Свет Војник
Пладнето во Солун наликува на пладнињата на сите големи пристанишни градови. Тоа е момент кога вревата се намалува. Есента е украсена со боите на дрвата, а ретките минувачи, ги мами мирисот од рибите во таверните. Од далеку се слушаат сирените на бродовите, кои го поздравуваат градот, заминувајќи на далечни патувања. Одвреме навреме се слуша крикот на галебот, наговестувајќи го југот. Темпото на чекорите по должината на камените тротоари, е сè потивко. А морето и небото, си ги имаат измешано своите бои.
Во црквата Свети Димитриј присуствува тивок полумрак. Неколку жени работат во црквата, движејќи се тивко, како да не го допираат мермерниот под. Ништо не го нарушува мирот во храмот. Пред олтарот, две жени во црно, со молитвен шепот, повремено ги подигаат насолзените очи кон иконата на Спасителот.
Оддадени на своите обврски и молитви, тие не забележаа, кога и како во црквата влезе необично облечен човек, но сите во исто време, станаа свесни за неговото присуство. Ги прекинаа своите молитви и обврски и му излегоа во пресрет.
Тој, измачен, во крвава облека, се упати кон олтарот. Тие се собраа околу него, прашувајќи го дали му треба нешто, кој е, и од каде доаѓа.
Побара вода и рече: „Јас сум од овде, но сега доаѓам од Босна, таму се води борба за Православието!“
Жените се разотидоа. Една од нив отиде по вода, а друга да повика свештеник. Помладата жената во црно, внимателно гледајќи го војникот, го препозна, и како птица погодена во лет, тивко крикна, паѓајќи во безсознание. Постарата се обидуваше да ја освести. Останатите жени стоеја скаменети, без глас, а војникот со облека на византиски војник, пополека се упати кон гробот на Свети Димитриј, и исчезна во него.
Тишината се згусти, остана само благиот мирис на босилек или смирна, не беа сигурни што е, но убавиот мирис сите го почувствуваа.
Жената која отиде по вода, дојде во исто време со свештеникот. Младата жена, кога се освести, клекна пред иконата на Свети Димитриј, и со солзи во очите, се молеше допирајќи го подот со своето чело.
Свештеникот ги запраша жените што се случи. Тие му раскажаа сè за доаѓањето на непознатиот човек, за неговиот одговор на прашањето кој е и од каде доаѓа. Потоа ги запраша како беше облечен, а тие повторно во еден глас рекоа: „Исто како Свети Димитриј на оваа икона.“
На овој одговор, свештеникот направи голема метанија пред иконата на Свети Димитриј, топло и долго молејќи се во небесна тишина.
Подоцна, многу подоцна, свештеникот ни раскажа дека Свети Димитриј последен пат се јавил во 1804 година.
Настанот се случи во Солун пред славата на Свети Димитриј, на 8 ноември 1991 година.
Извор: https://svetosavlje.org