На 21.04.2019 г., во недела посветена на Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски и Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа! Бог е Господ и ни се јави!“ (Псал. 117, 26-27).
Браќа и сестри, денес го празнуваме свеченото влегување на Спасителот наш Господ Исус Христос во Ерусалим, Кој на вчерашниот ден бил во Витанија, каде го воскреснал Неговиот умрен пријател Лазар, кој четири дена бил положен во гроб. Кога на Христа му соопштиле како на Син Божј и човек, дека умрел неговиот пријател Лазар, тогаш Он проронил солзи, за пријателот што го љубел. Потоа Спасителот дошол во Витанија, и го воскреснал Лазара, кој бил четири дена во гроб положен, а садукеите, фарисеите и старешините еврејски создале револт против Христа нашиот Спасител, затоа што го воскреснал Лазара од мртвите.
Воскресението на Лазара од мртвите, претставува најавување на сеопштото воскресение на луѓето од мртвите, од почетокот, па се до крајот на светот. Па така заедно придружуван од своите апостоли и од мноштво народ, Спасителот наш Господ Исус Христос доаѓа од Витанија во Ерусалим кај Златната порта, за да влезе во Светиот Град како цар, но не како политички или земен цар, туку како Небесен Цар, како што му пееме во црковните песни. И ете, и од едната и од другата страна, доаѓаат поворки со мажи, жени и деца, кои го пресретнуваат Него со палмови гранчиња, и затоа ние денеска во храмот носиме врбови или други гранчиња, како спомен на тој реален настан на Христовото влегување во Ерусалим.
При влегувањето во Ерусалим сиот народ во еден глас извикувал: Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ (Јован 12, 13). Со овие извици непрестајно на цел глас извикувале и дечињата, повторувајќи „Осана на синот Давидов“ (Мат. 21, 9). Ете браќа и сестри, сите се радуваа, само Спасителот наш Христос, не се радува. Он е натажен, бидејќи кога дошол на Маслиновата гора, и кога го погледнал целиот Ерусалим, и знаел како Богочовек што ќе се случи со Него, дека оние што денеска му извикуваа „Осана на синот Давидов“ (Мат. 21, 9), само по неколку дена, односно на Велики Четврток и Петок, ќе викаат на цел глас: „Распни Го, распни!” (Јован 19, 6).
Знае Господ што го очекува, дека истиот тој народ што денеска го прославува, како цар кој влегува во Ерусалим, ќе го бара Неговиот живот, ќе бара Негово распнување, како што е претскажано од светите пророци. И ништо браќа и сестри, не се случило со Господа наш Исуса Христа, што не било претходно претскажано од страна на светите старозаветни пророци, кои до ситници ги претскажале настаните. Така пророкот Даниил точно претскажал дека Спасителот на Велики Петок ќе биде распнат, и дека на Пасха ќе воскресне. За сè она што претскажале старозаветните пророци, сè се исполнило.
Па така Спасителот Господ наш Исус Христос, Кој никогаш не се насмеал, од Светото Евангелието дознаваме дека два пати плачел, еднаш за својот пријател Лазар, и за Ерусалим кој до темел ќе биде разурнат. Затоа Господ рекол: „(Ерусалиме, Ерусалиме, кој си се возвишил пред сите други градови во Јудеја), ќе те разрушат тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе“ (Лука 19, 44). Токму така и се случило во седумдесеттата година по Христовото раѓање, кога царот Адријан наредил да биде разурнат Ерусалим, а во негова близина да биде создаден нов град, кој се нарекувал Елија Капитулина, според вистинското име на царот Адријан, Елиј.
Затоа браќа и сестри, плачел Спасителот наш Господ Исус Христос, за разрушувањето на Ерусалим, но уште повеќе плачел за оние кои му викале „Осана на синот Давидов“ (Мат. 21, 9), а кои само по неколку дена во Страсната седмица ќе викаат: „Распни Го, распни!” (Јован 19, 6). И не само за нив браќа и сестри, туку и за сите нас Христос заплакал.
Браќа и сестри, Спасителот заплакал и за оние кои управуваат со државите, бидејќи не управуваат онака како што треба, не се угледале на оние кои управувале достојно и чесно, како многубројни старозаветни и новозаветни цареви, кои биле набожни луѓе, како што е Светиот цар Константин и неговата мајка царицата Елена, кои и дале слобода на Црквата. Еве прекрасни примери како треба да управуваат со државите, претседателите, премиерите и сите оние на оние на кои им е тоа дадено.
Плачел Господ и за оние што управуваат со народот, за директорите, кои на своите работници не им ја даваат навреме нивната плата. Плачел Господ и за нас свештенослужителите, кои недоволно се грижиме за нашите верници, секогаш навреме да ги услужиме. Плачел Христос и за вас верниците, кои никогаш или ретко доаѓате на светите богослужбите во храмот. Луѓето кои не одат на светите богослужби, треба да знаат дека нема да се спасат само со тоа што се нарекуваат христијани и со тоа што се крстиле, ќе се спасат само оние кои доаѓаат во Црква и се молат, и живеат според Божјите заповеди. Затоа плачел браќа и сестри Христос, заради нас сите, и на крај бил распнат на Крст и погребан.
Што се случувало при Христовото влегување во Ерусалим како цар? Евреите браќа и сестри, многу векови биле поробувани од разни ропства, и тие наместо да го очекуваат вистинскиот Цар, Христа нашиот Спасител, очекувале политички цар, кој ќе јава на силен коњ, и кој ќе ги ослободи од тие ропства. Никој од нив не помислил на Месијата Христос, за оној за кого пророкувале пророците.
Но Христос, Кој се понижил себеси да се роди како нас луѓето, да прими човечко тело и да стане еднаков со нас освен во гревот, го направил сето тоа заради нас луѓето. Затоа Христос браќа и сестри, сега влегува во Ерусалим, и преку тоа понижување што ќе следува ќе биде прославен како Цар Небесен. Затоа народот со дечињата му пее „Осана на синот Давидов“ (Мат. 21, 9), за да го прослават оној, зашто за прославувањето на Бога е кажано уште во Стариот Завет, дека Господ Бог е славен. Пророкот Исаија видел отворено небо, како Бог седи на престол (види Иса. 6. 1). Исто така, Светиот пророк Мојсеј кога се искачил на светата гора Синај, го видел Господа, и кога ги носел Десетте Божји Заповеди, неговото лице блескало со светлината на Бога, која била во него, заради неговата вера.
Бог особено е прославен во Новиот Завет, кога на гората Тавор, пред своите Свети ученици и апостоли се прославил со Своето Преобразување, односно ја покажал Својата Слава, бидејќи до тогаш Неговите ученици мислеле дека Он е само обичен човек. Потоа Неговата Слава се видела и при неговото Свето Крштениеи, при други настани, па така еве и сега во Својата слава влегува Спасителот Христос во Ерсалим.
Овој празник за нас е значаен браќа и сестри, бидејќи нашиот Спасител себеси се понижил и станал човек, и како Богочовек воскреснал од мртвите, и ни покажал и нам дека и ние ќе воскреснеме во свое време, односно на крајот од светот кога повторно ќе дојде Христос за да им суди на живите и мртвите. И токму затоа на вчерашниот ден го воскреснал Лазара, чие воскресение е сведоштво за општото воскресение, кое ќе се случи пред Второто Христово доаѓање. Затоа на овој ден се случил овој голем настан, кој нас не поттикнува сериозно да размислиме во овие денови, во оваа Страсна седмица што ни следуваа.
Страсната седмица всушност ги означува деновите кога страда Спасителот наш Господ Исус Христос, кога започнуваат Неговите измачувања, биењето, плукањето, носењето на трновиот венец, распнувањето и.т.н. Затоа ние треба да се подготвиме. Зошто? Затоа што после сите тие страдања, Христос по полагањето во гроб, ќе воскресне од мртвите на третиот ден. Со тоа Господ ни гарантира дека и ние ќе воскреснеме во последниот ден, во денот на Страшниот суд каде ќе ни се суди за нашите направени дела. Оние кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување (Јован 5, 29)
Затоа ако постапуваме како оние луѓе кои пред Христа нашиот Спасител ги фрлале своите облекла, односно своите тела, тогаш и ние да го следиме нивниот пример, односно да ги предадеме нашите тела на Господа преку исповедта пред свештеникот, и да побараме од Христа да се возобновиме, да се преобразиме, да се очистиме, да се просветлиме, за да го прославиме Неговото Свето Воскресение – Велигден. Па така подготвени, и незлобиво викајќи како децата „Осана на синот Давидов“ (Мат. 21, 9), и ние да извикаме: „Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа! Бог е Господ и ни се јави!“ (Псал. 117, 26-27). Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар