Помисли

Тие се полесни од пердув и незабележливи како тивок ветер. Во еден ден може да ги има многу, и да се разновидни, така што е многу тешко да ги следиме, и да дадеме одговор за нивниот квалитет. Говориме за помислите.

Помислите ги имаат сите, и тие не само што се разновидни, туку со текот на времето стануваат безобразни.

Кој ќе ги фати со мрежа како пеперутка? Кој ќе ги изброи, како зрна песок на дланка.

Дали воопшто треба да им обраќаме внимание, или треба веднаш да ги отфрлиме овие помисли, кои како прашина се собираат на влажна крпа?

Во Првото Соборно послание апостол Петар, им напоменува на христијаните за нивниот поранешен живот, за таа морална нечистотија, која тие ја отфрлиле со одбивност: „Зашто доволно е што минатото време на животот го поминавте во вршење волја на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препирање и во нечестиво идолопоклонство. Затоа тие и се чудат што не се дружите со нив во тој ист неуреден живот, и хулат на вас“. (1. Петр. 4, 3-4).

Тука е многу важно, што при набројувањето на похотите, апостолот помислите ги става во исто сродство со најголемите гадости. Ако ние ги класифицираме гревовите, тогаш никогаш нема (ми се чини) да ги поставиме помислите, заедно со тешките телесни гревови. Очигледно е, дека ние до крај не ги разбираме некои принципиелни работи, кои се многу важни.

На пример да го земеме Каин, првенецот на Адам и Ева. Он пред да се крене и да го убие својот помлад брат, бил мачен од немилосрдни помисли. Знаците на оваа внатрешна борба, која Каин ја искусувал, е опишана детално.

„А на Каина и на неговите дарови не погледна милозливо. Затоа Каин се огорчи многу, и лицето му потемне. Тогаш му рече Господ Бог на Каина: „Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!” (1. Мој. 4, 5-7).

„Гревот лежи пред вратите, и те влече кон себеси“, – еве ја таа досадна, непрестајна мисла, која го лишува човекот од спокој, дење и ноќе. Таа сепак е само мисла, но исто така е и грев кој лежи на прагот. Човекот има власт да ја отфрли (речено е: „владеј“). Ако победи таа, а не ти, тогаш гревот е очигледен, и немилостиво ќе не порази во просторот и времето.

Непоправлив грешник, всушност, е човек кој го победила непрестајна мисла. Таа го привлекува вниманието, ползи преку прагот, влегува во срцето и не сака да си замине. На тој начин, патолошки љубоморниот човек, сексуалниот манијак, ненаситниот крадец, луѓето кои вечно се незадоволни од својот живот и оние кои роптаат и завидуваат, се луѓе кои се победени од невидлива борба. И во оваа борба, воопшто не е чудно да се изгуби, бидејќи поголемиот дел од луѓето не размислуваат, дека постои таква борба.

Библиското откровение до цар Давид, малку говори за внатрешниот свет на човекот, а тука спаѓаат и помислите во срцето. Видно е дека човекот не бил способен на таков пресврт во својот живот, да обрне внимание на помислите во себеси. Започнувајќи од цар Давид и неговиот Псалтир, разговорот за тајните на срцето прозвучил, и веќе не можеме да го запреме.

На гревот и претходи мислата, а на постојаното гревовно поведение му претходи сознанието на сиот ментален систем на гревот, кој се наоѓа во внатрешноста на човекот, разгранет како циркулацијата на крвта. За ова откровение ние треба да им благодариме на Јесеј и неговиот татко Соломон. До него, Светиот Дух немал со кого да разговара за толку тенки предмети. Еве примери од псалмите:

„Грешникот го дразни Господа, за многуте негови гревови, вели, дека Он не истражува: нема Бог пред него“ (Псал 9, 24). Во овој псалм уште се вели: „нема да минувам од род во род без зло“ (Псал. 9, 27) и уште: „кога ќе фати, го сплетува во својата мрежа. Се смирува, прилегнува и тогаш бедниот паѓа совладан, па вели во срцето свое: Бог заборавил, го свртел лицето свое за да не го види крајот“ (Псал. 9, 29-31). Односно, ближниот да се одере до гола кожа

Помислите се раѓаат во внатрешноста на срцето. Еве ги помислите на злобната ќерка Вавилонска: „Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Оти во срцето свое вели: Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам. Затоа во еден ден ќе ја сполетаат поразите: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ, Кој ја суди“ (Откр. 18, 7-8).

Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог.” Се развратија луѓето, извршија гнасни дела, нема кој да прави добро (Псал 13, 1). Ова се зборови на безумник, со неотуѓив заклучок во облик на гнасни постапки и изопачени дела. Како што гледаме, Светото Писмо не остава простор за светскиот хуманизам, или за безбожната добрина. Ова е доволно строго. Многу верници се сериозно исплашени од оваа строгост на Себлагиот Бог. За тоа има причина. Кога ние сами би го измислиле Бога, а не Он сам Себе да ни се открива, тогаш би го измислиле како праслика на толерантност. Реалната строгост на Светото Писмо ги збунува нашите лукави намери.

Всушност, тоа не е строго, во однос на огнот, кој го пече Содом. И не е строго во однос на водата која ги потопува сите, освен оние кои се наоѓаат во ковчегот. Треба да претпоставиме дека и во времето на Содом, и во времето на Ное, човештвото имало свои мисловни конструкции. Поточно, тие изгледаа силни, сè додека едните не беа потопени од водата, а другите прекриени од огнот.

Протоереј Андреј Ткачев

Извор: http://pravoslavie.ru