На 14.04.2019 г., во Петтата Недела од Великиот Пост (Недела на Света Марија Египетска), кога го празнувавме споменот на Свети Мелитон, епископ Сардиски и Преподобен Прокопиј Чех, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Дејан Секулоски, Цане Спиркоски и Павле Лаповски, ерејот Милан Нически и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во манастирот Вознесение Христово, во Крушево.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Сè можам со Исуса, кој ми дава сила!“
Денес браќа и сестри, во оваа Петта недела од Велигденскиот пост, и оддаваме спомен на Божјата угодница, Света Марија Египетска, која е образец на покајанието.
За Света Марија Египетска се знае дека таа уште од нејзината рана младост, од дванаесттата година, се оддала на порочен, неморален и недостоен живот, и била позната како една од најнеморалните девојки во тоа време во Египет. Во житието се говори дека кога еднаш во Александрија пристигнал брод со поклоници, кои оделе на поклонение во Светата Земја, во Ерусалим, на бродот се качила и Света Марија, со желба и намера, да ги забавува патниците при патувањето. Но Божјата волја, сè поинаку уредила.
Кога стигнале во Ерусалим, во храмот посветен на Христовите страдања и Христовото воскресение, сите поклоници можеле да влезат во храмот, и да се поклонат на светињите, и на Крстот Христов, но Света Марија не можела да влезе во храмот и да се поклони, бидејќи невидлива сила ја спречувала во нејзината намера. Тогаш таа почнала да размислува за својот порочен живот, и додека размислувала наслонета на ѕидот, и се јавила Мајката Божја. При таа чудесна средба со Мајката Божја, Света Марија ветила дека ќе го промени својот начин на живот, и дека ќе почне да живее чесен, достоинствен и подвижнички живот, спротивен на дотогашниот. После оваа средба, и било дозволено да влезе во храмот, и откако влегла, таа се поклонила пред иконата на Мајката Божја, го целивала Крстот Христов, и дала ветување дека ќе го промени начинот на својот живот. Потоа Света Марија слушнала глас, „премини преку реката Јордан, во Јорданската пустина, за таму да го поминеш остатокот од својот живот“.
После овие чудесни јавувања, при неа дошол некој човек, кој и дал малку пари, со кои таа купила три леба, и преминала преку реката Јордан. Пред да ја премине реката Јордан, Света Марија се исповедала и причестила, и оттогаш во Јорданската пустина поминала четириесет и седум години, во пост, подвизи, молитви и покајание. Нејзиното тело кое претходно било за задоволување на телесните страстите на неморалните луѓе, преку овие подвизи станало како костур, само коските и кожата врз коските останале врз нејзиното тело, во тие четириесет и седум години, поминати во молитва, плач и покајание, барајќи прошка за гревовите. Всушност, Света Марија, сиот свој живот го поминала во исполнување на овие добродетели, кои не очистуваат од порочниот живот.
Понатаму во житието се говори дека некој подвижник по име Зосим, кој заради подвиг го имал напуштено својот манастир во Велигденскиот пост, и кога се наоѓал во пустината, забележал некоја силуета која се движи. Во тој момент преподобниот почнал да трча, и после долго време слушнал глас: „Зосиме, ако сакаш да ме благословиш, фрли ја твојата горна наметка, бидејќи сум необлечена“. Света Марија му открила дека таа се наоѓа четириесет и седум години во пустината, и дека за тоа време нејзината облека се искинала, и затоа таа била необлечена. После ова, Светиот Зосим, и ја дал горната облека, и Света Марија откако ја облекла, му го раскажала сиот свој живот. Потоа тие се помолиле заедно, и таа го замолила идната година, повторно да се сретнат, за да и донесе Свети Дарови, односно да ја причести.
Следната година, Светиот Зосим тоа го направил, и откако ја причестил, додека се молеле забележал дека Света Марија, не стоела на земјата, туку дека лебди во воздухот, а исто така, и кога ја минувала реката Јордан, откако се поздравиле, тој забележал дека таа оди по водата како по суво.
Идната година, Светиот Зосим повторно дошол според договорот за да се сретне со неа, но овој пат, тој ја нашол почината, а на земјата било напишано, дека таа починала на први април, во 530 гидина. Преподобната Марија имала напишано: „Земи и чесно погребај го ова тело“.
Така Света Марија Египетска, чиј спомен денес и празнуваме, во оваа Петта седмица од Велигденскиот пост, го завршила својот земен живот на земјата, со кој ни покажува вистински пример на покајница, а ние на нејзиниот свет и непорочен живот, можеме само да се восхитуваме.
Која е поуката од нејзиниот живот за сите нас? Многумина од нас мислат дека светителите, стануваат светители уште со раѓањето од нивните родители. Не браќа и сестри! Светите Кирил и Методиј, тврделе дека и тие се исти луѓе како нас, односно еднакви со нас. Всушност тие многу повеќе се потрудиле и направиле големи подвизи, и токму заради трудот што го направиле, врз нив била многукратно излеана благодатта Божја, како што била излеана и врз Света Марија Египетска. Имено, благодатта Божја е сила Божја, тоа се несоздадени Божји енергии, кои нам ни се предаваат преку Светите Тајни, но и преку подвизите, постот, молитвата, милостината, и другите добродетели кои ние ги практикуваме, согласно со учењето на нашата Света Православна Црква. Токму заради тоа, Светиот Апостол Павле вели: „Се можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи“ (Филип. 4, 13).
Со овие зборови Светиот апостол Павле сведочи, дека не е достоен, да се нарече Христов апостол. Пред да стане христијанин, апостол Павле бил ученик на Гамалиил, и како ревносен евреин ја гонел Црквата Христова, мислејќи дека со тоа прави добро. Но подоцна при неговото гонење на христијаните во Дамаск, кога му се јавил Христос во вид на светлина, и го турнал од коњот, апостол Павле, кој претходно се викал Савле, се обратил кон Христа и го прашал: „Кој си ти Господи? А Христос му рекол „Јас сум Исус Назареецот, Кого Го гониш ти“ (Дела 22, 8). Тогаш апостол Павле браќа и сестри, разбрал дека со гонењето на христијаните, го гони и Христа нашиот Спасител.
Ете, браќа и сестри, токму затоа овој свет апостол говорел дека не е достоен да се нарече Христов апостол, бидејќи ја гонел Цеквата Христова. Но апостол Павле, во своите посланија, исто така кажува дека тој најмногу се потрудил од сите апостли (вид. 1. Кор. 15, 10). Најмногу бил во пост, подвизи, молитви и страдања, а бил исто така и во бури и големи искушенија, па дури трпел и закани за убиство. Затоа апостолот вели дека не тој, туку благодатта Божја, која од Христа му била дадена, го направила тоа.
Така и ние, не треба да мислиме дека луѓето стануваат светители според раѓањето, или дека се од Бога избрани без труд, без да направат напор, без да му возвратат на Христа со вистинската љубов, како што и самиот Христос заради нас пострада, распнувајќи се на Крст, за со својата Света Крв да го откупи човечкиот род, и да го врати во заедница со Бога. Всушност, Христос со Своето славно Воскресение ни покажа дека и ние кои со Него се распнуваме и умираме, со Него ќе воскреснеме и вечно ќе живееме, доколку ги исполнуваме Неговите свети заповеди, бидејќи спасителот вели: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Мат. 7, 21).
Па така денешната светителка, Света Марија Египетска ни покажала вистински пример, дека и најголемата грешница, може да стане најголема светителка, а тоа е потврда и за нас грешните и недостојните, дека и ние можеме да станеме свети луѓе, ако се потрудиме за тоа, односно, ако во текот на годината чесно и достоинствено ги постиме постите. А вистинскиот пост браќа и сестри, е кога ние постиме и телесно и духовно, односно кога се воздржуваме од грешни мисли, помисли и фантазии, кога ги очистуваме срцата од грешни чувства, похоти и страсти, преку ослободување од омраза, завист, одмазда и клевети, и од сè она што е погубно за нашите души.
Па така, овој прекрасен пример во оваа Петта седница од Велигденскиот пост, Црквата ни го дава со намера да не поткрепи и да ни каже: „Еве ви прекрасен пример, ако сакате да се спасите“.
Денеска, браќа и сестри, сме сведоци на сè она што го слушаме преку медиумите и социалните мрежи, дека многу наши млади девојчина, тргнале по овој грешен пат, односно по патот на блудот и развратот. Еве порака до нив, нека го земат примерот на Света Марија Египетска, и нека се вратат во своите домови, во нашите манастири, и нека отпочнат вистински покајнички живит, и нека бараат прошка за своите гревови. Исто така, и ние браќа и сестри, да побараме прошка за нашите гревови, бидејќи и ние сме грешни и недостојни. Затоа, денес собрани во овој свет храм, кој е посветен на Света Петка, која исто така била голема подвижничка, и чиј спомен се прославува повеќе од седумнаесет векови, слично како и на другата Света Петка, која Црквата ја слави скоро еден милениум, односно илјада години, со цел нивните животи и примери да не поттикнат нас, да ги очистиме нашите души и срца, за да можеме да се оправдаме на Страшниот Суд, бидејќи ќе ни биде кажано, имавте прекрасни примери, големи грешници и грешнички, но тие примери на покајници, светители и светителки, вие не сакавте да ги земете за пример, и да започнете да живеете праведен живот. Затоа, ако од сега не почнеме да живееме покајнички живот, ние не ќе можеме да се оправдаме на Страшниот Христов Суд. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар