На 08.07.2018 г., во Шестата недела по Педесетница , кога го празнувавме споменот на Преподобната маченичка Февронија и Преподобниот Дионисиј; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
„Тогаш Он влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна, во својот град. И ете, донесоа при Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: „Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои!” Тогаш некои од книжниците рекоа во себе: „Овој богохулствува”. А Исус, штом ги разбра мислите нивни, рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: »Ти се простуваат гревовите твои!« или да кажам: »Стани и оди!«? Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови”. Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!” И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се зачуди и Го прослави Бога, Кој им дал таква власт на луѓето“.
Свети Григориј Палам, размислувајќи за денешното Еангелие вели: „Дали сега јасно гледате дека од гревот не потекнува само смртта, туку и болестите и немоќите на телото? Тоа ни го покажува и Господ во Евангелието, кога имал намера да го излекува раслабениот во Капернаум, кој го донеле кај Него четворица, и кога му рекол: „Чедо, ти се простуваат гревовите твои“, нагласувајќи ги почетокот и причината за појавувањето на болеста, и тогаш извршувајќи го исцелението. На оној, пак, што лежел во овчата бања во Ерусалим му вели: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“ И Павле, знаејќи го ова, дека повеќето болести потекнуваат од гревот, зборува за оној што недостојно пристапува кон Светата Трпеза и вели дека таквиот човек си ја јаде и пие сопствената осуда, додавајќи: „Затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат“. Но, и неволјите од смртна природа, од коишто произлегува секоја болест, секако, потекнуваат од гревот. Ретки се оние што страдаат заради славата Божја, како оној што се родил слеп и кој бил исцелен од Господа“.