Пред многу години, само што станав свештеник, ме пратија да служам во старски дом. Таму живееше една стогодишна старица, која после моето прво богослужение таму, дојде при мене и ме запраша: „Отец Антониј, јас од вас барам совет. Ја многу години постојано ја повторувам Исусовата молитва и ниту еднаш го немам почувствувано Божјото присуство. Кажете ми, што да правам“. Јас со радост и одговорив: „Најдете човек, кој е опитен во молитвата, и тој сè ќе ви каже“. Таа ме погледна и одговори: „Знаете, во мојот долг живот, јас имам разговарано со многу луѓе, кои би можеле нешто да ми кажат, но од нив ништо не слушнав и не научив. Здогледувајќи ве вас, си помислив: сигурно и тој ништо не знае, но можеби случајно ќе каже нешто, што мене ќе ми биде од полза“. Јас размислив и решив да ја завземам позицијата на Валаамовата ослица. Се сеќавате на таа историјата, кога еднаш пророкот Валаам, кога сакал да оди на едно не богоугодно место, во неговата намера бил попречен од ангел Господов, со меч во раката, кој тој не успеал да го забележи, но неговата ослица, кога го видела ангелот, се завртила кон Валаам и му рекла: ако сакаш да одиш понатаму, оди сам, бидејќи јас не сакам да умрам од мечот на ангелот… И ете, јас решив: ако ослицата реши да говори, ќе пробам и јас, како ослицата било што да кажам. И ѝ реков на старицата: „што мислите – како Бог може било што да ви каже или да го потврди Своето присуство, ако вие цело време говорите? “ – „А што да правам?“ – „Направете го следново. Утре наутро кога ќе станете, исчистете ја вашата соба, запалете го кандилото пред иконитe, а потоа седнете и гледајте во иконите и кандилото, а исто така и во фотографиите од вашите сакани кои стојат на каминот; земете игли за плетење и волнен конец и плетете во тишина пред лицето на Бога и не се осмелувајте да кажете ни една молитва, само седете мирно и плетете“. Таа ме погледна повеќе со недоверба, отколку со надеж, и си замина. Следната недела, кога отидов повторно да служам, погледнав наоколу, надевајќи се дека нема повторно да ја сретнам. Но таа беше таму!.. После службата таа дојде кај мени и ми говори: „Отец Антониј, тоа што ми го кажавте е навистина така!“ Јас направив сè како што ми рековте. Зедов да плетам, а сè околу мене беше тишина; потоа почнав да ги слушам звуците од иглите, а нивниот звук, како да го продлабочуваше чувството на тишина околу мене. И колку повеќе ја чувствував тишината, толку повеќе чувствував, дека таа – не е само отсуство на шум, туку и нешто друго, односно дека во срцевината на таа тишина, постои некое друго присуство. Наеднаш јас почувствував, дека во срцевината на таа тишина – е Самиот Господ. И тогаш разбрав, дека и кога се молам со зборови, и кога не се молам – Он сеедно е со мене, и јас сум со Него. Он мене ме гледа, а и јас го гледам Него, и така ни е добро заедно. Тука нејзиниот опит се совпадна со опитот на оној обичен селанец од француското село, за кој претходно говорев. После ова, таа знаеше, дека ако сака да се моли и да го почувствува и осознае Божјото присуство, нејзе и е доволно само да замолчи до моментот, додека се пробие низ тој шум од мисли и збунети чувства, кои биле во неа, – и вистински ќе почувствува, дека може да говори со Бога, бидејќи таа стои пред Неговото Лице. Овој момент е многу важен, и сите ние треба на тоа да се научиме. Тоа, што јас го говорам – не го измислив јас: за тоа подробно и многу детално пишува Свети Теофан Затворник.
Митрополит Антониј Сурожски
Извор: http://www.logoslovo.ru