— Вие присуствувавте на собирот на православната младина. Каква младина се собра на тој собир во Москва? Тоа делење по возраст – „младинско“ – ми изгледа малку неумешно. Зашто не може да има „сојуз на православни старици“. Во Црквата присуствуваме како еден единствен организам.
— И сепак, Апостол Павле во своите парохии ги разликувал елините од јудеите, слугите – од слободните, им давал различни совети. Разбирате, младите – имаат свои проблеми, кои ги нема кај луѓето од постара возраст, и обратно. Тие имаат различна возрасна психологија. На пример, јас мислам, дека младинското доживување на Православието – е посветло и порадосно. Тука уште се малку насобрани гревови, и душата полесно се откликнува во славословие: „Слава Ти Господи, за тоа што постоиш!“. Во постарите поколенија, сеќавањето на своите гревови, слабости, болести, потреби, не тераат почесто да просиме од Господ нешто: простување на нашите гревови, помош, исцеление. А младината – е слободна од тоа, и во таа смисла, нејзината молитва е понекористољубива. Барем за тоа, со нив треба посебно да се разговара.
Митрополитот Кирил, држејќи говор на тој собир, многу правилно рече: свештениците треба да разберат, дека младиот човек, кој го престапил прагот на храмот (девојка или момче), – тоа е човек, одбележан со печат Божји. Не треба тоа ним да им го кажуваме. Но, самите треба да разбираме, дека ако тој човек избрал да отиде не во дискотека, ни на игранка, а во црква, – тоа значи, дека некоја честичка од младенецот Вартоломеј (идниот св. Сергеј Радонежски) има и во тој човек. Затоа, треба да се радуваме на неговото доаѓање, да го забележиме, да го одделиме од општата маса на парохијани, да му посветиме посебно внимание. Зашто, можеби тоа момче, кое денеска срамежливо го престапило црковниот праг, во очите Божји е веќе свештеник или монах…
Имено затоа што пред младите има многу патишта, и соодветно – многу искушенија, мислам, дека сепак со нив треба да се работи одделно. На крајот на краиштата, нас не нè збунува тоа што има православни детски градинки, православни старски домови, – и не ги мешаме едни со други. Затоа, мислам дека може да има одделни кругови или структури, кои ќе работат имено со младите.
— Како да им објаснеме на школските кои не веруваат, зошто одиме во црква?
– Кога мене ме прашуваат каде е твојот Бог, кој Го видел вашиот Бог и т.н., јас им велам: „Вака, дечки: брзо внимателно погледнете на мене. Што гледате сега?“. Тие почнуваат да шушкаат: „Па, вас ве гледаме“. Јас им велам: нема врска, мене вие не ме гледате. Сега вие гледате само честички од мојот иден труп. Што се чудите? Вие можете да го видите само мојот епителен – површински слој на мојата кожна покривка. Отворете го било кој учебник по анатомија, и таму ќе прочитате дека тој слој на кожата е мртов. Со тек на време, целиот ќе бидам таков. Така што, сега вие го имате сомнителното задоволство да ги набљудувате честичките на мојот иден труп, но притоа, вие поради некои непознати причини, фанатично верувате дека зад тој труп има уште нешто. Така што, вие не ме гледате, но верувате дека јас постојам. Исто така, ние не го гледаме најважното во нашиот живот. Не се гледаме еден со друг, не се гледаме себеси, не Го гледаме Бога. И сепак, заради тие невидливи реалности и живееме, и дејствуваме. Токму заради невидливиот Бог одиме во видливиот храм. Ние Него и таму нема да Го видиме. Но, можеби, Тој ќе се пројави во движењето на она, што е под нашата кожа – во душата. Душата ја посакува таа средба и оди да проси имено за тоа .