На 05.01.2019 г., кога го празнуваме споменот на Свети Наум Охридски; Светите десет маченици на Крит; Свети Нифонт Чудотворец; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во манастирот посветен на Свети Наум, во Битола.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!
Браќа и сестри, денес е голем и спасоносен празник за нашата Света Православна Црква. Денес го славиме споменот на преподобениот отец наш Наум, Охридскиот Чудотворец, човек од нашиот македонски род, кој се родил во Македонија, но не заеме точно во кој крај на Македонија, или во кој дел од нашата земја.
Според мислењето на некои учени луѓе од Црквата, се мисли дека, Свети Климент и Свети Наум, дошле да го проповедаат Евангелието токму во нивните родни краишта, а тоа е околу Охридскиот езеро. Најнапред таму проповедал Свети Климент, Охридскиот чудотворец, кој бил испратен од царот Борис, во најзапуштениот во тоа време крај, каде што нашите луѓе иако крстени, сепак живееле на ист начин како што живееле и безбожниците, бидејќи верата била далеку од нив, поради тоа што им било проповедано на неразбирлив грчки јазик, а тие зборувале на наш македонски јазик. Ним им било потребнa проповед на Евангелието на разбирлив јазик, за нивната вeрa длабоко да се пробуди и да почне да делува во нивните души и срца, преку мајчиниот јазик.
Токму затоа, Свети Климент се нарекува прв словенски, односно македонски епископ, бидејќи до тогаш, на овие наши простори, не се проповедало словото Христово на нашиот мајчин македонски јазик. Откако Свети Климент ја завршил својата мисија како учител, во 893 година станува епископ на Велика, и таму ја продолжува учителската и пастирската дејност. А Свети Наум, го заменил и на брегот на Охридското езеро изградил манастир кој го посветил на Светите ангели, и таму во пост и молитва го ширел словото Божјо. Овој голем угодник, имал големо мноштво на монаси во својата обител, односно во својот манастир, и се мисли дека бројот бил некаде околу триста, а и оние конаци кои денес ги гледаме, кои се изградени врз темелите на старите конаци, секако се потврда за мноштвото монаси во тој манастир.
Свети Наум, браќа и сестри, се прославил како голем подвижник на Црквата Христова. А што правеле подвижниците? Тие најнапред се откажувале од татко и мајка, од браќа и сестри, од роднини и пријатели, но не за да ги нашуштат, туку за да ги имаат поблиску до себе, преку молитвите што ги принесувале на Троичниот Бог, Мајката Божја и Сите Свети. Токму затоа, тие не бегале од народот, туку бегале од вревата, бегале од земните и материјални уживања и наслади, и затоа поблски ги имале и луѓето, и пријателите, и непријатеите, зашто постојано се оддавале на пост, молитва и подвизи, а таков бил и нашиот денешен славеник, Светиот Наум, Охридскиот Чудотворец.
Свети Наум, заедно со Свети Климент и другите Седмочисленици, за време на својот живот се бореле против гордоста.
Што е гордоста, браќа и сестри? Гордоста е кога луѓето себеси се чувствуваат дека се најучени, најпаметни, најспособни, најзначајни, кога ќе ги понижат своите браќа, кога секој ќе го сметаат дека е подолу од нив, односно со други зборови, кога себеси ќе се обожат и ќе се постават на местото од Христа нашиот Спасител.
Гордоста е, браќа и сестри, мајката на сите гревови. Убавината по која луѓето копнеат. Заради убавината се огрешил и најубавиот ангел на светот сатанаил. Тој бил најпрекрасниот ангел, кој се вљубил во својата убавина и се одрекол од Бога, сакајќи да се постави на местото од Бога, односно тој да биди Бог и да ја издигне својата слава на височините и да завладее со светот. Ете, тоа е гордоста.
Гордоста, исто така доаѓа и кога луѓето мислат дека се богати, и дека со богатството сè можат да купат, и сè да стават под своја управа. Гордост се пројавува исто така и кога луѓето мислат дека се многу учени и најпаметни, и сите други ги сметаат за неуки, прости и глупави. Гордост е, браќа и сестри, и кога луѓето се чувствуваат себеси здрави и челични и мислат дека со својата сила можат секого да го понижат и потурнат и над секого да се постават. Гордост е, браќа и сестри, кога луѓето мислат за себе дека се набожни, дека нема од нив понабожни, дека нема од нив поголеми молитвеници, дека нема од нив поголеми верници, односно кога ќе слушнеме некој од нашите браќа да рече: „Јас сум голем верник“, знајте, браќа и сестри, дека таквиот човек паднал многу ниско.
За себе не велеле дека се големи верници, ни Светите Апостоли. Свети апостол Петар, кога Христос направил чудо, кога уловил многу риби, рекол: „Оди си од мене Господи, оти сум грешен човек“. Ете, Свети апостол Петар се сметал за многу грешен човек, а Свети апостол Павле вели: „Не сум достоен да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја“, пред да стане христијанин“ ( Кор. 15,9-10)
Само тогаш, кога ние како овие Свети Апостоли ќе речеме за себе дека сме, нејгрешни од сите луѓе, тогаш сме на правиот пат, браќа и сестри. Сè додека мислиме дека има многу погрешни од нас, дека има многу понедостојни од нас, кога ќе помислиме дека сите се недостојни, а само ние сме достојни, тогаш сме отишле, далеку, далеку во понорите на гревовната состојба. За да се ослободиме од гордоста, треба да го стекнеме смирението. Што е смирението? Од денешното Свето Евангелие, во блаженставата слушнавме дека „блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно“. Кои луѓе се бедни по дух? Беден по дух е секој човек што се смета за најгрешен, најнедостоен и најнечесен. Ваквите луѓе, гревовите на другите луѓе, ги примаат за свои гревови, а исто така и болката на другите ја примаат за своја болка. Кога луѓето ќе почнат да мислат дека секој човек е нивни брат и дека треба да влезат во неговата положба, во неговите страдања, во неговите маки; кога неговата болка, ќе ја направат своја болка, тогаш тие се на правиот пат. Сè додека има гордост, ние ќе ја слушаме Христовата порака до нас дека: „Господ се противи на гордите, а на смирените им ја дава благодатта“. Само оние што се смирени, понижени и кои се сметаат за најнедостојни, тие практично се смирените луѓе. Смирението е мајка на сите добродетели, браќа и сестри.
Како се стекнува смирението? Смирението се стекнува на следниот начин: Постојано да се има на ум мислата за смртта. Светите пустиножителни отци наши Светии Гаврил Леснивски, Свети Прохор Пчински, Свети Јован Рилски, Свети Јоаким Осоговски и сите Свети пустиножителни отци, што ги напуштиле своите земни градови и татковини и своите роднини и блиски, тие, браќа и сестри, имајќи ја постојано во својот ум и во своето срце, мислата за смртта, тие отишле во пусти места. Зошто мачениците оделе во маченичка смрт со радост, пеејќи песни и псалми? Тие оделе, затоа што смртта, за нив била премин од овој земен, материјален, преоден и грешен живот, во оној небесен свет , во Царството Небесно.
Секогаш кога човек мисли на смртта, тој тогаш мора да ги сврти своите мисли и да ги насочи своите чувства кон небесните вредности, а небесните вредности, браќа и сестри, се сите христијански добродетели, почнувајќи од љубовта кон Бога и ближниот, верата, надежта, смиреномудрието и трпението. Човек што не може да истрпи, тој не може да се нарече христијанин. Имаме примери дури и во многубожечки земји како Индија, каде што луѓето иако не се христијани, а тоа гледаме по телевизиските емисии, колку трпеливо ги поднесуваат страдањата. Кога би биле христијани, тие би биле над нас, многу посвети од нас. Ете, од таквите да се поучиме во трпението, а ние не трпиме никого, ни најблискиот, ни оној што ни дава парче леб, а исто така ни Бога не го трпиме, зашто тогаш кога сакаме се да биде според нашите желби, тогаш сме против Бога. Господ знае зошто ни дава страдања, маки и потешкотии.
Смртта, браќа и сестри, односно мислата за смртта е многу корисна. Сите свети луѓе станале свети, вклучувајќи го и денешниот светител кој ни дава прекрасен пример, кој постојано ја имал во себе мислата за смртта.
Да си спомнеме дека мислата за смртта, им била дадена и на првите луѓе во рајот, односно на нашите прародители, Адам и Ева, кои Господ ги поставил во рајот, и им рекол: „Ви поставувам и еден, страшен ужасен стражар, мислата за смртта, оти во тој момент, кога ќе престанете да мислите дека нема смрт, тогаш ќе умрете, односно тогаш кога ќе земете од забранетиот плод, кој ќе биде последица за смртта, тогаш и ќе умрете“.
Сатаната кога помислил дека тој е Бог и дека нема умирање за него, тогаш умрел духовно. И нашите прародители Адам и Ева умреле духовни, кога им ветил сатаната, по кажувањето на Ева, дека Господ ни рече да не јадеме од забранетиот плод, оти кога ќе вкусите ќе умрете. А сатаната ги советува обратно, нема да умрете, но ќе станете Богови. Ете, желбата да не се умре, односно да се биде Бог, заборавајќи дека не умирале и биле богови по благодат пред тоа во Рајот, а кога ја заборавиле мислата за смртта, нашите прародители умреле. Потомствата од нив наваму, до крајот на светот, ја повторуваме истата грешка.
Сите забораваме на смртта и се однесуваме како дека ќе вечно да живееме тука на земјата.
Кога ќе дојде смртта, ние и кон неа се однесуваме неодговорно. Ние брзаме покојните што побргу да ги погребеме, но не се молиме за покој на нивните души и не даваме милостина на сиромаси и сираци и на оние кои имаат потреба од тоа. Ние ништо добро не правиме за покојните, односно не правиме ништо за спасение на нивните души, а тоа значи дека и нам ќе ни се случи истото од нашите потомци и нашите поколенија.
Затоа, браќа и сестри, кога ќе ги знаеме овие нешта дека мислата за смртта треба да биде постојано присутна кај нас и да не заборавиме дека тука близу е и нашата смрт. Порано или подоцна како што вели Свети апостол Павле, човекот еднаш мора да умре, а потоа веднаш суд. Прво настапува времениот суд, по четириесеттиот ден, каде на човечката душа и се определува, времено блаженство или времени маки, а потоа доаѓа Страшниот Суд, кога конечно ќе биде определено за секој од нас, дали вечно ќе бидеме во блаженство со Троичниот Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух, Мајката Божја, Светите Ангели и Сите Свети, или не дај Боже на другата страна со сатаната во вечните маки и вечниот оган.
Ете, во тој дух, сакам и да укажан на тоа, дека за прекрасен пример го имаме Светиот Преподобен отец наш, Наум Охридски, кој ни дава прекрасен пример дека ние треба да се грижиме пред сè за нашите души, правдата, и Царството Небесно, а останатото ќе ни се додаде.
Да се помолиме на Свети Наум, да ги поткрепи нашите души и нашите срца, да ги очисти срцата од секаква нечистотија, како што ја очистил и својата душа, па на тој начин и ние ако сакаме да се спасиме, треба да се бориме да ги здобиеме небесните добродетели, љубовта, верата, надежта, трпението и сите други, браќа и сестри, преку кои се здобива Царството Небесно. Амин! Нека е честит празникот и за многу години, и нека е честито името на оние што го носат името на Свети Наум!