На 24.03.2019 г., во Втората Недела од Великиот Пост (Недела на Свети Григориј Палама, кога го празнувавме споменот на Свети Софрониј, патријарх Ерусалимски, Светиот маченик Пиониј и другите со него и споменот на Преподобен Георгиј Синаит, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на јеромонахот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, Горан Кутлешовски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Синко, ти се проштеваат гревовите твои!“ (сп. Марко 2, 5).
Браќа и сестри, слушнавме од денешното Литургиско Свето Евангелие, како Господ, кога бил во еден дом и таму многу народ се собрал, а Он ги лекувал од секакви болести.
Таму, во Капернаум имало и еден фатен човек, односно парализиран, и тој не можел никако да се излекува, а неговите пријатели, кои го сакале многу, одлучиле да отидат и да го однесат парализираниот кај Господа Исуса Христа, за да Го излекува…