На 10.03.2019 г., кога го празнувавме споменот на Светиот Тарасиј, патријарх Цариградски и споменот на Преподобниот Пафнутиј Кефалас, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски и Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Бидете будни и молете се“ – им рече Христос на Своите Свети ученици, а преку нив и нам. Браќа и сести, дојдовме до великиот, велигденскиот пост. Постот секогаш треба да биде пропратен и со молитва. Кога веќе знаеме дека постои духовен и телесен пост, треба да разбереме дека не може постот без молитва. А што е всушност молитвата? Таа е разговор со Бога, и молитвата треба да биде наше постојано ангажирање. Ангажирање на нашиот ум, на нашите чувства и на нашите срца, постојано заедничарење или општење со Бога. Оној кој се моли, тој треба да престане кога се моли да мисли на земните и преодните работи. Како што вели самиот Господ Исус Христос: „А ти кога се молиш влези во својата ќелија и помоли се тајно, а оној што гледа тајно ќе те награди јавно“.
За што се работи и колкава е таа ќелија, браќа и сести, на која не упатува Господ наш Исус Христос? Нашата ќелија е нашето срце, ние треба со нашите мисли кои треба да бидат богоугодни, секогаш треба да бидат упатени кон Христа нашиот Спасител, кон Троичниот Бог – Отецот, и Синот и Светиот Дух. Ние треба да се молиме со умот, браќа и сести, и мислите треба да ги упатуваме кон Бога, но мислите треба да преминат од умот во срцето, зашто мислите само како мисли тие немаат многу значење доколку тие не бидат поткрепени со нашата волја и доколку не бидат тие спуштени од умот во срцето. Зашто кога мислите ќе влезат во нашите срца и ние кога од длабочината на срцето почнуваме да се молиме кон Бога заборавајќи на земниот и материјалниот свет и живот, тогаш веќе сме воспоставиле една врска со Бога, еден вистински разговор со Бога. И ако нашата млитва биде, браќа и сести, чиста од длабочините на срцето и душата, ако тоа не биде само надворешен израз, туку и внатрешен израз тогаш таа и го достигнува своето совршенство, бидејќи таквата чиста и внатрешна молитва постанува и пред Бога вистинско оправдување за она што ние го бараме.
Браќа и сести, треба да знаете дека молитвата наша треба да биде не само чиста и внатрешна, туку таа треба да биде секогаш упатувана кон Бога, во која ние бараме не земни и материјални неша, туку најнапред, како што вели Господ Исус Христос, да го бараме Царство Небеснои неговата правда, а останатото нам ќе ни се даде.
Но, исто така кога ние се молиме треба да разбереме дека има извесни пречки за молитвата наша да биде услишана од Бога. Пречките кои се јавуваат за да биде услишана нашата молитва најнапред се нашите страсти и нашите гревови. Човек кој е обземен со страсти и со гревови, тој не може и да принесе чиста молитва пред Бога. Затоа ние кога се молиме најнапред треба да се подготвиме. А нашата подготовка за молитва е да им простиме на луѓето секаков грев и секакво прегрешение што тие го направиле кон нас, но и да побараме од нив, а и ако немаме можност дирекно, тогаш барем пред Бога тоа да го посакаме дека ние исто така им простуваме на оние кои ни погрешиле, но исто така бараме прошка и од нив за сè што ние сме им згрешиле ним. Затоа и во молитвата Господова Оче наш ние се молиме: „опрости ни ги нашите долговите (или нашите прегрешенија) како и ние што им ги проштеваме на нашите должници (односно на оние кои нам ни згрешиле)“.
Затоа, браќа и сести, не може човек да очекува дека ќе му бидат простени гревовите ако тој, не ги простува гревовите и прегрешките на оние кои му згрешиле. Ете, ние сме Православни христијани во овие наши македонски простори, во оваа наша библиска земја Македонија скоро 2000 години, но, не можеме и денес ние да се пофалиме дека ја практикуваме молитвата, а и постот, онака како што ги практикувале нашите предци, особено во раната Црква, Црквата на првите христијани. Зашто тие, како што читаме во Светото Писмо, најнапред му се предале на Бога, а потоа и на апостолите кои ги поучувале во верата. Но денес е прашањето колку ние сме се предале на Бога, и колку ние се предаваме на нашите учители, и наставници, и свештенослужители? Денеска не може да се замисле во нашата Православна Црква онаков живот, каков што живееле христијаните во раната црква Христова. Зашто тие постојано биле на молитва во храмот Божји кога се принесувале даровите, односно, Божествената Литургија.
А денес еве во Православна Битола, што значи всушност Манастир, во соборниот храм ние имаме многу малку православни христијани, од вкупниот број христијани што припаѓаат на овие парохии во овој соборен храм. Тоа значи дека нашиот православен народ се отуѓил од нашата Православна вера и Црква, во голема мера, и постанал не православен народ според литургискиот живот и животот на Црквата Христова, според Светото Писмо и Светото Предание, туку постанал народ по традиција православен, кој доаѓа само на големите празници, и тоа без да знае и разбере што се случува на Божествената Литургија.
Вие, браќа и сести, кои почесто сте присутни на Божествената Литургија, длабоко верувам дека ги упатувате своите мисли и своите чувтсва кон Бога, и ја разбирате Божествената Литургија, се молите и заедничарите со Бога. Но колку е можно почесто вие треба да доаѓате во храмот и исто така подговени, а тоа значи да ги постите сите пости во текот на годината, да се исповедате, особено во големите пости, а и секогаш кога ќе почувствувате некој поголем грев кој практично ја вознемирува вашата совест и вашата душа.
Затоа и сега, кога почнува Велигденскиот пост, никој не треба да пристапи кон светата Причест без претходно да се исповеда. А исповедта и покајанието што е всушност, браќа и сести?
Признавање пред Бога и пред свештеникот кој е сведок само пред Бога и од Бога добил власт преку нас свештенослужителите – архиереите да отпушта и да задржува гревови.
Затоа, браќа и сести, секој од нас треба во велигденскиот пост да отпочне со метании. Има еден израз во грчкиот јазик кој се вели Метаноија. Метаноија значи промена на умот, менување на умот, менување на животот што сме го имале досегашен, несоодветен на литургискиот живот, на животот според верата наша Ссвета Православна.
И секој од нас, кој ќе го промени својот ум, својот начин на живеење од полошо на подобро, од недостојно на достојно, од несвето на свето, од нечесо на чесно, тој веќе тргнал по правиот и вистинскиот пат. И никој од нас да не се плаши дека ќе постигне максимум совршенство во својот живот преку постојаните подвизи, пост и молитва, но секогаш само преку помошта што ја добиваме од Хрсита нашиот Спасител, троичниот Бог – Отецот, и Синот и Светиот Дух, а преку молитвите на нашата застапничка пред престолот на Севишниот, Мајката Божја – Пресвета Богородица, ангелите и сите свети. Затоа, браќа и сести, еве настапува постот. Постот е воздржување. Да се воздржуваме и ние, браќа и сести, од секакви лоши работи; да се воздржуваат нашите раце од правење лоши работи; и нозете од одење по лоши патишта; да се воздржуваат нашите очи од гледање недостојни и нечисти работи; да се воздржува и нашиот јазик од говорење на недостојни работи зашто јазикот, како што вели нашиот народ, „коски нема – ама коски крши“. И од јазикот, и со јазикот, и од устата излегуваат и благослови, ама илзлегуваат и клетви, затоа што тоа што ние го чувствуваме и од длабочината, од полнотата на нашите срца, тоа го изговара нашата уста и нашиот јазик.
Затоа браќа и сести, кога вече настапува големиот Велигденски пост, ние да отпочнеме да постиме најнапред духовно, но и телесно, но истовремено и постојано да се молиме. И така проштевајќи си еден на друг, да можеме и ние да го задобиеме Царство Небесно кое го приготвил Отецот за сите оние кои го љубат, а тоа е: „што око не видело и уво не слушнало и на ум на човека не му паднало“- тоа Господ го приготвил за оние кои го љубат. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар