Зошто живее човекот? За смислата на животот, човекот размислувал уште од древноста. Повеќето од луѓето не се задоволни од својот живот и сакаат да го изменат.
Тие ја гледаат причината во недостатоците на земните добра, и не осознавејќи го своето слепило, сите свои сили и време го трошат за да ги умножат нив. И колку повеќе ја пијат таа солена вода на световниот живот, толку повеќе ги мачи жедта. Во нашето време на масовно неверие, повеќето луѓе се обидуваат да живеат живот во илузии, односно смислата на своето постоење да ја најдат во земниот живот. Но во светот на конечните реалности, него невозможно е да го најдеме. Математичарите знаат дека било кој конечен број, поделен со бесконечност, е бесконечно мала количина, односно неговата граница е нула. Затоа толку наивни се обидите на неверниците да ја објаснат смислата на нивниот живот. Ако сè исчезне за неколку децении, може ли таквиот живот да има смисла?
Други говорат, дека своето назначување го гледаат во тоа, да остават свој белег на земјата. Обично ваквите изговори, можат да се слушнат од луѓе кои сериозно не се занимаваат со некоја креативност и кои не оставаат вистинска трага. Најпознатите уметници, со сиот свој ентузијазам кон својата работа, многу добро ја разбираат несовршеноста и границите на оваа активност. Големиот математичар и физичар Блез Паскал, две години пред својата смрт, му напишал на математичарот Пјер Фермат, дека тој во математиката не гледа ништо повеќе од занает. Вистинската цел на човековото постоење, според него, може да биде откриена само од вистинската религија: „За да го направи човекот среќен, таа мора да му покаже нему, дека постои Бог, дека ние треба да го сакаме Него, дека нашето вистинско добро – е да пребиваме во Него, и нашата единствена несреќа – е ако бидеме одвоени од Него; дека ние сме полни со темнина, која нѐ спречува да го спознаеме и љубиме Него, и дека, на таков начин, ние не сме целосно во право, кога не ја исполнуваме својата должност да го љубиме Бога, туку се подчинуваме на склоностите на телото. Таа (вистинската религија) треба да ни објасни зошто ние му се спротивставуваме на Бога и на нашето добро; таа треба да ни ги укаже средства на тие немоќи, за истите да можеме да ги стекнеме. Во овој однос, ако ги испитате сите религии во светот, нема да најдете ниту една, освен христијанската, која ги задоволува овие барања„ („ Мисли за религијата“). Во нашево време, сè останува исто. Луѓето кои имаат здраво морално чувство, кои ги постигнале најистакнатите резултати во својата работа, не го гледаат тоа како главна цел на животот.
Ако не веруваме во Бога и во бесмртноста на душата, тогаш човечкиот живот нема смисла, и обратно, верата во Господа, љубовта кон Него, живеењето во заедница со Него, благодарноста кон Него за сè што Он ни дал, го исполнува нашиот живот со смисла, ни дава вистинска радост и полнота на постоењето – бидејќи Бог создал сè за наша среќа. Вистинско, а не привидно значење, има само оној живот, кој нè воведува во вечноста и нè соединува со Бога, односно со единствениот Извор на бескрајната радост, светлост и блажен мир: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11, 25-26).
Нашиот Создател, вложил во човекот потреба да верува во Бога. Тоа опитно се потврдува преку набљудување на децата кои се воспитани во набожни семејства. Целта на човечкиот живот – е вечен живот во заедница со Бога и вечно блаженство во Царството Небесно. За здобивање Небесното Царство, неопходно е познавање на вистинскиот Бог, љубов кон Него и правилна вера во Него, а исто така, и исполнување на Божјите Заповеди. Љубовта кон Бога ние ја стекнуваме преку молитвата и љубов кон луѓето. Свети Јован Богослов, апостолот на љубовта, како што го нарекува Црквата, вели: „кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? “ (1. Јован 4, 20). И повторно: „Кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов“ (1. Јован 4, 8).
Во нашиот земен живот, ние мора да се подготвиме за вечноста. Во вечноста со нас нема да појде ниту славата, ниту богатството ниту кариерата, туку само нашите добри дела, нашата вера и духовно-морална состојба на умот. Сè што ние правиме тука на земјата, е важно само ако во предвид ја имаме вечноста. Верата е извор и центар на целиот религиозен живот на христијанинот. Колку повеќе човек го познава Бога, толку е подлабока и посилна неговата вера.
Човекот, ако уште од раното детство не добил религиозно воспитување, тој истото може да го добие и во поодминати години. За човекот да се воцркови, неопходно е искрено да сака да живее духовно, не ограничувајќи се на земните потреби. Тогаш ќе дојде помошта од Бога. Господ ќе го посее семето на верата, и во душата ќе никне верата. Целта на животот во Црквата, – е да се трудиме над себеси да го негуваме тоа растение, за истото со текот на времето да го донесе својот плод.
Извор: https://pravoslavie.ru