На 24.02.2019 г., во Неделата на блудниот син, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Власиј, Светиот маченик Георгиј Кратовски и Света Теодора, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на јеромонахот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, Горан Кутлешовски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Браќа и сестри, ја слушнавме денешната парабола изречена од Господа наш Исуса Христа, во која се раскажува за некој човек, кој имал два сина. Како што знаеме, во Светото Писмо сè има преносна смисла, па така и оваа парабола има преносна смисла за сите зборови искажани во неа. Човекот што имал два сина е Бог Отецот, а двата сина според учењето на нашата Света Црква ги претставуваат: постариот син – ангелите (некои од Светите Отци велат дека тоа се однесува на Израилот стариот народ), а помалиот син е човекот или човештвото (а некои Свети Отци велат дека тоа се однесува на незнабожечкиот народ), оние што не знаеле за Бога, а отпосле го примиле Христа нашиот Бог и Спасител за свој Месија.
Понатаму се вели дека помалиот син, го побарал од таткото целиот имот што нему му припаѓа, а тоа се мисли на она што Бог нам ни го дал како имот, тоа е душата што ни ја дал Бог, за која треба да се грижиме постојано, да не ја уништиме и да не ја упропастиме.
Душата е составена од: ум, разум и волја и тоа е огромно богатство. И токму ова богатство било побарано од помалиот син, да не му го чува татко му, татковата грижа, туку со човечкото мудрување, тој да го упропасти сето со својот ум, разум и волја.
Заминувањето од земјата, значи оддалечување од Бога поради гревовите. Не станува збор за место далечно, туку поради грешноста, човекот се оддалечува од Бога, каде и да се наоѓа во светот или некаде во небесните пространства.
И токму овој помал син, се нарекува блуден (што го претставува секој човек што живее неморално, недостојно, нечесно). Блудот е избран, зашто не само што означува валкање, понижување на човечкото достоинство, на телото кое е од Бога создадено да биде храм на Светиот Дух, а не место и живеалиште на сатаната и неговите демони, туку и душата на човекот. Па така, овој блуден син, кој блудно го поминал својот живот и сè што имал (го) упропастил, па сè додека имал богатство, имал и извесни пријатели, односно, сатаната него го презрел и потоа го насочил што треба да прави, немајќи повеќе храна за јадење, зашто ја потрошил и храната, благодатта Божја што му била дадена нему, па така осирмашен духовно, немајќи го Бога во себе, и немајќи ништо чесно и достојно, целосно се предал на сатаната. Како што се вели во параболата, некој човек го најмил во полето да чува свињи; свињите се всушност, нечистотијата на човекот – душевна, духовна и потоа и телесната нечистотија.
Според Свети Кирил Александриски, храната која што ја јадел, била иста со свињите: корења што ги јадат тие, дури и тоа не било во доволна мера, а тоа значи дека, оној што ќе го остави Светото Писмо – Евангелието, Светото Предание, тој останува духовно гладен и има потреба од друга храна. А друга храна се погрешните учења, еретичките учења, учењата на т.н. цркви, протестантски и сите други кои погрешно учат за верата наша Света Православна, за кои Христос вели: „Ако една јота или црта од законот измени – тој најмал ќе се нарече во Царството Небесно.“ Па така најдувајќи се во една таква тешка гревовна состојба, овој блуден син, размислил дека во татковиот дом има многу наемници – слуги, кои имаат изобилно храна, па си рекол: „ќе одам при татковиот дом“, а тоа значи дека, грешниот човек кога ќе се отрезне, освести, кога ќе сфати дека живее грешно и недостојно и посака повторно да се очисти, повторно да се врати во татковиот дом односно во Црквата Божја, и вели: „Ќе појдам во татковиот дом и ќе му речам на татка ми, татко згрешив пред Небото и пред Тебе и не сум достоен да се наречам твој син, затоа прими ме како еден од твоите наемници“. ( Лк. 15, 18-19).
А таткото е Отецот Небесен, Кој кога ќе виде некој грешник да се кае за своите гревови, веднаш го прифаќа. Уште се вели, не блудниот син трчаше кон таткото, туку таткото тргна со раширени раце кон својот блуден син, зашто овој се освести за својата гревовна состојба и посака да биде во зедница со својот татко – Отецот Небесен. И веднаш потоа таткото нареди да му стават чиста облека, прстен на неговата рака, а прстенот значи дека повторно го враќа неговото синовство, односно дека грешникот се вратил во домот Божји, потоа вели да му стават обувки на нозете и тоа е синовстото, зашто слугите во Стариот Завет немале право да носат обувки, туку оделе боси.
Со крштението ние повторно стануваме синови Божји, бидејќи со првородниот грев, нашите прародители Адам и Ева го загубиле синовството, го загубиле рајот, а ете преку покајанието ни се дава можност повторно да се вратиме повторно во татковиот дом, во рајот и во Царството Небесно. Потоа таткото вели, заколете го угоеното теле, па направете, да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде. (Лк. 15, 24) Угоеното теле, браќа и сестри, е Спасителот наш Господ Исус Христос или Јагнето Божјо кое ги зема гревовите на целиот свет и Христос, Кој заради нас и нашето спасение беше заклан, распнат на Крст и ја пролеа за нас Својата Света Крв и преку тоа го избавил човекот од гревовната состојба и повторно го вратил во заедница со Бога. Па така, на секоја Света Трпеза се коле за нас Христос нашиот Бог и Спасител, заради нашите гревови, но и ако сме се покајале, нè очистува и повторно нè прима во својата заедница со Отецот и Светиот Дух, Ангелите и Мајката Божја и Сите Светии.
Потоа доаѓа постариот син и вели, што се случува, а слугите му велат, оној твој брат кој што го потроши целиот имот дојде и татко ти го закла угоеното теле и рече: „да јадеме и да се веселиме“. Рековме дека тоа се ангелите, а некои Свети Отци велат дека тоа е Израилот, кој ја загубил верата кога дошол Христос и барале друг Цар, друг Месија. А исто така, под постар брат се подразбираме и ние православните христијани кои сметаме дека сме почесни и поправедни од сите други грешни луѓе, заборавајќи дека оној што се смета за погрешен, тој повеќе ќе го придобие Царството Небесно, од оној што се смета за достоен, чесен и праведен, зашто Господ рекол: „Не дојдов за праведниците, туку за грешниците“ (Лк.5,32)
Да се помолиме браќа и сестри, Господ да ни го отвори срцето, за да се всади во нас желабта за покајание и повторно враќање кон Него, та и ние да го слушнеме милиот глас на Отецот: Радувајте се и веселете се, оти овој Мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде“ Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар