Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во придружба на секретарот на Епархијата, протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, го посетија манастирот „Успение на Пресвета Богородица“-Трескавец. Монахот Калист љубезно и со радост го запозна Митрополитот Петар за сите проекти околу обновата на Богородичниот манастир, кој како птицата Феникс повторно се издигнува од пепелта. Низ целиот простор на манастирот, одблиску се забележува, како ова небесно тихувалиште, повторно воскреснува!
Знаците, дека овој манастир воскреснува, се јавуваат уште на влезот на црквата. Според зборовите на монахот Калист, археолошките истражувања потврдија дека, ако некогаш се мислеше дека за манастирската црква се знае сè, сега се покажа дека допрва треба да се анализираат уште многубројни нејаснотии околу архитектурата и фрескоживописот на храмот. Досега непознатите светителски ликови и иконописни композиции, се појавија на влезниот дел на храмот, голем број на градежни елементи од античкиот град во близинита, а вградени во ѕидовите, треба да се доистражат. Навистина археолошките истражувања помогнаа да се ѕирне низ сите фази на растот и развојот на манастирот, кој во својата улога да биде кораб од минливото кон Вечноста, на себе ги носи спомените, на стотиците монаси и подвижници, ктитори, цареви и молитвеници, кои минале низ него. Така благодарение на археолошките истражувања се доби прецизна слика во кој правец треба да се одвива понатамошното санирање на црквата. При реставрорањето на фрескоживописот, плени убавината на Светиот Великомаченик Димитриј, во византиска дворска одежда, со радосен победонсен поглед кон Светиот Престол, а во истиот манир веднаш спороти него стои Светиот Великомаченк Георгиј.
Зафатите кои се решаваат во моментот се: санација на влагата, статиката, подот на храмот…
Но штом е ЖИВО СРЦЕТО на манастирот (ЦРКВАТА), како што во една прилика кажа епископот Климент, жив е и манстирот! Можеше да се констатира и големиот напредок во веќе обновените конаци на манастирот. Митрополитот Петар ги разгледа просториите кои се во фаза на уредување на ентериерот. Од монахот Калист, Митрополитот се запозна за идните фази од реставрацијата на овој манастирски комплекс, кој се издига толку блиско до небото над Пелагонија.
Пресветата Владичица Богородица и Секогаш Дева Марија, да го сочува и укрепи делото на бројните помагачи, украсувачи, мајстори-неимари, за спасение на нашиот народ. Амин!
Подготви: протоѓакон Драган Ѓоргиевски