Со зборови си ги упатил народите кон верата божја со делата си се издигнал Преблажене, кон божествен и блажен живот со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон тебе, со знаменија си ја осветил темнината. Заради тоа го славиме твојот божествен спомен, Клименте.
Царевиот престол го претвори во гнездо пустински, о, преподобна гулабице Христова Февронијо, гласот на пустината го стивна звукот на фанфарите, о, ти смирено јагне Божјо моли се за нас од пределите на Божјата слава, за да по твоите свети молитви душата наша се спасува.
Светиот Климент Охридски е свет проповедник на Словото Божјо, Свет философ на Црква Христова, кој на нашиот народ, македонски и на сите словенски народи им беше испратен од Бога за да го благовести спасението на падниот човечки род, повикувајќи го на покајание. Еве и денес, Христољупци, ни блесна светлозарниот спомен на нашиот блажен отец, Свети Климент Охридски, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски господин Петар, во 22 недела по Педесетница, на денот посветен на Преподобните 40 Битолски новомаченици; преп. мч. Лукијан, во храмот Свети Никола во Крушево, се преставија честички од моштите на Светиот Климент Охридски, Света Февронија и Маченици од седмиот век. Бог по молитвите на Светиот отец наш, Климент Охридски, Света Февронија и Сите Свети да не помилува и спаси. Амин!