На 24.06.2018 г., во Четвртата недела по Педесетница, кога го празнувавме споменот на Светите апостоли Вртоломеј и Варнава; Светите 222 Кинески исповедници и маченици и Празникот на иконата „Достојно е“; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот Свети Георгиј, во Ресен.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
„А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.” А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: »Оди!« и тој оди; на другиот: »Дојди!« и тој доаѓа; и на слугата: »Направи тоа!« и тој прави.” Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно, а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.” И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!” И слугата негов во истиот час оздраве“.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Многу често се случува да слушам од луѓето: јас се молам, се стремам кон Бога, копнеам да се сретнам со Него – и наместо тоа имам чувство дека Он е далеку од мене, и дека немам вистинско чувство за Неговата блискост…
Денешното Свето Евангелие, не го осудува таквиот однос, туку го отвара нашето срце кон нешто друго. Човекот, односно стотникот кој дошол при Христа, бил во голема мака и очекувал помош од Христа. Неговиот слуга умирал, односно лежел на постела од тешка болест. Стотникот се обраќа кон Христа за помош, а Христос му одговора: „Ќе дојдам и ќе го излекувам”. На овие Христови зборови, стотникот возвраќа: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави“.
Христос, стотникот го става како пример за другите луѓе: ја става неговата неверојатна вера, којa нему му дозволи да рече: не доаѓај, бидејќи не сум достоен, – доволен ми е Твојот збор.
Колку често ние себеси се прашуваме: како треба да живееме? Што треба да направиме? Ако Спасителот Господ Исус Христос застане пред нас и ни рече: Постапувај така … – Дали ние би постапувале; но Он молчи … Он ни го остави нам Неговото Слово, кое е запишано во Светото Евангелие; таму е кажано сѐ што е потребно, за да се измени и преобрази нашиот живот, за сѐ во нашиот живот да стане ново, за нашите патишта да станат Божји патишта. Но ние очекуваме друго откровение, лично. Словото во Светото Евангелие е кажано за сите и се однесува на сите времиња, а ние очекувам лично слово, кое би ги разрешило преку чудо, нашите потешкотии… Но ние тоа слово не го слушаме, иако тоа звучи на секоја страница од Евангелието. Ние за жал таму не се обраќаме, туку говориме: Јас Евангелието го читав одамна, јас го знам Евангелието; мене ми е потребно ново слово, кое би ни го испратил Господ…
Ние треба да се научиме на смирение и послушност, и со понизност да говориме како стотникот: „Господи, не сум достоен, мене ми е доволен Твојот збор кој – оживотворува, и ги разоткрива новите патишта… Така постапувал и Свети апостол Петар, кога тој го видел чудесниот улов на риби и рекол: Господи излези од коработ! Јас не сум достоен, Ти да бидеш со мене!
Ако се научиме на оваа послушност, на оваа вера и понизост, тогаш пред нас сѐ ќе биде откриено, а Бог за нас ќе стане Жив, близок и чудотворен.
Митрополит Антониј Сурожски