На 11.03.2019 г., во Понеделникот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Големо повечерие со читање на Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот „Пресвета Богородица“, во Битола.
Ирмос: Видете, видете дека Јас сум Бог, Кој пушташе манна како дожд, и некогаш во пустината од камен вода му изведов на народот мој, со десницата единствена и со крепоста Моја.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
„Убив човек за раната своја, и младич поради една модрица!“- ридајќи јачеше Ламех. А ти не трепериш, о, душо моја, валкајќи го телото и умот, сквернејќи го.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Посака, о, душо, кула да соѕидаш и крепост да изградиш на страстите свои; да не ги спречеше Ѕидателот намерите твои и да не ги обрна наземја лукавствата твои.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
О, како се угледав на Ламеха, кој отпрвин убиец беше, душата како човекот, умот како младичот, а телото како братот свој убивајќи го, како Каин убиецот, со желби сластољубиви.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Пушти Господ некогаш од Господа оган како дожд и ги спали Содомјаните кои со беззаконија Го гневеа. А ти, о, душо, пеколниот оган го запали, во кого луто ќе гориш.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Се ранив, се накажав, еве ги стрелите душмански што ги ранија душата и телото мое. Еве ги крастите гнојни и огнот што ги обвива раните од моите самоволни страсти.
(Од Покајниот канон на Свети Андреј Критски)