Осма недела по Педесетница – Архиерејска Литургија во Прилеп

На 22.07.2018 г., во Осмата недела по Педесетница, кога го празнувавме споменот на Светиот свештеномаченик Панкратиј, епископ Тавромениски, Светиот свештеномаченик Кирил, епископ Гортински на Крит и Преподобните маченици Патермутиј и Коприј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот Св. Петка во Точила, Прилеп. 

На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

„И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња“ (Мат. 14, 20).

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Државните структури во сите држави денес длабоко се загрижени како да обезбедат прехрана за својот народ и за поколенијата кои надоаѓаат. Во светот не постои држава која нема воведено било какви даноци, со кои се ублажува недостигот на храна и со кои средства се стимулира производството на храна. Се формираат и организации на светско ниво, кои имаат за цел да го надопол­нат недостигот од храна во оние земји, кај кои таа најмногу е потребна. Сепак, и при една ваква глобална организираност во решавањето на проблемот на недос­тиг на храна, сеуште има безброј гладни, сеуште има луѓе кои не можат да си дозволат нормално да поминат и еден ден од својот живот, а да не се соочат со проблемот на личната прехрана. Од друга страна, пак, секој поединец, секој еден кој формирал семејство, прва и приоритетна задача му е да обезбеди храна за своето семејство. На многумина ова им е единствена задача, но за жал, смртта ги прекинува во нивните намери, оставајќи им го овој проблем на него­ви­те наследници. Сепак, добро знаеме дека на земјава постојат идеални услови и огромни пространства кои можат да го решат проблемот со прехраната, но за големо чудо, проблемот никако да се реши. Незадоволството кај луѓето не се пројавува од тоа, дека не можат да го најдат она кое го бараат, туку во тоа што луѓето не го бараат она кое им е најпотребно и кое може, пред сè, да ја задоволи потребата на нивната душа.

За да го разбереме сето ова многу појасно, потреб­но е внимателно да се продлабочиме во содржината на денешното евангелско четиво. Господ Исус Христос се оддалечил насамо со Своите ученици во едно пус­то место за да се моли и да ги поучува апостолите.  Но, каде и да одел, народот Го следел, зашто бил гладен за духовна храна. Околу Него се собрала многуилјадна толпа. Иако бил изморен, Христос се смилувал над нив, зашто тие биле како овце без пастир. Откако ги излекувал болните, кои биле донесени при Него, Он почнал да ги лекува нивните души, кои боледувале од гревовите и од духовното незнање. Народот восхитен го слушал цел ден и бил подготвен да ја слуша Неговата наука и преку ноќта.

На стемнување се приближиле учениците до Него и Му рекле: „Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна“. Спасителот намерно чекал за да види што ќе направат Неговите ученици. Тие биле Негови вистински следбеници, зашто се сожалиле над наро­дот, кој ја заборавил дури и храната, само за да го слуша божествениот Учител. Но, за да им покаже дека без Него не можат ништо да направат, Он им рекол: „Не­ма потреба да одат; дајте им вие да јадат“. Дури и да носеле цел карван со хра­на, апостолите не би можеле да го нахранат народот, зашто само мажи има­ло повеќе од пет илјади, покрај жените и децата. Но, тие немале доволно храна ни за себе си. Апостолите нашле само пет леба и две риби. Тогаш Христос на­ре­дил да му ги донесат. Погледнал кон небото, ги благословил и им ги дал на уче­ни­ците за да ги разделат. И тогаш сите јаделе и се наситиле. По тоа чудесно гош­тевање апостолите „кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња“ храна.

Најпрво што нам ќе ни остави впечаток од овој денешен евангелски расказ, е ревноста, жедта и потребата на народот за духовна храна. Илјадници народ, и од селата, и од малите околни населби, заедно со своите жени и деца, ја оставиле секојдневната работа и тргнале да Го следат Христа по пустите места, каде што Он се повлекол. Можеби некој и ќе рече, па и денес ако дојде Христос меѓу нас, и ние ќе оставиме с# друго и ќе тргнеме по Него. Но, тоа не е точно. Денес многуброен народ се собира по митинзите и пред телевизорите за да ги слуша оние кои ветуваат земна среќа, благосостојба и успех. Но, Христос не е далеку од нас и не е по пусти места. Неговото Слово и Неговата наука и денес се проповедаат. Ако не можеме да најдеме доволно време за редовно да ги посетуваме светите богослужби во храмот, за тоа сме виновни самите ние. Секој може да направи правилна распределба на своето време, па да најде доволно време за наситување со духовна храна. Ако не можеме да одделиме онолку доволно време за својата душа, колку што одделуваме за своето тело, тогаш, барем еден ден од седмицата, неделата, да ја одделиме за да ја нахраниме сопствената душа со единствената духовна храна – Божјото Слово. Но, за огромна жал, ние и за тој еден и единствен ден не се интересираме.

Ако прашаме некој од оние, кои не сакаат да го читаат и слушаат Божјото Слово – зошто не го читаат светото Евангелие, тие веднаш ќе ни речат: „Ние немаме време да се занимаваме со тие прашања; ние сме луѓе кои премногу сме зафатени со други, многу поважни прашања, па времето ни е исклучително важно во посветувањето на земните прашања и во тоа колку повеќе да заработиме за нас и за своето семејство. Ние сме светски луѓе. Библијата нека ја читаат оние кои живеат по манастирите, нека ја читаат свештениците и монасите, а не ние, кои сме премногу зафатени со грижи и проблеми. Тоа не е за нас“.

На овие, кои вака размислуваат ќе им одговориме со зборовите на светиот Јован Златоуст. Што зборуваш ти, човеку? Како тоа да не е твоја работа да го читаш Словото Божјо затоа што си бил зафатен со премногу грижи и светски проблеми? Напротив, токму само заради таа причина ти треба најмногу да го читаш Словото Божјо, а не монасите и свештениците. Зарем монасите и свештениците имаат поголема потреба од Божјата помош, отколку ти, кој толку многу си изложен на соблазни, искушенија и гревови? Монасите се наоѓаат далеку од животните борби и соблазни, затоа тие се здобиваат со помалку рани, а ти си во постојана војна и постојано добиваш рани по својата душа. Според тоа, ти имаш многу поголема потреба од вистинското лекарство. Ти имаш, проблеми во семејството, со сопствените деца, те искушу­ва­ат ближните и пријателите, комшиите ти завидуваат, пријателите ти наште­ту­ва­ат, колегите те лажат, сиромаштијата те измачува, несредените домашни од­носи те загрижуваат, неуспехот те поразува и ти очајуваш… И зарем при толку многу рани врз душата, кои ги здобиваш секоја минута во животот, ти можеш да живееш без лекарството, без Божјата помош, без лек од Словото Божјо?

Уште поважен настан од денешниот евангелски расказ, кој исто така остава длабок впечаток, е фактот дека Спасителот не ги оставил гладни оние, кои претпочитале да Го следат и да ја нахранат својата душа со Неговото слово. Он на чудесен начин ги наситил. И на многу други места во Евангелието Христос нè уверува дека, ако најнапред го бараме царството Божјо, сè друго ќе ни се даде. А ние постапуваме обратно. Ние најнапред ги бараме земните богатст­ва и задоволства, па дури најпосле, ако остане време, патем можеме да помислиме и за царството Божјо. А има и такви кои и целиот свој живот не сакаат да помислат на Бога и Неговото царство, а сакаат да живеат само за овој свет, слично на бесловесните животни.

И денес насекаде се проповеда бесмртното Слово на вечниот живот. И денес Спасителот ни раздава изобилна храна и пијалок за сите, кои имаат потреба од Него. Ако отидеме како оние пет илјади души за да го слушаме Неговото Слово и ако ги исполнуваме Неговите зборови, Он нема да ги остави незадоволени и нашите телесни потреби. Нашиот небесен Отец многу подобро од нас самите знае какви се нашите потреби и колкави се нашите болки. Он е милостив. Иако сме грешни, Он секогаш е подготвен да ни притекне на помош, но потребно е да направиме само еден чекор и да се обратиме кон Него. Затоа, почесто да го бараме, почесто да го слушаме и читаме Божјото Слово, и ако живееме според она што таму ќе го сретнеме, тогаш да имаме во себе цврсто убедување дека Бог ќе ни подари изобилство на храна, како за телото, така и за душата. Амин!

Протоереј Златко Ангелески