Богослужебниот живот во Православната Црква е цикличен. Постојат три богослужбени круга: годишен, седмичен и дневен. Годишниот круг во себе содржи подвижни и неподвижни празници, кои се повторуваат секоја година, а седмичниот кругсе состои од деновите во неделата, кои се посветени на најглавните настани од земниот живот на Спасителот и на најпочитуваните светители. Дневниот круг се состои од девет богослуженија, кои се повторуваат секој ден.
На таков начин, секој од седумте денови во седмицата во Православната Црква е посветен на некој настан или светител. Некои од нив, како на пример, неделата, средата или петокот, посебно се почитувале уште во времето на Древната Црква и нивното значење никогаш не е сменето. Па така, понеделникот е посетен на Светите Небесни Сили (Ангелите), вторникот на – Свети Јован Крстител, средата – на предавството на Спасителот од страна на Јуда, четвртокот е посветен на Светите Апостоли и на Свети Никола, петокот е ден на Крсната Жртва на Спасителот Христос, саботата е ден кога посебно се почитуваат Сите Свети, меѓу кои прва е Мајката Божја, Пресвета Богородица, а исто така, во овој ден си спомнуваме и за починатите. Неделата е – Мала Пасха – ден на Светлото Христово Воскресение, преку кое на сиот човечкиот род му е даден вечен живот.
Понеделникот е посветен на Светите Ангели.
Во понеделник Црквата посебно ги почитува Светите Ангели. Ова почитување се изразува во молитвениот повик кон Небесните бестелесни Сили. На богослужбите во понеделник, звучат молитвословија во кои врениците бараат помош од своите Ангели чувари, а исто така, и од другите Ангели, за да нè придружуваат и помагаат во текот на нашиот живот. Според учењето на Православната Црква, секој православен христијанин има Ангел Чувар, кој му се дава на човекот за време на Светата Тајна Крштение, па одтаму целиот живот на човекот е поврзан со невидливиот ангелски свет.
Вторникот е посветен на Свети Јован Крстител.
Во вторник Црквата ги прославува сите старозаветни праведници и пророци, кои со својата верност кон Бога, го овозможија доаѓањето на Спасителот во светот. Свети Јован Крстител е олицетворение на верност, праведност и аскетизам. Според зборовите на Спасителот, Претечата е „поголем од сите роден од жена“. Основниот подвиг на Свети Јован Крстител е аскезата и служењето на Бога. Истражувајќи го животот на Претечата, секој христијанин ќе види жив пример за следење. Затоа, посветувајќи го денот на светителот, потребно е да го анализираме својот живот и да ги увидиме оние добродетели кои нас нè обединуваат. Ако такви нема, пред нас се наоѓа огромно поле за духовна работа.
Средата е посветена на Чесниот и Животворен Крст Господов.
Во што се разликува овој ден од другите?
Во среда Црквата го завршува молитвеното спомнување на старозаветните настани и светии и почнува со прославување на новозаветните настани. Средата и петокот се денови кога си спомнуваме за страдањата и крсната смрт на Спасителот. Во среда Јуда го предаде Спасителот, па така, со овој ден започнуваат страдањата на Спасителот. Во овој ден посебно се почитува Крстот Господов како орудие на нашето спасение, па токму затоа, потребно е преку целата година да постиме.
Четвртокот е посветен на Светите Апостоли и на Свети Никола Чудотворец.
Во четврток Црквата ги празнува Светите Апостоли, кои преку својата проповед го посејаа Словото Божјо насекаде на земјата. Во овој ден ние го почитуваме и преемникот на апостолите, Свети Никола Чудотворец, Архиепископот Мирликиски, кој е еден од најпочитуваните светители во Православната Црква. Денес во секој православен дом се наоѓа иконата на овој голем Божји Угодник.
Петокот е ден кога ние си спомнуваме за страдањата и Крстната смрт на Спасителот. Во овој ден се пости и Црквата молитвено си спомнува за молитвениот подвиг на Спасителот Христос.
Саботата е посветена на Сите Свети, а прва помеѓу нив е Мајката Божја, Пресвета Богородица. Според традицијата на Православната Црква, на секој христијанин кога се крштева му се става име во чест на некој светител. На таков начин, во сабота оддаваме спомен на Сите Свети и молитвено прибегнуваме кон својот светител, кој е близок до нашето срце и кој нема посебен ден во текот на неделата.
Во овој ден христијаните посебно се молат за покој на душите на починатите православни христијани, спомнувајќи ги своите починати роднини и сите починати од почетокот на светот. Молитвениот спомен за починатите може да се направи во келијните молитви, а исто така, и преку заупокоените Свети Литургии и Панихиди, кои во овој ден се извршуваат во храмовите.
Неделата е посветена на Господа.
Како правилно да го поминеме овој ден?
Неделниот ден – е мала Пасха. Неделата е посветена на Господа и истата се почитува од страна на христијаните уште од апостолско време. Во овој ден, секој православен христијанин треба да го посети храмот Божји и да присуствува на Светата Божествена Литургија. Доколку Воскресението Христово е надеж за сите христијани, тогаш и празнувањето на овој ден е посебно. После богослужбата, најдобро е овој ден да го поминеме во правење на добродетели: да посетиме болни, да им помогнеме на оние кои имаат потреба од помош и.т.н. Исто така, во неделниот ден, потребно е неколку часови од денот да ги посветиме во читање на Светото Писмо. Исто така, во овој ден би било добро да ги проанализираме настаните од изминатата недела (што добро или што лошо се случило во тој период) и да се обидеме да направиме план во однос на духовниот живот, во следните седум дена. На таков начин, суштината на духовниот живот, која се формира преку моралното совршенство и преку учеството во богослуженијата, ќе ни помогне во тешките животни околности да одиме по патот кој води кон Вистината.