– Отец Владислав, бидејќи почитувањето на светите мошти обично не предизвикува прашања во православната средина, тогаш дали практиката на нивно раздробување на некого може да му се покаже необична. Дали тоа противречи на догмите?
– Воопшто не противречи. Во Древната Црква, во епохата на гонењата, се востановил обичај, Светата Евхаристија да се служи врз моштите од мачениците. После Миланскиот едикт на Светиот Цар Константин, колосално започнал да се зголемува бројот на храмовите, и за да се зачува таа традиција, се појавила потребата да се раздробуваат моштите – со цел, во секој храм, Светата Литургија да биде служена врз свети мошти. Од тука се појавиле антимисите, кои исто така, имаат потпис од епископот и служат како „документ“, односно како потврда, дека свештеникот не ја служи Светата Литургија самоволно, туку со благослов и по волја на епископот. Всушност, токму затоа, канонскиот епископ, ако е неопходно, може да служи Света Литургија и без антимис.
– Дали е важна големината на моштите, кон кои ние се поклонуваме?
– Големината на моштите сама по себе не е важна, но психолошките перцепции на луѓето можат да бидат различни, кога пред нив стојат цели мошти или делови. Бог и преку едните и преку другите дејствува на ист начин, и тоа дејство се нарекува благодат. Моштите, согласно правилата на VII Вселенски Собор, се почитуваат на ист начин како и иконите, а Божјата благодат дејствува преку нив, на ист начин како и преку иконите. При поклонувањето и почитувањето на моштите, пред сè е потребна вера, за Божјата благодат да дејствува преку нив, односно вера во светоста на светителот.
– Зошто многу светители категорично настојувале, дури и на своите ученици им говореле, да ги фрлат после смртта нивните тела на диви ѕверови, или да ги оставт во планина и.т.н. Зошто сакале, местото на нивниот гроб да биде непознато за луѓето?
– Светите, кои барале нивните тела да бидат фрлени на ѕверови, го правеле тоа од големо смирение, сметајќи се себеси како најгрешни од сите луѓе. Ние, ми се чини го набљудуваме, „обичниот“ христијански парадокс: најдобрите христијани, обраќаат внимание не на своите заслуги, туку на своите гревови. Тоа се – „оние, за кои светот беше недостоен “ (Евер. 11, 38), според зборовите на апостол Павле.
– Тогаш зошто христијаните во повеќето случаи не го исполнувале тоа?
– Како прво, христијаните во врска со нив ја исполнувале вообичаената должност за погребување на починатите ближни, а тоа е природно и од световна гледна точка, а не само од црковна. Како второ, во повеќето случаи учениците и следбениците на светите луѓе, ги оставале нивните мошти, за со нив да го прослават Бога, што Он им дал таква личност и за пример на идните генерации.
– Во житието на Свети Димитриј Солунски се говори за тоа, дека светителот бил против да се разделуваат неговите мошти. Еднаш таква забрана добил илирискиот велмож (благородник) Леонтиј, кој сакал да земе делче од моштите на светителот, за да изгради храм во неговото родно место. Во друга прилика, гласниците на Императорот Јустинијан, кога сакале да земат дел од моштите на Свети Димитриј за осветувањето на новоизградениот храм Света Софија, биле попречени во намерата од огнен столб, кој се појавил над ковотот, од кого излегувал глас: „Стојте, и не се осмелувајте“. Како да ги објасниме овие случки?
– Во житијата на светите присуствуваат различни епизоди од нивниот живот, кои се поучни за нас христијаните, но не секогаш и во сите околности. Во нив може да има восхитувачки работи, кои можат да послужат како пример, но само тогаш, кога ние трезвено вникнуваме во настаните и духовната состојба на луѓето, кои се нашле во одредена ситуација. И токму затоа, тоа што ние го знаеме од житието на некој светија, не може да биде правило, кое ќе биде задолжително за секојдневна употреба. Кога говориме конкретно за Свети Димитри и за неговата забрана неговите мошти да бидат разделувани, треба да имаме во предвид, дека тоа разделување на моштите почнало да се злоупотребува, односно се појавила опасност моштите да бидат уништени. Тоа станало духовна опасност, веројатно и за самите христијани, бидејќи тоа избавување на моштите се споменува и во акатистот на Свети Димитриј.
Но тоа не значи, дека ние од таа епизода треба да извлечеме некој универзални заклучок за сите случки во животот, или да донесеме целосна забрана за раздробување на светите мошти на светите. Во секој случај, традицијата за рездробување на светите мошти постои и е одобрена од Црквата.
– Дали се говори во каноните на Православната Црква, било што за светите мошти?
– Да, во 94 правило од Картагинскиот собор. Во ова правило се говори за самоволната изградба на храмови без благослов на епископот. На месниот епископ му се дозволува да ги разруши истите, ако во нив „нема положено никакво тело и честица од мошти на маченици“. Од тука е видно, дека „честиците од моштите на мачениците“, се еднакви според значењето со телата на мачениците, а освен тоа никој не се сомнева и не ги споредува малечките честици од мошти со телата на светите.
– Како се појавила праксата за раздробување на моштите?
– Почетокот на оваа традиција се темели на фактот дека моштите на светите биле разделувани уште при нивната првобитна состојба: светите биле казнувани, нивните тела биле горени, и останувале само коските. На крајот се појавила потребата да се ставаат свети мошти во антимисите и оваа практика станала неизбежна, бидејќи било невозможно сите храмови да имаат цели мошти.
Многу мошти, како на пример, моштите на Свети Сава Српски, биле уништени, некои исчезнале или биле украдени, а тоа особено се случувало после IV Крстоносни поход или во времето на османлиските освојувања. Но почитувањето на светите не може да се прекине заради исчезнувањето на нивните мошти. На мој поглед, уништувањето на моштите или нивното исчезнување, од страна на христијаните треба да се восприема како последица на нашето недостојно поведение.
Тука треба да ја имаме во предвид следнава околност: често ние ја гледаме само надворешната страна од тоа, што се случува во Црквата и светот, но промислителната смисла на настаните кои нам ни се случуваат не секогаш не е откриена. Ние во тие моменти, постапуваме многу самоуверено, кога се обидуваме да ги најдеме длабоките причини за тоа што се случува.
– Вие говорите за разумен, христијански пристап кон телата на светите, а не за тоа како на пример, секоја ситуација при одредена реакција на светиот, за која ние знаеме од неговото житие (или некои легенди за него), да се зема како правило кое ќе се употребува насекаде.
– Токму така. Од одделен посебен случај, ние не треба да создаваме некое општо задолжително правило. За некое дејствие да биде универзално обврзувачко, за него е потребно да се има указ од Црквата. Ние немаме никакви права, да се повикуваме на некакви епизоди од житијата на светите и да ја прикажуваме нивната реакција на нешто што е во задолжителна употреба, не гледајќи ги сите околности, со кој била предизвикана одредена реакција на светителот! Ние немаме никакви права, да речеме, да се повикуваме на епизодата од житието на Свети Никола, кога тој му удрира шлаканица на Ариј на I Вселенски Собор и таа негова постапка ние да ја применуваме, со секој оној кој не се согласува со нас , било да е верник или неверник. Да го направиме тоа, навистина би било многу чудно. Имало многу случаеви, кога таква шлаканица била удирана, да речеме, од „ревност кон верата“, но тоа биле неприлични постапки, кои немале ништо заедничко со светоста!
Уште еднаш ќе напоменам за неопходноста од постојано и трезвено христијанско однесување – кое се однесува и на почитувањето на моштите на светите и воопшто на разбирање на сиот наш живот.
– Во што е разликата помеѓу христијанското и јазичничкото (паганското) поклонување на светите мошти?
– Јазичничките верувања се многу различни. Кај римјаните на пример, немало никакво почитување на остатоци од тела. Во древниот Египет од телата на починатите правеле мумии, а тој обред се совпаѓал со нивното верување во бесмртноста.
Што се однесува во однос на разликата помеѓу христијанското и јазичничкото поклонување, тука во предвид треба да го имаме правилото, кое постои и во однос на почитување на светите канони: ние се поклонуваме на првообразот, односно го прославуваме Бога Творецот, Кој на Своето создание му дава слобода и сила за да го следи Него. Исто така го прославуваме и подвигот на тие луѓе, кои ја примениле таа слобода во целосна мера и ги просиме да земат учество на нашите молитви, за да ни се даде сила да го следиме Христа, односно да бидеме вистински христијани.
Протоиереј Владислав Ципин
Извор: http://pravoslavie.ru