На 02.07.2018 г., во денот кога го празнуваме споменот на Светиот Јован Шангајски Битолски, во храмот Света Троица, Битола, се отслужи Света Божествена Литургија на која чиноначалствуваше Архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофор Никола Грамбозов.
О голем угоднику Божји, Јоване Архиепископу Шангајски и Санфранциски! Уште додека си бил на земјата, си пројавил дар на чудотворство од Бога даден, заради помош на оние кои се во болест, неволја и тага, во умно растројство и телесна слабост. Со огнената своја вера си ги восхитувал иноверците, со подвигот на постот и молитвата си ги истерувал силите демонски, ревнувајќи заради Христа си ја разобличувал лажната мудрост на овој свет, со своето смирение си достигнал висина на созерцание на Боженствените тајни, недостапни на страсното срце и умот. Стекнувајќи го Светиот Дух во Царството Небеско си влегол од каде и денес им помагаш на оние кои го бараат твоето молитвено застапништво. Знаејќи за неискажливите дарови од Господа поверени заради твојата ревност и смирение, сесрдно ти се обраќаме како деца на својот драг и добар родител. Помоли се на Христа Спасителот наш да ни подари вера надеж и љубов: вера, за да веруваме цврсто и непоколебливо на преданието на Светите Отци откриено од Светиот Дух; надеж, за да се надеваме на победата на Царството Божјо над царството на злото и гревот; љубов, за да Го возљубиме Бога и ближниот свој со сето свое срце и сета своја душа, да не бидеме лицемерни, саможиви и самољубиви. Свети оче Јоване, помоли се на Христа Спасителот наш, да ни подари смирение и трпение: смирение, за да се смириме под силната рака Божја и да не си угодуваме себеси туку на Творецот и Промислителот наш; трпение, за да ги претрпиме до крај искушенијата и неволјите и така да се спасиме и да влеземе во Царството Божјо. Помоли се, свети архипастиру за сите болни, немоќни, раслабени и намачени. За сиромасите, вдовиците, децата без родители. Спомни ги во молитвите сите некрстени, за да се крстат, а сите заблудени и отпаднати од Црквата Православна да се вратат од туѓата земја на ересите и безбожјето, во домот на Отецот Небесен. Спомни си и за наркоманите, блудниците и пијаниците – нека и нив Господ по своето неизмерно човекољубие ги обрати на патот на правдата и спасението, на вистинскиот пат кон Животот вечен. Незаборавај ги и неродените деца кои мајките ги убија во утробите свои и не им дадоа да ја видат светлината на денот Божји; помоли се и за сите оние жени кои во своето безумие наумиле плодот свој да го пометнат – Преблагиот Господ да ги вразуми и од нивната злобна намера да ги одврати! О свети Јоване, добар и мил наш владико, на крајот сети се и на нас недостојните и грешните, измоли ни од Царот Небесен време за покајание, нас неплодните и окаменетите да не не порази гневот Негов праведен, туку да се очистиме од гревот и страстите, да се измиеме со скрушеност и солзи и заедно со тебе да ја прославуваме Пресветата Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!