На 22.05.2018 г., кога го празнувавме преносот на моштите на Светиот Николај Мирликиски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Епископот Хераклејски г. Климент, игуменот на манастирот, Архимандрит Никола (Трајковски), архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот Свети Никола, село Манастир, Мариово.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година моштите на Свети Никола беа пренесени од Мир Ликиски во градот Бари во Италија. Тоа се случи заради навалата на муслиманите на Ликија. Светителот му се јави во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповеда неговите мошти да се пренесат во тој град. Во она време градот Бари беше православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на Светителот се случија многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се лееше од нив. На овој ден уште се споменува и чудото извршено над српскиот крал Стефан Дечански, т.е. како Свети Николај му го врати видот на слепиот крал Стефан.