.
Човек умира, зашто тој мора да умре. Спасителот умира, но Неговата смрт не е едноставно наследство на слаба човечка природа – таа е пројава на Неговата моќна сила. „Имам власт да го дадам животот и власт да го примам“, – учел Христос (Јован 10,18). Зарем Оној, Кој имал моќ со збор да го врати животот на починатиот Лазар, не можел да се заштити себеси? „Јас сум воскресението и животот, говорел Спасителот (Јован 11, 25).
Но човечка злоба го одзела од Него животот, ја одзела Неговата љубов. Дојде Неговиот час – и Он ја исполни небесната волја.
Се исполни Божјата волја и за нас. Ние станавме искупени христијани. Но, тоа не значи дека ние треба да го носиме само името Христово. Тоа не значи дека ние треба само да веруваме во Него, бидејќи и бесовите веруваат и трепери; туку тоа значи, дека ние треба да бидеме Негови ученици- следбеници, исполнувачи на Неговата волја. „Јас сум патот,“ -говори Господ (Јован 14, 6). Само по овој пат ние треба да одиме.
Ние сме должни да бидеме слични на Него и според животот, и според смртта. Нема подобро лекарство за гревовната болест, од споменот за смртта. Ако ние си спомнуваме за тоа, тогаш нашата смрт за нас не би била толку страшна. Ние повеќе би размислувале за душата, за добродетелите и за покајанието. Ние смртта би ја нарекувале не крај на животот, туку почеток на вечното битие. Ако ние ја имаме пред очи спасителната смрт на Синот Божји, ние помалку би грешеле и би се држеле до правдата: „Спомнувај си за твојот крај, и никогаш нема да згрешиш“ (Сир. 7, 39).
Митрополит Киевски Владимир (Сабодан)