Моли се на Бога и буди ги луѓето!

Животот е краток и искуството на човекот е ограничено. Должноста на совеста ти вели да го запишуваш она што го гледаш и слушаш, ако истото со текот на времето е способно некому да донесе полза. Еве еден расказ од еден архиереј, кој е достоен да се нарече отец на многумина.

„Еден свештеник сакал да ја промени парохијата. Луѓето не оделе во храмот, и немало од што да живее. „Не умираат, не се раѓаат“, – говорел огорчениот свештеник, имајќи го во предвид недостатокот на треби. На читателот, колку и да му изгледа цинична оваа фраза, цинизмот во неа не е поголем, отколку во медицинскиот или правниот извештај. Со молба за смена на парохијата, свештеникот отишол кај својот епископ. А тој веднаш му дал совет.

Колку, – му говори, – улици има во твоето село?

Свештеникот одговара:

Три.

Постапи така.

Во 12 часот наутро, застани на молитвата и истата не ја завршувај порано од два и пол часа. Читај Псалтир, Евангелие, акатисти – што сакаш. Можеш и поклони да правиш. Но ве молам, да не се молите помалку од два ипол часа. Луѓето во селото во тоа време ќе заспијат и сите светла ќе се изгаснат. Потоа вие излезете и тропајте со стап до најблискиот прозорец и бегајте за да не ве видат. Кучињата ќе залајат, прозорецот ќе светне, луѓето ќе излезат на тремот, а вие веќе треба да бидете далеку. Потоа тропај на другите прозорци и веднаш бегај. Прави го тоа, додека за неколку ноќи не го поминиш целото село.

Свештеникот го прифатил советот, и збунето ветил дека ќе го исполни. Тој се молел и во обиколувал селото, тропајќи ноќе со стап по мрачните прозорци. Епископот му наредил уште еднаш да го обиколи селото, откако претходно ќе се помоли. Свештеникот повторно го послушал апсурдниот благослов, но за кратко време заборавил на него. По седум осум месеци, свештеникот повторно се појавил во епархијата.

Владико, – говори, – не ме преместувајте во друга парохија.

Зошто?

Речиси во секој дом сопружниците очекуваат рожба. За неколку месеци во моето село ќе има толку многу деца за крштевање, колку што не сум крстил во животот!

Ете гледаш, – му одговорил епископот, – колку е важно да го разбудиш човек навреме“.

 

***

Кога јас и другите со мене го слушавме овој расказ, ние на зборот „разбуди“, силно се насмејавме, мислејќи дека приказната заврши. Но не! Оваа приказна, излезе дека има продолжување, поучен заклучок, заради кого сета историја беше изложена. Владиката ја изговори последната реченица: „Твојата задача, оче, е да се молиш на Бога и да ги будиш луѓето!“.

Се разбира, не да ги будиш, само заради тоа, во семејствата да има нова рожба, а во парохијата треби. Луѓето треба да се бидат во духот на зборовите на апостол Павле: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!” (Ефес. 5, 14). Од тешкиот гревовен сон, треба да разбудиме мнгумина крстени луѓе. За да ја исполниме оваа тешка задача, потребни се постојани и долги молитви. Ова е многу блиско на пророчкото служење и на зборовите кои Бог ги изговорил кон Езекил. Свештениците, кои го будат народот, се слични на стражата, која ги буди луѓето со звукот на трубата, кога се приближува непријателот или неприродна непогода. „Ако, пак, стражарот го види мечот што иде и не затруби со трубата, така што народот нема да биде предупреден, тоа тогаш, кога ќе дојде мечот и некому ќе му го одземе животот, тој ќе биде погоден заради гревот свој, но крвта негова ќе ја барам од стражарот. И тебе, сине човечки, Јас те поставив како стражар на домот Израилев: ти ќе слушаш слово од Мојата уста и ќе ги вразумуваш од Мене. Кога ќе му речам на грешникот: »грешнику, ти бездруго ќе умреш«, а ти не му кажеш ништо, не го опоменеш беззаконикот да го остави неговиот пат, грешникот ќе умре за својот грев, но крвта негова ќе ја барам од раката твоја. Ако, пак, беззаконикот си го предупредил, да се врати од својот пат, а тој не се одвратил од патот свој, тој ќе умре за својот грев, но ти ќе ја зачуваш душата своја.“ (Езек. 33, 6-9).

Протоереј Андреј Ткачев

Извор: http://www.pravoslavie.ru