На 31.03.2019 г., во Третата Недела од Великиот пост (Крстопоклона Недела), кога го празнуваме споменот на Свети Кирил, архиепископ Ерусалимски и Свети Анин Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереј Зоран Димовски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (сп. Марко 8, 34).
Браќа и сестри, се наоѓаме во Третата седмица од Велигденскиот пост, која се именува Крстопоклона Недела, затоа што го изнесовме Светиот Крст од Светиот Престол и го поставивме во средината на храмот, за да се поклониме пред него и од него како од неисцрпен извор, да добиеме духовни сили и Божја благодат, за да можеме остатокот од Велигденскиот пост да го поминеме во мир и покајание, во духовна, душевна и телесна сила, за да го дочекаме најголемиот и најславниот празник, Празникот над празниците – Христовото Воскресение.
Светата Црква, браќа и сестри, како вистинска мајка која се грижи за своите верни чеда, не престанува да се грижи за нив, особено во Велигденскиот пост и да бара начини и средства, како нив да ги поттикне да издржат во искушенијата, во страдањата, болките, маките и во сето она што го одвлекува човекот од вистинскиот живот, а вистинскиот живот, е животот според Светото Писмо, Светото Предание, Светото Евангелие и според учењето на Светите Отци на нашата Света Православна Црква.
Ете токму затоа, ние денеска во оваа Трета Недела од Велигденскиот пост (Крстопоклона Недела) се поклонивме пред Крстот и го слушнавме Светото Литургиско Евангелие, од кое разбравме дека Господ нѐ повикува, да Го следиме, односно нè повикува не со насилство или со закана, туку вели: „Кој сака“, а тоа значи, оној што има желба т.е. Господ остава на нашата слободна волја ние да одлучиме дали сакаме да живееме според Неговите Свети Заповеди, Според Неговото Свето Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, или ќе живееме како што живеат животните, односно неразумните суштества.
Да не заборавиме, дека ние од животните се разликуваме, бидејќи Господ нѐ создал според Својот лик и подобие. Ликот е во нашата душа, која е троедина, како што е Бог Троедин, Отец, и Син, и Свети Дух, а душата има ум, разум и волја. Токму во тој дух е и денешниот повик во Светото Евангелие: „Кој сака да Ме следи“, вели Спасителот, односно не секој, туку само оние што сакаат да врват по Господа Исуса Христа.
Што значат зборовите да се одрече човек од себе? Човек да се одрече од себе значи да се одрече од волјата на неговите телесните желби, од желбите и потребите на телото, како што вели Свети апостол Павле: „Не го вршам доброто, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам“ (сп. Рим 7, 15). Зошто го правиме тоа? Затоа што нè повлекуваат телесните желби, телесните похоти, телесните чувства и телесните страсти, да му угодуваме пред сѐ на телото, кое е помалку значајно од душата, која е од Бога создадена.
Браќа и сестри, треба да разбереме дека душата, нема исти желби и потреби, како што има телото. Желбите и потребите на душата, се спротивни од потребите на телото.
Исто така, слушнавме денеска во Светото Евангелие дека се вели: „Кој сака душата своја да ја сочува, тој ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене и заради Моето Евангелие, тој ќе ја спаси“ (сп. Марко 8, 35).
Веднаш се поставува прашањето, да не е ова некако обратно од она што го кажавме, како може некој душата, која сака да ја сочува, да ја загуби, а оној што сака да ја загуби, да ја спаси.
Токму во тоа е и суштината на нештото, зашто душата која сакаме да ја сочуваме, е приврзана за телесните и материјалните богатства, за земните нешта и за она што е преодно. Душата која се приземјила, браќа и сестри, треба да се намрази, за да се засака другата, вистинската душа, а вистинската душа, нема потреба од телесни, материјални и животни наслади.
Ние, не треба да се грижиме за телото, зашто Господ рекол дека телото е помалку важно од душата, а ние за жал, повеќе се грижиме за телото, отколку за душата. Душата, има потреба од молитва, пост и покајание. Најдобра можност за вистински пост, за вистинско покајание и за вистинска молитва, се токму Велигденските пости, зашто тогаш ние прво телесно постиме, но истовремено и духовно.
Што значи телесно да постиме? Тоа значи, се воздржуваме од јака телесна мрсна храна и жестоки пијалаци, со цел да Му угодиме на Бога, односно да дадеме предност на духот и душата, не заради нешто друго, току затоа што кога телесните снаги и сили ќе почнат по малку да нè напуштаат, тогаш духовните сили, односно духот човечки крепнее и станува сè посилен и посилен. Тогаш до израз доаѓа духовната храна, односно учењето на нашата Света Црква, читањето на Светото Писмо и на Богоугодните книги. Тогаш до израз доаѓа нашата размисла за Бога, нашата мисла дека ние, не сме вечни на овој свет, на земјата, туку дека еден ден ќе умреме и ќе треба да дадеме одговор за нашиот живот на земјата, на Страшниот Суд, за потоа вечно да живееме со Христа нашиот Бог и Спасител, Троичниот Бог, Мајката Божја, Ангелите и Сите Свети, или недај Боже, ако тоа не го заслужиме, ако не и угодиме на нашата душа, во смисла за духовна храна, тогаш ќе се најдеме во вечната геена, во вечниот оган со сатаната и неговите ангели (демоните).
Затоа се вели дека треба да се одречеме од себеси, од нашата волја за телесниот живот, за телесните и материјални уживања, наслади и потреби и.т.н., а да ја прифатиме Божјата волја.
Што значи тоа да го земеме својот Крст? Земањето на Крстот е света работа. Тоа значи да ги прифатиме сите животни тегоби, сите животни маки, сите животни страдања, сите животни искушенија, што нам ни се наметнуваат во нашиот живот, а знаеме дека тие се страшни и големи. Честопати, кога врз нас ќе дојде страдањето велиме: „Ете, немаме моќ, снага и сила, да се избориме со искушенијата“. Имено, ако болеста дошла на нас или на некој наш ближен, ние веднаш негодуваме и велиме: „Зошто Господи ни даде болест и тага!“
Да не заборавиме, браќа и сестри, како што вели Светиот апостол Павле, дека Господ никогаш нема да ни даде поголеми искушенија од оние што можеме да ги поднесеме, зашто кога страдаме, кога имаме искушенија, кога боледуваме, тогаш Господ, ако сме смирени, набожни и понизни, ако сме луѓе кои се каеме за гревовите, ќе ни ја испрати Својата благодат. Господ на горделивите им се противи, а на понизните им ја дава Својата благодатта, а благодатта е сила Божја, односно несоздадени духовни енергии, кои ни се даваат за ние да можеме да се избориме со сите искушенија. Па така, да не се плашиме од искушенијата што ни доаѓаат, бидејќи со Божја помош истите можеме да ги совладаме.
Кога ќе се појават семејни искушенија, односно недоразбирања меѓу мажот и жената, т.е. меѓу сопругот и сопругата, ако тие веруваат во Бога и ако се сеќаваат на заклетвата што ја дале кога се венчале, дека и во добро и во зло ќе бидат еден покрај друг и дека никогаш и ништо нема да ги раздели во нивните страдања и искушенија, тогаш благодатта Божја ќе им помогне и тие тогаш ќе се избават од сите тие брачни искушенија.
Искушенијата доаѓаат и кога децата не сакаат да ги слушаат родителите, а за тоа (неслушање) треба да се запрашаат родителите, дали тие ги научиле своите деца правилно да се однесуваат во животот, односно дали од најмала возраст ги учеле како треба да станат добри, како треба да се молат навечер и наутро и дека без молитва не треба да легнуваат и стануваат, седнуваат и стануваат од трпеза, дека секоја работа треба да ја започнуваат и завршуваат со Крстот на челото. Секој од нас треба, не само со збор да ги учи децата, туку и со дела. И ние свештенослужителите треба да ве учиме вас, не само со зборови, туку и со вистинскиот живот и со делата, зашто зборовите можат да поттикнат на добро, но само делата повлекуваат. Светиот апостол Јаков вели: „Вера(та) без добри дела е мртва“ (сп. Јак. 2, 20), па затоа нашата вера мора да биде докажана и со нашите дела. Само така, браќа и сестри, ние ќе можеме да се избавиме од сите искушенија и ќе можеме да го носиме нашиот Крст во нашиот живот и да не негодуваме, за искушенијата кои ни се случуваат во животот, зашто Оној кој допушта да имаме такви искушенија, е Христос нашиот Бог и Спасител, Кој исто така ни ја дава и Својата благодат за да истрпиме и истраеме во сите искушенија на нашиот живот.
Кога Господ вели: „Кој сака да оди по Мене“, Он сака да каже дека ако човек се одрече од себе, од својата човечка волја за земните и материјалните богатства и уживања и ако го земе Крстот свој т.е. страдањата во овој живот, е на вистинскиот пат да го наследи Царството Небесно. Никој од нас луѓето немал поголеми страдања, од Христа нашиот Бог и Спасител, Кој имал безгранична љубов кон човекот, кон човечкиот род, и токму таа безгранична љубов кон човекот, го натерала Христа нашиот Бог и Спасител да дојде на земјата, да се изедначи со луѓето во сè освен во гревот, да поживее со нив и да лекува од секакви болести, како што слушнавме од молитвите на оваа Божествена Василиева Литургија.
Нам, браќа и сестри, сè ни е откриено и дадено од Христа, односно нема никаква тајна. Христос заради нас доброволно бил распнат на Крстот, за да нè избави од гревот и смртта и повторно да нè врати во единство со Бога.
Господ ни рекол, ако сакаме да бидеме вистински христијани и ако сакаме да се спасиме, и да имаме живот вечен, тогаш треба да ги исполнуваме овие две заповеди, „Да го возљубиме Бога со сиот свој ум, со сета своја душа, со сето свое срце, со сета своја помисла и ближниот како себеси“ (сп. Мат. 22, 37-39). А тоа значи дека љубовта кон Бога, не смее да се меша со никаква друга љубов, бидејќи таа љубов, е врвна и совршена и сите ние од Бога сме создадени и кон Бога одиме.
Затоа Господ рекол: „Кој сака повеќе татко или мајка, жена или деца, куќа или ниви или било што, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37), зашто не може човек да рече дека Го сака Бога, а од друга страна, да не го сака својот ближен, зашто е кажано „Не можеш да го сакаш Бога, Кого не го гледаш, а да го мразиш својот брат кого го гледаш“.
Затоа, браќа и сестри, втората заповед е, да го сакаме ближниот како себеси, бидејќи преку љубовта кон ближните, ние можеме да се спасиме себеси, а љубовта кон Бога е непроменлива и таа секогаш треба да биде на прво место.
Па така, браќа и сестри, откако денес сите ние се поклонивме пред Светиот и Животворен Крст, откако на оваа Света Божествена Литургија разбравме дека до крајот на постот друго не ни останува, освен да бараме помош од Бога, особено преку силата на Чесниот и Животворен Крст, Кој е извор на секаква сила за да се истрае во остатокот од постот, преку молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели, на Светиот Јован Пророк Претеча и Крстител Господов, на Светите Апостоли и на Сите Свети, Господ да нè помилува и да нè спаси како добар и човекољубив. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар