Пред создавањето на видливиот свет и човекот, Бог го создал невидливиот свет, духовниот. „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мој. 1, 1). Под небо, тука Светите Отци го подразбираат небесниот свет, кој се наоѓа блиску до Бога и кој е населен со бестелесни духови – Ангели. Духовниот свет е невидлив за нашите телесни очи. Ние живееме во ограничен тридимензионален простор, а нематеријалниот свет, можеме да кажеме, дека се наоѓа во некоја друга димензија, тој свет делумно им се открива на Светите подвижници, кои со својот живот се приближиле до Бога.
Светото Писмо говори за предназначувањето на Светите Ангели: „Нели сите тие се службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението?“ (Евер. 1, 14). Назначувањето на Ангелите – е да му служат на Бога и да им помагаат на луѓето во нивното спасение. Светиот свештеномаченик Серафим (Звездински) пишува за способностите и својствата на Ангелите: „Како бестелесни духови, Ангелите не го знаат ни нашиот простор, ни време; нашите начини на движење, кои се поврзани со многу напори и тешкотиии, ним не им се непознати. Ангелите летаат и се движат со голема брзина: Ангелот сега е на едно место, а за миг – на друго; за Ангелите не постои, ни ѕид, ни врата, ни брава “. Тие, – учи Свети Григориј Богослов, – слободно се движат околу великиот Престол, бидејќи се брзодвижечки умови, пламен и Божествени духови, кои се движат по воздухот“. Тие минуваат и низ затворени врати, а гледаат и низ ѕидови, и никаква тврдина (највисока и непристапна), не може да го ограничи нивното летање. На своите брзи крилја, Ангелите незапирливо летаат: пред шумот на нивниот дух (вид. Дан. 14, 36), како дим, исчезнува секој простор.
Во духовната литература зборот Архангел и Ангел, се употребува со две значења – приватно и општо.
Како прво, во библиските текстови Ангелите – се духови, односно Божји гласници (весници) на луѓето. Зборот ангел, од грчки така и се преведува – гласник (весник). Овој збор се однесува на сите Небесни бестелесни Сили. Од тука е изразот – целиот ангелски свет. Во грчкиот јазик зборот архи значи почеток. На таков начин, Архангелите – се врховни Ангели, началници над сите ангели (види.: Јуда гл 9; 1. Сол. 4, 16). Според учењето на Црквата, постојат осум Архангели: Архангел Михаил (ова име значи кој е како Бог), Гавриил (сила Божја), Рафаил (помош Божја), Уриил (Бог – е моја светлина), Салатиил (молитва кон Бога), Јеремил (Божја височина). Кон Архангелите се присоединуваат и Јегудил (похвала Божја) и Варахил (благослов Божји).
Како второ, зборот Ангел и Архангел, во своето дело за „Небесната ерархија“ го употребува и Псевдо Дионисиј Ареопагит, но во друго значење – кога говори за деветте ангелски чинови. Според Свети Дионисиј, небесната ерархија има три степени, а во секој степен има по три чина:
– Серафими, Херувими, Престоли;
– Господства, Сили и Власти;
– Начала, Архангели и Ангели.
Архангелите, кои го составуваат осмиот чин, се повисоки во однос на деветтиот чин – Ангелите.
Некои духовни опити не убедуваат, дека човекот при својот живот го придружуваат два Ангела, еден од нив – е Ангелот Чувар. Двата Ангела се појавуваат и во моментот на смртта. Ученикот на преподобниот Макариј Александриски (умрел во 395 година) раскажува: „Кога ние одевме по пустината, јас видов два Ангела, кои го придружуваа Свети Макариј, – еден од десната, а друг – од левата страна“. Во житието на преподобен Василиј Нови, светител од X век, се опишува искуството на минување на духовните митарства од страна на Света Теодора. Таа раскажува: „Откако целосно изнемоштив, видов како ми се приближуваа два Божји Ангела во форма на прекрасни младичи; лицата им беа светли, очите исполнети со љубов, косата им беше бела како снег, и блескаа како злато; облеките им беа светли како молња, а на градите беа крстообразно препојасани со златни појаси“. Кон крајот на XIX век во Русија била направен опит за многучасовното пребивање на душата надвор од телото. К. Икскул, автор на книгата „Вистински настан, неверојатен за многумина“, исто така, говори за два Ангела: „И така, што понатаму се случи со мене? Докторите излегоа од одделението, двајца болничари стоеја и зборуваа за проблемите во врска со мојата болест и смрт, а старата дадилка (медицинка сестра), се сврте кон иконата, се прекрссти и гласно ја изговори вообичаената фраза во таквите случаи:
Господ нека му подари Царство Небесно, вечен покој…
И само што ги изговорила тие зборови, мене веднаш ми се јавија два Ангела; во едниот од нив, незнам поради која причина јас го препознав мојот Ангел Чувар, а другиот ми беше непознат“.
Извор: https://pravoslavie.ru