На 17.02.2019 г., во Неделата на митарот и фарисејот, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Исидор Пелусиот, Преподобниот Николај Исповедник и Светиот маченик Јосиф, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик – Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Секој што ќе се возвиси, ќе биде понизен, а оној кој се смири и понизи ќе биде возвисен” (сп. Лука 18, 14).
Браќа и сестри, оваа Недела е наречена Недела на митарот и фарисејот. Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој е срцепознавач, Кој ги знае нашите срца, нашите чувства, мисли и помисли, ете, тукму заради тоа ја кажал оваа парабола, која е една од најкратките параболи во Светото Писмо, со цел да ја опише и објасни состојбата на луѓето, од кои едни се превознесени, горделиви и надуени, а други се смирени, кои за себе не мислат високо, туку се сметаат за грешни и недостојни. И токму заради тоа, кога Господ ја кажал оваа парабола, рекол: „два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник“(Лука 18, 14) …