На 22.03.2019 г., кога го празнувавме споменот на Светите Четириесет Севастиски Маченици и споменот на Светите Четириесет Битолски Преподобномаченици, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Љупчо Атанасов и Стеван Здравески и ѓаконот Крсте Тасески, отслужи Света Литургија на Претходноосветени Дарови во храмот посветен на нивниот спомен, на Кркардаш, во Битола.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!“ (сп. Мат. 10, 28).
Денес браќа и сестри, прославуваме двоен празник, односно празникот на Светите Четириесет Битолски Преподобномаченици, кому е посветен овој свет храм, и празникот на Светите Четириесет Севастиски Маченици, кои пострадале во Севастија во 320 година, по Христовото раѓање во тело. Овие маченици биле војници во Римската Империја, и се одликувале со силна вера во Спасителот наш Господ Исус Христос.
Имајќи предвид, дека во тоа време Римската Империја била многубожечка, односно дека не верувале во Троичниот Бог, во Отецот и Синот и Светиот Дух, Кој е еден Бог по Божество, а Троичен по лица (ипостаси), туку дека верувале во многу измислени римски богови, како што и Грците, односно Елините во тоа време, што верувале во нивните измислени богови, како што е Зевс и.т.н. Токму заради тоа, тие не дозволувале да се појави некоја друга вера, која што ќе го уништи нивното државно устројство, бидејќи во нивната вера дури и царевите се прогласувале себеси за врвни управувачи, односно богови. На тој начин многумина од римските цареви себеси се прогласувале за богови, бидејќи сакале народот да им биде покорен и во сè послушен.
Самиот народ, браќа и сестри, бил поделен на класи, а царот директно раководел со највисоката класа, односно со војниците и војсководците кои управувале со поробениот народ, кој немал никакви права, и бил подложен да ги извршува сите работи што ќе му биле наложени. Жените и децата биле третирани како робови, и биле продавани, како што стоката се продава денес на пазарите.
Верата во Христа нашиот Спасител проповеда сосема поразлично од многубожечката. Нашата вера проповеда дека ние сме чеда Божји, синови Божји, бидејќи имаме Еден Отец на небесата. Затоа Спасителот Господ Исус Христос рекол: „И никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат 23, 9). Затоа Спасителот Христос, кога ни ја соопштил, и ни ја открил нашата света вера во Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, не научил како треба да веруваме, и како меѓу себе да се почитуваме и сакаме како браќа и сестри. Тоа нешто не можеле да го разберат римските владетели, и затоа секоја појава на друга вера, која ќе проповедала учење како христијанското, веднаш била земана на одговорност, односно се барало од луѓето да се откаже од својата вера, и да ја исповедаат верата на нивните цареви, кои требало ги почитуваат како богови.
Ете овие војници, во Римската Империја, кои биле четириесет на број, биле наклеветени дека се христијани, но сепак тие не се исплашиле, бидејќи знаеле дека ние тука на земјата сме гости, и дека нашето престојување на земјата е времено, и дека порано или подоцна тоа ќе заврши со нашата смрт. На тој начин тие се подготвувале за Царството Небесно и вечниот живот во заедница со Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, со Мајката Божја, светите ангели и сите свети.
Токму затоа тие не се исплашиле од клеветата дека се христијани, туку со храброст пристапиле пред царот Ликиниј, и ја исповедале верата кажувајќи дека се христијани. Тогаш мачителот им се заканил дека ако не се откажат од христијанската вера, од Христа нашиот Бог и Спасител, ним ќе им бидат одземени чиновите. Кандид, еден од мачениците, излегол пред царот и рекол: „Не само чиновите, туку и телата наши сме подготвени да ни ги земете, уништите и убиете, но од Христа нашиот Спасител никогаш нема да се откажеме“. Тогаш биле подложени на големи страдања и мачења. И тие страдања ги поднесувале со силна вера, а маките им биле олеснувани преку силата на Светиот Дух, испратена преку нашиот Спасител Господ Исус Христос. На тој начин тие ги надминале сите мачења и страдања.
Но тука страдањата не престанале, бидејќи потоа тие биле со камења каменувани, а еден од мачителите Ликиниј, кога фрлил камен врз мачениците, нему каменот му се вратил врз лицето, и му ги здробил и искршил забите. Тогаш мачителот се налутил многу, и наредил мачениците да бидат фрлени во замрзнато езеро, бидејќи било зимно време. Но и од тоа мачениците не се исплашиле. За да ги натераат да се соблазнат, мачителите наспроти езерото направиле бања, со цел мачениците да се откажат од верата. Тогаш, за жал еден од мачениците се прелажал од сатаната, и излегол од езерото и влегол во бањата, во која се стопил, како восокот што се топи од огинот. Но еден од многумината стражари кои биле поставени да внимаваат на мачениците, за некој случајно да не излезе од водата, кога видел како од небото слегуваат четириесет венци, кои застанале над главите на мачениците, а само еден венец лебдел во воздухот, бидејќи бил наменет за оној кој се откажал и се стопил во бањата, тогаш стражарот скокнал во езерото и венецот слегол врз неговата глава. На тој начин бројката се изедначила, и повторно мачениците станале четириесет на број.
Утредента мачителите кои мислеле дека тие се веќе умрени, виделе дека се живи ги извадиле од езерото, и им ги прекршиле колената, како некогаш што им биле прекршени колената на двајцата разбојници кои биле распнати заедно со Христа, бидејќи се велело дека при такви мачења, кога ќе се прекршиле колената, луѓето веднаш умирале.
Откако им ги прекршиле колената, мачениците биле фрлени во езерото, за христијаните да не можат да ги земат нивните свети тела (свети мошти), и чесно и достојно да ги погребаат.
Следната ноќ по Божја промисла на месниот епископ Петар, му било јавено во сон, заедно со клирот и верниот народ да оди и да ги соберат, од езерото, телата на мачениците, кои пливале во водата, и да ги погребат чесно и достојно. Ова како што кажавме се случило во 320 година, по раѓањето во тело на Христа нашиот Бог и Спасител.
И еве, браќа и сестри, на овие свети маченици, споменот им е запазен до ден денес, а исто така им се посветени и голем број на цркви и манастири, во целиот православен свет. Тука под православен ја подразбираме и западната црква, односно римокатолиците, бидејќи до 1054 година, Црквата беше една, и сите беа едноверни, а не поделени. Сите маченици до 1054 година, по Христовото раѓање, се слават во нашата света православна Црква, подеднакво како и оние кои се наоѓаат во источниот дел, во таканаречената источна Црква, која била под јуриздикција на Цариградската Патирјаршија.
Исто така, денеска се слават и Светите Четириесет Битолски Преподобномаченици. За нив не би сакал многу да говорам, бидејќи вие многу добро знаете дека во тоа време нашата татковина Македонија, била нападната од Отоманската Империја. Отоманците ги освојувале сите земји на Билскиот Исток, а исто така и на Балканот. Меѓу првите земји кои биле освоени и поробени, за жал биле овие наши простори, бидејќи отоманците, односно муслиманите, не можеле веднаш да го освојат Цариград, кој конечно бил освоен во 1453 година. Тие после битката кај Марица, во 1371 година, продолжиле да го освојуваат Балканскиот Полуостров. Крали Марко , знаејќи дека на отоманците не може да им се даде отпор, бидејќи во борба со нив загинал неговиот татко Волкашин и чичко Углеша, тој прифатил да биде вазал на отоманците, со цел луѓето да не претрпат маки, насилства, убивања, давање данок, рушење на Црквите и.т.н.
На тој начин на Прилеп и прилепско биле поштедени, бидејќи се наоѓале во неговото кнежество, но битолчани, кои не се согласувале да не дадат отпор на Отоманската Империја претрпеле големи несреќи. После шест месеци откако Битола била освоена, се случиле големи насилства, во кои мажи биле убивани, жени и девојки силувани и.т.н. Па така, и овие Свети Четириесет Битолски Преподобномаченици, кои не се откажале од верата, а кои биле триесет и девет на број, биле подготвени да страдаат за Христа. Во житието се говори дека таму имало еден муслиман по име Хасан, кој преведувал при убедувањето на нашите триесет и девет монаси, од манастирот Свети Ѓорѓи, да се откажат од верата. Па така овој преведувач муслиманин, гледајќи ја силната вера на битолските монаси, одлучил да стане христијанин, и да пострада со нив за верата, и заедно да станат Четириесет Преподобномаченици. Тие пострадале, односно биле убиени, тука на оваа карпа, каде што вие палите свеќи.
Овие наши Битолски Преподобномаченици, заедно со оние во Севастија, кои во 320-та година пострадале за верата наша света православна, го прават хорот на мачениците, четириесет плус четириесет, во Царството Небесно.
Веднаш се поставува прашањето: Која беше силата што нив ги натерала во својата младост да ги жртвуваат своите животи? Силата, браќа и сестри, е Божјата сила, односно благодатта Божја која им се дава на христијаните преку светите тајни, но и преку подвизите и силната вера, за преку неа да поверуват и да се одлучат дека побитна од земната Татковина и од земниот град им е Небесната Татковина, Царството Небесно, Небесниот Ерусалим. Тие знаејќи дека таму владее вечноста, говореле во себе, што ќе ни е овој времен живот, зашто повторно ќе дојде време кога ќе умреме. Подобро сега за Христа да умреме, како што и Христос умре за нас, и го положи својот живот, распнувајќи се за нас и заради нашето спасение, и пролевајќи ја Својата света Крв, преку која не избави од гревот и смртта.
Затоа ние треба да му возвратиме со љубов на Христа, и заради нашето спасение и заради љубовта што Он ни ја дал со Своето распнување на Крст, за да не избави од гревот и смртта, и да не воведе во Царството Небесно. А во Царството Небесно сите свети маченици Бог ги прославил заедно со нивните души и тела.
Свети апостол Павле, велел дека не живеел тој, туку дека живее Светиот Дух во него, дека Христос живее во него, дека Света Троица живее во него, па така и мачениците живеејќи за Христа и во Христа, од своите тела направиле храмови на Светиот Дух, и затоа нашата света Црква ги почитува и слави до денешен ден.
Црквата 17 векови ги слави Севастиските Четириесет маченици, а околу 7 векови Битолските Преподобномченици, откако тие ги положиле своите животи за на нас, православните христијани, да ни покажат пример дека и ние треба да ги жртвуваме своите животи за спасение на нашите души и тела.
Од нас во денешно време не се бара таква жртва, бидејќи никој денеска не нè принудува да го положиме својот живот за верата и татковината. Денеска од нас се бара, како што вели Светиот апостол Павле, секој ден да ги распнуваме нашите тела со страстите и похотите, односно да се откажуваме од грешни мисли, помисли и фантазии, од грешните желби, чувства и похоти, од грешните страсти и дела, од клевети, лаги, омраза, одмазда, и сè што е штетно за спасение на нашата душа. Ако го направиме ова браќа и сестри, ние ќе станеме современи маченици, бидејќи се бориме против поднебесните духови, а тоа се ѓаволите, односно ангелите на сатаната. Затоа да се помолиме на Светите Четириесет Севастиски и Четириесетте Преподобни Битолски маченици, за тие да измолат пред Христа нашиот Бог и Спасител, прошка за нашите гревови, просветлување на нашиот ум, очистување на нашите срца од секаква нечистотија, душевна, духовна и телесна, и по примерот на овие Божји угодници и нас да не удостои да го задобиеме и спечалиме Царството Небесно. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар